Легализација на канабисот не претставува кооптивност со Владата за носење на бизнис-делот од легислативата во замена за дозвола за поседување социјален клуб − читај лукративни побуди. За жал, две здруженија на граѓани веќе тргнаа по тој пат мачкајќи ни очи со декриминализација во услови кога бараме легализација.
Сè до осумдесеттите години на минатиот век употребата и трговијата со наркотици беше безмалку непостоечка. Самиот факт дека во Федералниот кривичен закон на Поранешната Југословенска Федерација воопшто не постои посебен член за таргетирање на употреба или трговија на наркотици, е доволен доказ во насока на истакнатото.
Откако македонската држава го донесе својот прв Кривичен законик во 1996 година, до сега тој е изменуван повеќе од дваесет и пет пати. Измените не го одминаа ни фамозниот член 215 кој претрпе проширување во 2009 година со додавање на нов став за гонење на помало количество наркотици, од мене повеќе пати опсервиран. Иако сосема коректен, овој став и неговата неправилна примена е коренот на проблемот кој перзистира веќе единаесет години и согласно со кој илјадници македонски граѓани се судени небаре се дилери.
Секако дека Канцеларијата на републичкиот јавен обвинител има авторитет да издава задолжителни упатства до своите субординирани обвинители, но легалниот проблем настанува кога нашите кривични судови го третираат упатството небаре е извор на правото, а ноторно не е. Ваквиот став доведува до илегална конвикција на илјадници граѓани, најголем дел од нив прости уживатели на канабис.
Практичниот легален проблем е и во самите нормативи. Санкцијата која членот 215 ја предвидува не е нималку наивна, од три до десет години затвор, додека алтернативна мерка − условна осуда − може да се изрече само доколку е утврдена највисока казна од две години затвор. Минималната казна од три години може да се ублажи до една користејќи го институтот вонредно ублажување на казна, но и покрај законските одредби, судечките судии инсистираат на признавање на дело за да го применат овој институт, иако природата на самиот институт е сосема различна и неповрзана со признавање на вина.
Но, соочени со три години затвор најголемиот дел од обвинетите, иако неволно, се согласуваат со признание на вина со цел да избегнат затворски казни. Ова нè хендикепира и не ни дозволува да се обидеме ваквиот тип предмети да ги аплицираме пред Европскиот суд за човекови права како јасна повреда на членот шест од Конвенцијата, т. е. правото на правично судење бидејќи со признавање на вина жалба може да се поднесе единствено поради висина на санкцијата, што нè оневозможува да ги искористиме домицилните правни лекови со што би добиле право да доставуваме допуштени апликации во Стразбур.
Она што е интересно од апспект на кривичната постапка е што задолжителното Упатство на јавниот обвинител на Република Македонија налага количини за кокаин, хероин и канабис, а не и за останати психотропни супстанции. Секоја количина над два грама кокаин, два грама хероин и пет грама канабис по „дифолт“ носи обвинение за „намера за продажба“. Бидејќи екстазите се изземени, во пракса обвинителите ги поистоветуваат со кокаинот и хероинот, па бројката за која по автоматизам се добива обвинение за намера за продажба е две. За само две екстази, кои во најголемиот број случаи се за лична употреба, во Република Македонија се добива обвинение кое носи казна од три до десет години затвор.
Ваквата констелација дава јасна слика дека македонските органи на прогон и судската власт не прават јасна дистинкција меѓу различни видови наркотици, односно формално исто се пенализира за различни видови наркотици. Ова нè доведува до парадоксална состојба да се добива иста казна за канабис и за хероин. Тоа е во контрадикторност со меѓународно етаблираните стандарди за пенализирање дела поврзани со наркотици кои се водат од два критериуми − штетност по здравјето кое го чини конкретниот наркотик и степенот на адикција која може тој да ја креира.
Ноторен е фактот дека согласно со наведените критериуми секоја земја потписничка треба да казнува различно за различен тип наркотици. Секако дека хероинот и кокаинот како т.н. А класа наркотици се неспоредливо поштетни од канабисот, како и дека имаат значително поголем ризик од развивање на адикција. Но, и самите конвенции се контрадикторни бидејќи, од друга страна, и самиот канабис е сместен на Листа 1, во ист кош со хероинот, што е медицински, но и правен нон сенс.
Од друга страна, вонлегалните аспекти и проблеми со кои се соочуваат уживателите на дроги во Р Македонија, постоењето на голем црн пазар, разбирливо си го зема данокот и по квалитетот на самите наркотици кои не подлежат на никакви проверки или анализи. Конкретно можам да говорам за канабисот кој со задоволство го консумирам веќе две децении.
Квалитетот на уличниот канабис во Република Македонија одамна не е на задоволително ниво. Пред да ни се нафрлат квази конзервативците кога велам „задоволително ниво“ тргнувам од претекст дека е општоприфатено, дека употребата на наркотици е присутна и проблемите нема да исчезнат со туркање под тепих, туку со лоцирање на проблемот и работење на минимизирање на штетите.
Концентрирајќи се на канабисот во деновите кога јас бев средношколец, односно раните двеилјадити, условно речено пазарот беше поделен 50-50 на убав, природен, светлозелен, не многу потентен домицилен канабис, таканаречена „смејалица“, и темнозелен, неретко кафеав, без прејак мирис и редовно со адитиви (син камен, пипс) канабис кој доаѓаше од Албанија, таканаречената и добро позната „прсканица“.
Како времето одминуваше првиот се губеше, а вториот − увозен сè повеќе го доминираше пазарот. Веќе во моите студентски години по 2004/05 година „прсканицата“ целосно го имаше преземено канабисот. Убави и квалитетни хибриди се наоѓаа ретко, најчесто увозно или преку неколкумина партизани.
Веќе при крајот на моите студии и особено во последните шест-седум години висококвалитетни хибриди има со релативно висока цена за македонски стандарди. Еден грам чини меѓу осум и дванаесет евра, додека за таа цена кога бев дете се купуваше „шака“ канабис. Но, затоа пак популарната „прсканица“ полека, но сигурно исчезнува од пазарот бидејќи е подобро да консумираме помалку, а квалитетно отколку често со „чекич ефект“.
Во поглед на канабисот ова нè води до прашањето како понатаму. Секако, легализацијата е очигледниот избор, но кој е моделот? Дали е моделот инвестирање строго во бизнис-секторот (читај извоз) и занемарување на потребите на уживателите? Можеби се решение социјалните клубови, но како би биле организирани? Сите овие прашања бараат кооперација на невладиниот сектор и активисти, која ја нема во моментов.
Претседателот на Владата јавно кажа дека отвора врата за дебата за декриминализација на канабисот (не легализација) притоа заборавајќи дека дебатата е поодамна отворена, само наидуваме на глуво уво. Дали декриминализацијата на канабис каква што ја замислува Владата ќе наиде на поддршка кај полуживи здруженија во замена за дозволи за социјални клубови или кофишопови сеедно, но се плашам дека повторно ќе бидеме пренесени жедни преку вода и тоа ќе биде искористено како оправдание за развој и монополизација на бизнис-секторот.
Крајно, чуму ни легализација на канабис ако преоптоварени со петстотини давачки ја добиеме истата состојба како во Канада и тој да чини по 35 долари, што повторно ќе доведе не до сузбивање, туку до поттикнување на црниот пазар поради погрешно водена државна политика.
Автор: Јанаки Митровски
Јанаки Митровски работи како адвокат од 2012 година. Има магистерска теза со наслов „Легализацијата како начин на сузбивање на трговијата со наркотици“ на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Тој е жесток поддржувач на легализацијата/декриминализацијата на сите психоактивни супстанции за лична употреба. Автор е во правните списанија „Правник“ и „Правоматика“. Еден е од основачите на Здружението за канабис и зелени политики БИЛКА, Скопје.