Едукации

ХОПС посветува големо внимание на потребата за постојана образовна надградба за теми поврзани со дрогите и со сексуалната работа кај донесувачите на одлуки, кај стручните лица, кај здруженија на граѓани, кај луѓето кои употребуваат дроги и кај сексуалните работници. Овие обуки се одржуваат на микрорегионално, на национално и на меѓународно ниво. Покрај обуки за теми поврзани со претежната дејност, ХОПС спроведува и обуки за:

  • Разновидни методи за истражување на општествено-маргинализираните групи/заедници.
  • Методи за застапување  за политики и практики од интерес за општествено-маргинализираните групи/заедници.
  • Заштита и лекување од туберкулоза кај општествено-маргинализираните групи/заедници.
  • Работа со деца и млади од општествено-маргинализираните групи/заедници.
  • Социјален маркетинг и односи со јавност.
  • Активизам, особено за правата и за потребите на општествено-маргинализираните групи/заедници.
  • Демократија и општествена хармонизација.
  • Планирање и раководење на проектен циклус.
  • Стратешко планирање.

Јакнење на капацитетите на здруженијата на граѓани и на неформалните групи

ХОПС учествуваше во изградба на капацитетите на сите 11 здруженија на граѓани што спроведуваат програми за намалување на штетите од употреба на дроги и програми за поддршка на сексуални работници во Македонија, како и на организации од Црна Гора, Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Албанија.

Луѓето кои употребуваат дроги и сексуалните работници добиваат редовни обуки и советувања за застапување за нивните права и за заштита на нивното здравје.

Јакнење на капацитетите на професионален кадар од институциите и носителите на одлуки

Во изминативе дваесет години ХОПС има одржано повеќе од сто обуки за стручни лица кои работат на теми од интерес за работата на оваа организација. Овие обуки ги посетиле преку 500 лица – социјални работници, лекари, психијатри, инфектолози, медицински сестри, психолози, полицајци.

Се организираат и обуки за носители на одлуки од соодветните министерства и од локалните самоуправи, како и обуки за новинари за соодветно известување за темите поврзани со дрогите, сексуалната работа, ХИВ/СИДА и човековите права.

Едукација на студенти и на млад стручен кадар

Едукацијата на младите стручни кадри, пред сè студентите, е посебен приоритет на Организацијата и во таа насока ХОПС развива соработка со повеќе факултети за едукација на студенти преку одржување на практична работа и волонтирање во организацијата. Досега преку 200 студенти имале можност да го збогатат своето знаење во ХОПС.

Една од најзначајните активности за дообразување на високообразувани кадри е Летната школа за зависности која ХОПС ја одржуваше од 2012 до 2016 година. Клучни теми на оваа школа беа: модели на политики за дроги, третмани за дроги засновани на докази, намалување на штетите од употреба на дроги, психосоцијална поддршка и концептот на човекови права за луѓето кои употребуваат дроги. Покрај Летната школа за зависности повремено се организираат школи и предавања за ХИВ, а постои иницијатива и за одржување на школа за сексуална работа.

Студиски посети

ХОПС бил домаќин и има организирано голем број на студиски посети за стручни кадри од државни институции и од здруженија на граѓанин и студиски посети за студенти како од Македонија, така и од Русија, Украина, Белорусија, Казахстан, Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Словенија, Црна Гора итн.

Издаваштво

Својата образовна дејност ХОПС ја збогатува со издавање на бројни публикации, истражувачки студии и прирачници, кои придонесуваат за развој на научната и на практичната работа со општествено-маргинализираните групи/заедници, а за образование на општествено-маргинализираните групи/заедници ХОПС издава брошури со упатства за заштита на нивното здравје.