Како стигнав од примерно дете, посветено на образованието, семејството и телото, до човек што во ноќта ги мери улиците? Како исчезна чувството на постојана детска радост и интерес за работите и како започна пиењето, пушењето и дрогирањето?
Седев на сепарето како секоја вечер. Не бев човек што танцува, а уште помалце човек што зборува со луѓето. Седев, се обидував да ги гледам девојките како играат и со останатите сили им обрнував внимание на луѓето што ми зборат. Најчесто ме убедуваа да разговарам со некоја или пак ме прашуваа како сум, како ми е. Тие сакаа убаво да ми биде, а за мене секоја вечер беше седење и пиење додека можам да ставам алхохол од шише во чаша. Не знаев на која чаша сум, но сепак секогаш имав полна чаша во раката. Еден од постарите пријатели кому му се восхитував, којшто ќе го наречеме Јане, беше човекот со којшто излегов таа вечер. Му се восхитував бидејќи секогаш беше среќен, со сите се познаваше и сите сакаа да разговараат со него, а најбитно од сѐ, секогаш имаше голем број на атрактивни девојки со него. Скоро година ми беше познаник, често се гледавме во дискотеките, но ова ми беше првата вечер да излеземе заедно. Кога слушна од луѓето за тоа како ми е лошо поради алхохолот, тој дојде, ми ја стави раката околу врат и ми кажа „Имам нешто што ќе ти помогне“. Ја стави раката во внатрешниот џеб и од кожната јакна што секогаш ја носеше извади ќесе со бела прав. Со личната карта состави две линии на неговиот телефон зема една и ми подаде. Не размислив ни момент што правам, ниту го прашав што е тоа и така ја шмркнав првата линија. Многу чудно ми беше во носот, но не кажав ништо, ми направи уште една, ме потапка по рамото, стана и продолжи да танцува во гужвата. Поминаа петнаесетина минути откако ја земав првата линија. Полека почнував да се сомневам во супстанцата што сум ја примил. Се свртев кон Јане и баш пред да му кажам „Што земав? Што ќе ми биде? Кога ќе осетам нешто?“, мојата состојба се промени. Страшната главоболка, потребата за повраќање, матноста, зуењето и целиот свет што се вртеше одеднаш се смири. Како целото тело да ми проработе. Ми стана пријатно, дури малце топло, имав пеперутки во стомакот, мравки ми лазеа по целото тело, срцето почна забрзано да ми чука, а светот се избистри. Почнав работите да ги гледам од трето лице и чувствував огромна еуфорија. Преубаво ми беше. Дури и започнав да разговарам со луѓето без да бидам анксиозен, без да се сомневам во себе, бев самоуверен, социјален, комуникативен и се чувствував големо. По некоја минута станав и почнав да танцувам.
Но, како стигнав од примерно дете, посветено на образованието, семејството и телото, до човек што во ноќта ги мери улиците? Како чувство на постојана детска радост и интерес за работите исчезна и како започна пиењето, пушењето и дрогирањето?
Се разбира, сѐ започна и се случи поради две причини. Алкохол и дрога. Но, пред сè дојде љубовта.
Бев седмо. Тоа беа вистинските среќни години. Бев заљубен колку што може да биде дете заљубено во мојата Сара (така ќе ја видам во текстов). Мојата прва љубов. Таа ми се свиѓаше уште од прво, но конечно во седмо одделение нашата врска започна. Секое искачање беше убаво, секое допишување со смеа и интересно. Тоа траеше додека не започнав со средното образование. Кога тргнавме во средно започнаа караниците. Со кого седиш? Со кого се допишуваш? Читање пораки, карање за глупости, и така цела година, сè додека не одлучивме дека е доста и на крајот на прва, раскинавме.
Бидејќи повеќето од времето го поминував со неа, немав многу пријатели и многу копнеев по врска, по длабок искрен разговор и токму тоа го најдов во алкохолот. Не беше потребно многу време да преминам на цигарите и уште помалку на дрогата. На почетокот само консумирав алхохол, никотин и кокаин. Другите дроги ги гледав како гадни, прљави, евтини, но тоа не ме спречи да собирам лоша навика до лоша навика. Можеби ноќта ми беше забавна, но во училиштето не можев да обрнувам внимание, постојано бев изморен и ги изгубив навиките за вежбање и учење. Она што го стекнав беа навиките за видеоигрите, сериите и филмовите во денот, а дрогата во ноќта. Бев зависник од допамин. Домашните целото време беа загрижени за мене, мислеа дека сум болен, ме шетаа по болници и милијарди дијагнози ми даваа лекарите. Слаба крв, слаб имунитет, слабо железо, камења во бубрезите, настинки, вируси… Некои болести навистина ги имав, некои беа банални дијагнози на лекарите, но со сигурност, сè беше поради супстанците што ги консумирав.
Сепак, ова не беше најлошото. После една година шетање по лекари моите родители дознаа и за мене започна двегодишен пекол на Земјата. Не ме секираше толку многу тоа што му правам на семејството, што си правам на здравјето, што си правам на умот, едноставно беше пекол на Земја бидејќи немав толку пари и слобода. За да се дрогираш требаат пари и место за дрогирање. Место каде што се чувствуваш сигурно, мора да бидеш во позитивна состојба за искуството да ти биде убаво, но за мене тоа веќе го немаше. Кога најмалку очекував знаеја да ми се јават, да ме прашаат каде сум, со кого сум, дури и слика да им пратам. Но, тоа не ме спречи, едноставно ја влоши ситуацијата.
Решението што го изумив беше едноставно. Ќе земам дрога од пријателите што имаат, а ќе си купувам поевтини дроги што траат подолго. Другата супстанца што ја земаше Јане беа екстазите (МДМА), ЛСД и нешто што често го збореше, печурките. Бидејќи екстазата беше најевтина и најлесно достапна, почнав да ја консумирам редовно. Ако не бев со Јане или друг другар што шмрка, секогаш бев на екстаза, но искуството беше многу поразлично.
Ноќта на екстази не беше иста. Почнаа да се менуваат луѓето и забавите. Од кафичи до дискотеки полни со дотерани луѓе и поминување на ноќта со елегантна жена, стигнав до седење со покварени луѓе. Луѓе што не се грижат ниту за себе, ниту за тебе, што гледаат само за тоа како им е во моментот и како можат да добијат нешто. Сите беа прљави, несредени, разблесавени. Се собираа по десеторица кога ќе викнеш еден, само колку да седат некаде, да ти пушат трева во станот и да зборуваат за дрогата смеејќи се неприродно. Сепак, тоа не ме спречуваше да седам со нив дури и со текот на времето почнав и да се однесувам како нив бидејќи многу е тешко да поминеш време со човек и да не преземеш дел од неговите карактеристики. На крај на денот, ние сме комбинација на луѓето што нѐ опкружуваат. За среќа, бев опкружен и со луѓе што се грижат за мене. Еден од тие луѓе беше мојата бивша, Сара. Често разговаравме и многупати ми збореше колку е лошо тоа што го правам и како треба да прекинам. Но, никогаш нема да ја заборавам вечерта кога ме сретна со двајца познаници додека одев кон „Борис“ на техно. Претходниот ден ѝ кажував колку ми се одвратни луѓето што се дрогираат со екстази и како секогаш ѝ зборев колку е штетна дрогата и чувството откако ќе те пушти. Таа се поздрави со мене и ми кажа: „Се гадиш од нив бидејќи ти е гад од себе си“. Секако, јас почнав да се бранам, да зборам за како не ни изгледаме исто, но таа одговори: „Можеби од надвор изгледаш посредено, но одвнатре сте исто испрљани“. Ова многу ме потсети на мајка ми кога ми велеше за тоа како сѐ што гледаме е дел од себе си и како не можеме да видиме ништо што не е дел од нас и од тој ден се посветив на откажувањето од дрога.
За среќа, како што лесно ги стекнав лошите навики, гледајќи назад, толку лесно и ги истребив заменувајќи ги со навики што ми носат здравје, среќа и знаење. Велам толку лесно бидејќи после три и пол години дрогирање, ми беа потребни само два месеци за да се разбудам и цел ден да не помислам на дрога. На почетокот беше тешко, особено кога ќе ти се јави или ќе сретнеш познаник што ќе ти понуди. Таа мисла што ти вели „Само уште еднаш, за последен пат“ на почетокот беше силна и дури некогаш ме поразуваше, но со времето како што ја бркаш таа станува сè послаба и послаба додека не исчезне, а пак на нејзино место се јавува нова позитивна мисла што ти вели, трчај, вежбај, истражувај, ако ти одлучиш тоа да ти го вели.
Ние се создаваме самите себе си во секој момент. Ако денеска консумираме дрога, утре ќе ни биде полесно и секој пат кога ќе консумираме ќе ни станува сè полесно и полесно, додека не станеме како пушач што вади и пали цигара без да мисли. Додека таа акција не стане целосно автоматска. Можеби ние луѓето сме робови на нашите навики, но можеме да бираме какви навики создаваме со тоа што одлучуваме што да правиме во секој миг од нашето постоење. Ако човекот размисли, многу помалце е десет години мачење и неудопство за да го создадеме животот што го сакаме, наместо мачење цел живот. А да бидеме искрени, многу помалце од десет е потребно за да се откаже човекот од дрогата. Ние бегаме од неудопството барајќи задоволство или пак нешто друго. Секогаш кога консумирав дрога или бегав од нешто или барав нешто друго, нешто ново, но секогаш залудно. Ништо од надвор не може да ја подобри нашата внатрешна состојба, тоа што ќе нѐ подобри мора да дојде од нас за да имаме долг живот исполнет со здравје, среќа и љубов.
Автор:
Син (21)