Еден теренски ден за време на КОВИД19

0

Ѕвони аларам, 8:00 саат, го земам телефонот сакајќи да ја одберам опцијата дремка за да ѕвони повторно за 5 мин, но гледам неколку пропуштени повици од клиенти што им се потребни нашите услуги. Иако сите се известени дека треба да се јавуваат од 9:00 до 11:00, но ако, не им се лутам, ги разбирам, тие станале пред 7:00 саатот да одат по својата терапија.

Станувам, се облекувам, го спремам моето прво утринско кафе во термос и го земам со мене во службеното возило. Излегувам и се упатувам накај колегата кој денес е со мене на терен. Во меѓувреме ги контактирам тие што веќе се јавиле и примам нови повици. Се наоѓаме со колегата и правиме план на која страна од градот најпрво да одиме, бидејќи често се случува во еден ден да треба да опслужиме клиенти кои живеат на различни страни од градот.

Пред да тргнеме, се облекуваме како космонаути, секако теренскиот тим подолго време меѓусебе се нарекуваме космонаути и сега во вонредната ситуација со користењето на задолжителната заштитна опрема имаме прилика навистина да изгледаме така.

Спремни со полна опрема тргнуваме кон Ѓорче, каде што сме договорени со тројца клиенти. Се јавуваме кај првиот и ни кажува што се му треба. Додека јас зборувам со него, колегата ја спрема опремата во кеса. Се договоривме за десет минути да се најдеме во близина на неговиот дом. Стигнуваме, му ја давам кесата, секако без вообиченото поздравување, мора да ги почитуваме мерките. Тој има спремено употребена опрема што треба да ја врати и си ги менуваме пакетчињата, ние нему нова, тој нас стара и искористена опрема. Додека трае размената го прашуваме како се чувствува периодов, со какви предизвици се соочува, му ги нудиме и другите достапни сервиси на ХОПС и го информираме за мерките кои секојдневно се носат и се менуваат во време на вонредната состојба. Истото го правиме и со другите двајца од истата населба.

Завршуваме со Ѓорче и одиме накај Кисела Вода. Додека се движиме со колата заѕвонува телефонот. Се јавува клиент за опрема, го знам, живее во Влае, а ние сме токму тука, се договараме веднаш да дојде на автобуската на главната улица. Доаѓа за 5мин изненаден и среќен што сите се најдовме во право време на право место.

Продолжуваме накај Кисела Вода, каде што се имаме договорено со неколку клиенти. Телефонот постојано звони, се јавуваат луѓе од скроз други делови на градот. Правиме план со колегата кого се можеме да го вметнеме во текот на денот, имајќи предвид дека веќе имаме клиенти кои не чекаат а и времето на движење е ограничено со полициски час. За жал, денес не можеме да ги опфатиме сите, бидејќи некои живеат далеку и не сме во можност да стигнеме, затоа ги договараме за утре.

Се сретнавме и со клиентите од Кисела Вода, си ги разменавме пакетчињата, врзавме по неколку реда муабет, се е во ред, одиме во Чаир, каде што не чекаат уште неколкумина.

Саатот е веќе 14:00, се ближи полицискиот час, треба да привршуваме со теренот за денеска. Батеријата на телефонот е на последната цртка, но звони, ќе издржи уште неколку разговори J. Од другата страна е клиент на кој знаеме дека му требаат медицински материјали и доктор. Го договараме за утре, секако утре на терен со нас доаѓа и докторот, а имаме цел список со луѓе на кои тој им е потребен.

Завршивме за денес, по пат за дома мораме да одиме во некој маркет, да си купиме нешто и за нас, бидејќи полицискиот час трае долго, од 16:00 до 5:00 наредниот ден. Возејќи се накај дома, со колегата си ги прераскажуваме импресиите од денес, за тоа колку е убаво кога на некој ќе му го направиш денот и ќе му предизвикаш насмевка на лицето.

Луѓето кои ги среќаваме ни покажуваат задоволство и благодарност, дека некој и во овие тешки времиња мисли на нив.

Секако задоволството е обострано.

Марга и Ирина

Leave A Reply

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.