
Што е најважното кога зборуваме за легализацијата на рекреативната употреба на канабисот? Тоа е фактот дека еден црн пазар (директно невидлив за економијата, индиректно видлив, но со мал обем во нашиот случај) ќе се официјализира и ќе се овозможи истиот да стане дел од националната економија. Тоа значи: нови вработувања, нова економска активност и дополнителен даночен прилив за Владата на РСМ.
Процесот на легализација на канабисот за рекреативна употреба, што во превод би значело креирање на правна рамка за рекреативно користење на билката канабис во секојдневната употреба, е тема која е доста интересна за секоја една земја во развој, која сака да креира солидна база за одржлив (економски и социјален) развој. РС Македонија е на добар пат да го постигне тоа.
Важно е да се напомене дека процесот на легализација на канабисот треба да се разгледува како една голема поливалентна област, која има повеќе аспекти, а со тоа и бенифитите ќе се осетат на повеќе нивоа и во повеќе сегменти, и тоа: медицински, правен, социјален и економски аспект.
Денес, 2019 година, во светот е веќе отворен пазарот за продажба на канабис за рекреативна употреба. Примерот на Канада, на Јужноафриканската Република, на Израел, на Уругвај, на Швајцарија, на 10 сојузни држави во САД и на други земји кои се во фаза на дефинирање на соодветно законско решение е доволен доказ дека натпреварот е започнат. Потребна е само здрава визија, силна волја и партиципативен пристап при креирање соодветно законско решение, ништо што не и недостасува на Северна Македонија, како земја која се бори со многу предизвици (еконосмки, социјални, па и здравствени).
Што е најважното кога зборуваме за легализацијата? Тоа е фактот дека еден црн пазар (директно невидлив за економијата, индиректно видлив, но со мал обем во нашиот случај) ќе се официјализира и ќе се овозможи да стане дел од националната економија. Тоа значи: нови вработувања, нова економска активност и дополнителен даночен прилив за Владата на РСМ.
Неодамна македонскиот премиер, Зоран Заев отворено ја повика бизнис заедницата да инвестира во овој нов сектор (производство на канабис за медицински и научни цели), за кој смета дека на Северна Македонија ќе и донесе „ 100 милиони евра прилив„. Македонскиот премиер има многу добар увид во ситуацијата и со сигурност можеме да веруваме дека неговата проценка е добра и дека тоа ќе се случи (но не толку бргу, ова може да се очекува во перспектива од 3 до 5 години). Но вистината е дека овој сектор може и да ја надмине оваа сума по однос на годишен обрт во индустријата. А доколку се направи посериозна анализа на потенцијалните проходи од целокупната легализација на канабисот во РСМ, може да се заклучи дека вкупните приходи би биле и до 3 пати повисоки (во согласност со искуствата од светот, пазарот на медицински канабис е 2 пати помал од пазарот за рекреативна употреба). Но за Северна Македонија е прашање дали ова би важело поради тоа што станува збор за мал пазар и за индустрија која е извозно ориентирана. Можеби најреално е да се земе предвид дека македонскиот пазар за рекреативна употреба во моментов се движи помеѓу 20 и 40 милиони евра (ова е многу произволна и песимистичка проценка бидејќи вклучува претпоставки и за рекреативната и за медицинската употреба).
Повторно да се навратиме на светските трендови. Според Брајтфилд Груп (Brightfield Group), консултантска компанија од Чикако, Илиноис, САД, пазарот на канабис на светско ниво за 2017 година изнесувал 7,7 милијарди долари (6,4 милијарди евра). Овој пазар расте на годишно ниво со стапка од 60% (!!!) и се претпоставува дека во 2021 година ќе достигне вредност од 31,4 милијарди долари (26,3 милијарди евра). Според предвидувањата на Арквју Маркет Рисрч (Arcview Market Research), пазарот на канабис на светско ниво во 2027 година ќе достигне вредност од 57 милијарди долари (47,7 милијарди евра), од кои 2/3 ќе отпаднат на рекреативниот пазар, а 1/3 на медицинскиот пазар. Сите овие податоци укажуваат на фактот дека канабисот е феномен кој во иднина ќе има големо влијание врз развојот на економиите кои ќе решат да најдат начин од него добро да профитираат. Ова посебно се однесува на земји како Северна Македонија, кои имаат идеални климатски и почвени услови и очајна потреба од дополнителни финансиски ресурси.
Самиот процес на легализација е и прилично поливалентен, што значи задира во повеќе сектори. Тие сектори се: земјоделие и рурален развој, правен систем (полиција и правосудство), економија и туризам, здравство и социјална заштита. Сите овие сектори, гледани како засебни системи, ќе имаат одреден специфичен бенифит, но да започнеме со ред.
Легализацијата на канабисот за земјоделието и руралниот развој значи можност за одгледување на нова култура која ќе генерира дополнителен приход со цена која е повисока од која било друга култура. Само за споредба, цената на најквалитетниот канабис во САД (во малопродажба), во 2017 година била од 3 до 20 долари за грам (!!!), додека пак цената на канабисот што се одгледува за проиводство на масло се движи околу 2 до 3 долари за грам!!!
Многу важен момент кој не смее да се заборави е ситуацијата со производството на ориентален тутун. Производството на ориентален тутун во Северна Македонија, како земја аспирант за членство во ЕУ, нема иднина. Зошто? Затоа што ЕУ веќе од поодамна има преземено обврски спрема СТО (Светската Трговска Организација) дека на нејзина територија нема да се сади тутун (при тоа Европската Комисија, нема да го забрани производството, туку ќе ги прекине програмите за субвенционирање на оваа култура). Истата обврска е со цел да им се даде можност на посиромашните земји во развој да го преземат одгледувањето на оваа култура. Од оваа, засега се уште стратешка култура, во Северна Македонија живеат околу 22.000 семејства. Колку побрзо почнеме да ги синхронизираме нашите политики со политиките и директивите на ЕУ, толку побрзо ќе се адаптираме на новите пазарни услови. Но, да не се добие погрешен впечаток, одгледувањето на канабис за рекреативна употреба нема во целост да претставува замена за тутунот. Канабисот може само делумно да помогне во амортизирањето на дел од проблемите кои би произлегле од имплементацијата на заедничката земјоделска политика на ЕУ (посебно во делот за тутун).
Влијанието на легализацијата на канабисот би имало огромен позитивен ефект и врз целокупната економија, а со посебен осврт на туризмот. Ефектите во економијата би се осетиле во делот на добивање нов сектор кој ќе значи отворање на нови компании, нови работни места, креирање на нови парични текови (позитивните ефекти ќе се осетат и во банкарскиот сектор, како зголемена кредитна активност), креаирање на специфична област со ново конкретно знаење и она што е најважно за државата, тоа е собирањето на данок. Во овој дел препорачливо е канабисот да биде оданочен со дополнителна акциза, се со цел државата да може да собере доволно средства за да изгради соодветен државен апарат кој би ја регулирал оваа политика и би овозможил раст на секторот. Овде само би навел еден пластичен пример што може да се прави со новиот даночен приход: сојузната држава Илионис од САД има изработено законско решение со кое целокупниот даночен приход од рекреативната употреба на канабисот е насочена во Државниот пензински фонд, кој не е во најдобра финансиска кондиција. Едно такво решение во Северна Македонија нема да ги реши сите проблеми на нашиот фонд (за пензиско и инвалидско осигурување), но ќе значи некакво олеснување на тешката состојба во која се наоѓа.
Најголемиот позитивен импакт во економската сфера може да се очекува во туризмот. Поливалентноста на ефектите од легализацијата на канабисот најдобро ќе се видат во подсегментите на сместување, на исхрана и на транспорт. Општо познато е дека туризмот е форма на извоз во која производот не мора да ја помине границата, туку консументот сам доаѓа во домицилната земја да го конзумира. Надополнувањето на туристичката понуда со едно вакво специфично искуство ќе има сериозно квалитетно поместување и ќе обезбеди прилив на туристи кои се високо платежно способни. Само како пример би ја навел состојбата со градот Амстердам во Холандина кој претставува синоним за слободно уживање на канабис. Според официјалните статистички податоци за 2014 година, Амстердам го посетиле 5,2 милиони туристи од кои 25 до 30 проценти доаѓаат за непречено уживање во канабисот (тоа е бројка од 1,5 милиони туристи). Имајќи ги во предвид пресметките за дневната потрошувачка на туристите во овој град, која што изнесува 214 евра на ден, се доаѓа до податок дека туристите кои доаѓаат за рекреативна употреба на канабис во Амстердам трошат најмалку 300 милиони евра на годишно ниво (секторот расте со годишна стапка од 5%).
Што се однесува до правниот систем и неговата корелација со канабисот, во овој дел треба да се споменат неколку важни точки. На почетокот треба да се разговара и да се најде соодветно решение за прашањето како Северна Македонија најбезболно да се извлече од обврските кои ги има преземено со потпишувањето на 3 меѓународни конвенции во рамките на Обединетите Нации (со овој предизвик се соочуваат сите земји кои се зафаќаат со имплементација на либерални политики за канабис, но решенија има). Следна точка е партиципативното носење на посебен закон за канабис (lex specialis). И на крајот ги имаме продобивките за полицијата и правосудните органи кои би се однесувале на намалување на работните обврски на државните органи и пренасочување на буџетските средства во под-сегменти од нивното работење каде што се попотребни. Искуствата од светот покажуваат дека во овие државни институции можат да се направат заштеди во висина од 20 до 30% од вкупните буџети.
На крај само би кажал дека: што побрзо се вклучат, што е можно повеќе фактори и учесници во овој процес на легализација на канабисот (државни органи, бизнис сектор, банкарски сектор, наука и граѓански сектор), толку побрзо ќе дојдеме до изнаоѓање на соодветно решение за максимално искористување на сите благодети кои ги носи канабисот.