Феминизмот и сексуалната работа

0

Ангели со железна вилица (во оригинал: Iron Jawed Angels) е филм кој зборува за борбата на правата на жените, филм за кој често дискутираме со сексуалните работнички. Секој пат оваа дискусија за жените и борбата за своите права го буди заспаното во сите нас. При еден разговор на оваа тема, силен впечаток ни остави говорот на една сексуална работничка: “Можеби еден ден и за мене ќе снимаат филм. Овде се зборува за борба на жените наспроти мажите, гласни и борбени за своите права. Но, мојата битка ќе биде малку поинаква, жена наспроти жена! Знам дека ќе зборуваат за моите искуства, ќе ме убедуваат дека морам да најдам друга работа, ќе ме убедуваат дека сум експлоатирана, згора на сè и трговија прават со мене. Но, ќе повторам по милионити пат гласно: Јас сум сексуална работничка, доброволно ја избрав оваа професија, ги заслужувам сите права како и било која друга жена!”

Со оваа изјава повторно се отворија истите прашања: Дали сексуалните работнички уживаат исти човекови права како другите жени во ова општество? Ако сексуална работничка пријави насилство од клиент или партнер, пријави дискриминација и вознемирување, ќе добие ли еднаков третман како и останатите жени жртви на насилство и дискриминација?

Секојдневно на социјалните медиуми читаме статии, објави и текстови каде женските организации гласно говорат за правата на жените. Тоа е неопходно, особено во овие времиња кога тешко стекнатите права повторно ни се одземаат (примерот со Полска каде се води битка за абортусот ) или во услови на КОВИД-19 каде најголемиот товар го носат жените. Но дали женските организации и неформални групи се доволно гласни кога се работи за правата на сексуалните работнички?

Феминизмот има за цел да ги зајакне и ослободи жените преку вклучување на нивниот глас и нивните различни искуства во барањата за подобрување на положбата на жената во општеството. Ако феминизмот застапува подобрување на социјалната, економската и политичката положба на жената во општеството, започнувајќи од право на глас, подобрување на работничките права на жената, сексуална слобода и друго, тогаш сексуалните работнички и нивната работа не треба да бидат исклучок. Сексуалните работнички имаат право да добијат заштита при неплаќање на нивната работа, исто како и сите останати работници и даватели на услуги.

Феминизмот што не го одразува гласот на сексуалните работници не е целосен. Не можеме да зборуваме за справување со родово-базираното насилство врз жените, без да го земеме предвид искуството на насилство врз сексуалните работници и работнички. Ако продолжиме да ги третираме сексуалните работници како жртви, ја одржуваме стигмата кон нив, го замолчуваме нивниот глас и нивното искуство го правиме невидливо. Вклучувањето на сексуалните работнички во феминистичкото движење е клучнo за намалување на насилството, стигмата и дискриминацијата кон сексуалните работнички што ќе резултира со подобрување на нивниот статус во општеството.

За жал, дел од феминистичкото движење/феминистките ја осудуваат сексуалнта работа.

Но, неподдржувањето или осудувањето на сексуалната работа од страна на феминистките е во најмала рака „нефеминистички” .

Дел од нив одлучуваат во име на сексуалните работнички и тврдат дека тие ”ги продаваат своите тела”, “се продаваат себе си”, дека сексуалната работа секогаш претставува насилство врз жената и се залагаат за казнување на купувачите на сексуални услуги, мислејќи дека на тој начин ги заштитуваат.
Дали при ова тврдење, феминистките кои сметаат дека сексуалната работа е насилство врз жените за ваквите ставови разговарале и ги прашале сексуалните работнички како се чуствуваат тие и што е најдобро за нив?

Искуството на сексуалните работнички во земјите каде што се криминализираат лицата кои побаруваат и плаќаат за сесуалните услуги, така наречен Шведскиот модел, кажува дека таквото решение доведува до зголемување на насилството врз сексуалните работнички и зголемување на трговијата со луѓе. Наспроти ваквото решение, моделот на декриминализација на сексуалната работа кој ја признава како работа, претставува најдобар пример за унапредување на здравствените и човековите права на сексуалните работници. Со декриминализација на сексуалната работа, сексуалните работници би имале можност за побезбедни услови за работа, можност преку судски постапки да бараат заштита од насилство, дискриминација и злоупотреба и претставува најефикасен модел за справување со проблемот на трговија со луѓе.

Треба да направиме јасна дистинкција меѓу доброволната сексуална работа и трговијата со луѓе и/или сексуалната експлоатација. Сексуалните работнички/ци сами одлучуваат за сопствениот живот и нивните потреби, доброволно одлучиле да се занимаваат со сексуална работа, сами даваат согласност, односно, влегуваат во договорни односи со нивните клиенти, Тие се залагаат за помош и поддршка на жртвите на трговија со луѓе и се борат за елиминирање на сите форми на насилство против сексуалните работници и воопшто против насилството врз жените. Исто како и во сите останати професии, така и во сексуалната работа, има сексуални работнички кои заработуваат повеќе, некои помалку, некои си ја сакаат професијата, а некои во одреден момент одлучиле да ја прекинат или заменат. Сепак станува збор за самостојна донесена одлука.

За крај, да се потсетиме дека сексуалните работнички се меѓу првите феминистики во светот кои ја започнале борбата за правата на жените. И поради тоа да не ги заборавиме и ние нив во борбата за еднаквост.

Елеонора Чичевска и Маргарита Глигуроска

Leave A Reply

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.