Република Северна Македонија, како и повеќето земји во регионот, во последниве 25 години се соочуваше со зголемена употреба на психоактивни супстанции. Во согласност со тоа надлежните институции, вклучително и многубројните граѓански организации, преземаат соодветни мерки за надминување на сите проблеми кои произлегуваат од производството, трговијата и употребата на дрогите. Владата на Република Северна Македонија во 2014 година ја усвои Националната стратегија за дроги на Република Македонија 2014–2020 година, како и Националниот план за активности 2014–2017 година. Во 2018 година се изработи Акциски план за периодот 2019–2020 година и една од предвидените активности во овој план е спроведување на независна евалуација на Националната стратегија за дроги 2014–2020 година. Во согласност со ова, Здружението на граѓани ХОПС – Опции за здрав живот Скопје во рамките на регионалниот грант на Глобалниот фонд за борба против ХИВ/СИДА, туберкулоза и маларија предвиде спроведување на независна евалуација на Националната стратегија за дроги 2014–2020 година. Како резултат на оваа иницијатива и со целосна поддршка на Меѓуресорската комисија за дроги на Република Северна Македонија, како и на Националната фокусна точка за дроги, беше спроведена првата независна евалуација на една национална стратегија за дроги, во конкретниов случај Националната стратегија за дроги 2014–2020 година.
Прочитајте ја целосната “Евалуација на Националната стратегија за дроги на Република Македонија 2014-2020”- ТУКА!