Меѓународниот ден на сексуалните работници, 2 јуни, и годинава ќе биде одбележан во Скопје. Здружението за поддршка на маргинализирани работници Стар Стар на 2 јуни во „Акантус” од 21 часот ја организира изложбата на фотографии „Две од оние” со дамите на ноќта на авторките Лилика Стрезоска, Елена Фиданска, Анита Березњак и Ирена Мила. Секоја соба своја приказна, инсталации, видеа, диџеј сет со Соња Исмаил, сангрија и шармот на старо Скопје. Во државава имаме околу 3.000 до 5.000 сексуални работници кои секојдневно се изложени на насилство, не само од своите клиенти туку и од органите на безбедноста кои би требало да ги заштитат.
Затоа се поставува прашањето: Кога малото Скопје со велеградски стремежи стана тло удавено во стигма и дискриминација?
Сексуалната работа во нашето општество е заградена со непробоен ѕид од предрасуди. (И)легалниот статус, потешкиот пристап до здравствените услуги, големата изложеност на насилство и етикетирањето доведоа до постепено губење на основните човекови права за сексуалните работници.
Голем дел од предизвиците за човековите права, слабостите и бариерите со кои се соочуваат сексуалните работници се должат на криминализацијата, рестриктивните закони, регулативи и практики. На нив се потсетуваме, кога низ медиумите провејува веста за нивниот декемвриски марш, црвените чадори, маските и долната облека.
Секако, тие упорно ни покажуваат „тука сме“, ама дали сме ние спремни за нив?
Секој 2 јуни се одбележува Меѓународниот ден на сексуалните работници, ден кога во 1975 година во Лион, Франција, повеќе од стотина сексуални работници ја окупирале црквата Сен Низие со цел да се изборат за подобри работни услови и за почитување на нивниот избор да ја работат работата која ја избрале.
И ние ќе го одбележиме овој ден, во име на „Две од оние“, кои треба да го нахранат своето дете, две од оние кои треба да ги платат сметките, две од оние кои живеат во сенка на предрасудите и дискриминацијата, две од оние кои имаат копнеж да ги доживеат своите права, кои требаа да бидат еднакви за сите, пишуваат во соопштението за оваа изложба организаторите Стар Стар.
Изложбата и кампањата што ја следи на креативен начин треба да го претстават истражувачкиот процес и резултатите од мапирањето на местата каде што порано се одвивала сексуалната работа, како и лицата и настаните, кои сведочат за една урбана историја на старо Скопје, којашто е сосема заборавена.