Од 2012 година ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, во соработка со други организации во Македонија, меѓу кои и Асоцијацијата за здрави животни стилови ПУЛС – Куманово, започна со едукации за туберкулоза и коинфекција на туберкулоза со ХИВ/СИДА. Овие едукации, поддржани од Министерството за здравство на Република Македонија, се финансирани од страна на Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија и се наменети за разни целни групи ранливи на туберкулоза, меѓу кои и корисници на дроги. Како поранешен корисник на дроги и јас бев вклучен како едукатор на други корисници на дроги, што за мене претставуваше голем предизвик.
Првин јас како поранешен корисник на дроги, а сега активист и член на Асоцијацијата за здрави животни стилови ПУЛС – Куманово, бев обучен од страна на доктори од Клиниката за белодробни заболувања и се здобив со сертификат и знаење кое можев да го споделувам меѓу останатите корисници. Голема поддршка беше што Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје обезбеди едукациски пакети, како и едукативни материјали (флаери) што беа еден вид поттик на целната група да дојде на едукациите и да научи нешто повеќе за болеста туберкулоза.
Така започнав да ја едуцирам групата во која и јас самиот припаѓам, што за мене беше еден вид на голема предност за да работам на ова поле. На почетокот многу се трудев за да ме сослушаат добро на обуките и добро да ги едуцирам за туберкулоза. Иако е многу тешко да се навлезе во кругот на корисници на дроги и да им се предава или држи каква било едукација за нешто, јас успеав со тоа што едукациите ги држев во групи од 6 до 10 луѓе и гледав меѓусебно да се познаваат и да не се срамат едни од други. Голема поддршка во сето ова ми беше тоа што ХОПС обезбеди мотивациски пакети и едукативни материјали (флаери). Мотивациски пакети, во кои имаше средства за лична хигиена, витамини и слично, како и флаерите беа поттик за луѓето да присуствуваат на едукациите.
На мое изненадување, интересот за едукациите почна да расне веднаш по првата одржана едукација. Меѓу корисниците на дроги почнаа да се шират гласови дека има едукации на кои може и нешто добро да се научи. Искрено бев изненаден и за нивното интересирање за самата болест бидејќи повеќето од нив или некој нивен близок биле во затвор, а знаат дека таму туберкулозата е една од најчестите болести. Дури имав и конкретен случај на еден учесник на едукациите кој боледувал од туберкулоза во затвор и таму се лекувал. Ги посетуваше едукациите што ги одржував и неговиот пример добро послужи да им објаснам дека болеста не се пренесува така како што мислеа тие, а обично сите мислат дека се пренесува со допир, со користење на ист прибор за јадење, како и ист прибор за инјектирање и слично.
Пред едукациите, корисниците на дроги во Куманово не беа многу запознаени со тоа што е туберкулоза, ниту за коинфекцијата на тубркулоза со ХИВ/СИДА. Мислеа дека тоа е болест од која се умира и за која нема лек. Тоа им беа познавањата со кои располагаа. Со одржување на едукациите заинтересираноста почна да се зголемува. Дури и самите почнаа, покрај едукациите, меѓу себе да споделуваат сопствени затворски искуства, а сето тоа во текот на едукациите кога ке дојдеше крајот на моето презентирање и време за дискусија и прашања.
Мислам дека со едукациите на ова целна група ѝ се помогна, а и сè уште ѝ се помага со споделување информации меѓу самите корисници на дроги за тоа каква болест е туберкулозата и на кои начини се пренесува. Како што наведов претходно на едукациите имав конкретен случај на корисник на дроги кој бил лекуван во затвор и сега успешно се вклопи во општеството. Иако на почетокот, кога излезе од затвор, имаше стигма од одредени луѓе, како и предрасуди дека е болен од туберкулоза, со едукациите на корисниците на дроги докажавме дека се излекувал.
Со едукациите кои ги вршев успеав да им појаснам за туберкулозата, дека болеста се лекува и лекувањето е бесплатно!
Туберкулозата, за жал, сè уште постои, но за неа постојат и лекови – антитуберкулотици – и во Македонија лекувањето е бесплатно!
Роберт Јовановски – Которац
Активист во здружението Асоцијација за здрави животни стилови ПУЛС – Куманово.