Во текот на 90-тите години на минатиот век, „Нирвана“ беше еден од гранџ-рок бендовите кои оставија белег врз нашите тинејџерски години и многумина се поистоветуваа со Курт Кобејн чиј бунтовен дух се насетуваше не само од неговото однесување туку и од текстовите кои ги твореше како главен текстописец и композитор, односно фронтмен на бендот. Проткаени со нихилизам, тврдокорна искреност, контрадикторност, отуѓеност, разочараност и депресија, што впрочем се чувства и кај голем број адолесценти на секое доба, песните, иако едноставни, беа мистични и двосмислени и често знаевме да дебатираме за значењето на некоја од нив. Како тогаш, така и денес, текстовите можат да се пресликаат во умот на младиот човек кој не го прифаќа општеството во кое живее и им пркоси на нормите кои го угнетуваат духот и ја ограничуваат слободата.
Курт Кобејн имаше свој уникатен начин на искажување на бунтовноста − зајадлив сарказам насочен пред сѐ кон неговите спонзори, кон целата музичка индустрија, кон големите компании кои се насочени кон остварување профит, па дури и кон фановите кои постојано ги „поздравуваше“ со „F*ck you“ со што покажуваше дека и покрај тоа што тие се тие кои го направија славен, сепак, не може да се справи со притисокот и очекувањата кои доаѓаат од нив. Всушност, контрадикторностите, поделените чувства беа дел од неговиот начин на изразување кон јавноста, во медиумски настапи и концерти, но и во песните. Истовремено публиката беше токму таа за која бендот твореше, настапуваше, го негуваше стилот и не подлегнуваше на новите трендови кои ги дефинираше музичката сцена, туку останаа доследни на своето до самиот крај – смртта на Кобејн.
„Дојди како што си“ („Come as you are“) е една најпознатите песни на „Нирвана“ чии стихови содржат низа противречности:
“Come as you are, as you were
As I want you to be…”
“Take your time, hurry up
Choice is yours, don’t be late.”
„Дојди како што си, како што беше, како што јас сакам да бидеш“
„Не брзај, побрзај, изборот е твој, немој да задоцниш“ како израз на внатрешната борба во која нема правила и нема апсолутен победник.
Постои уште една контрадикторност поврзана со песната „Come as you are“ во чиј текст е содржан и стихот „I swear that I don’t have a gun“ („Се колнам дека немам оружје“) − на 5 април 1994 година Курт Кобејн се самоуби нанесувајќи си прострелна рана со оружје, што всушност и го означи крајот на бендот, но и затвори цела етапа на гранџ-сцената.
Текстовите директно и експлицитно не зборуваат за дрогата или други супстанции кои создаваат зависност, освен насловот „Литиум“ како назив на лек за стабилизирање на пациенти со биполарно нарушување, начнувајќи ја темата за манијата и депресијата, за што некои обожаватели и ден-денес знаат да кажат дека рок-бендовите ја прикажуваат депресијата како нешто величествено и кул, а не како болест за која треба да се побара помош. Сепак, врската меѓу депресијата и меланхолијата и зависноста од дроги кај Кобејн останува мистерија бидејќи никогаш експлицитно не е зборувано за тоа и сè се заснова на претпоставки. Не беше тајна дека Кобејн се бори со зависноста од опојни дроги и дека имал неуспешен обид за лекување од зависности непосредно пред да изврши самоубиство, а сето тоа е опфатено во неговото познато проштално писмо кое го објави неговата сопруга Кортни Лав по неговата смрт. Суптилно во текстовите се опишуваше ефектот на дрогата и неговата борба со зависноста во која нема сигурна победа. Неговиот личен и професионален живот беше постојано „под лупа“ на медиумите и оттука беше јасно за внатрешната борба која тој ја води, иако во интервјуата кои ги даваше тој постојано негираше дека има проблем со зависности. Многумина би се запрашале дали на познатиот музичар му беше срам од своите постапки или пак постапувал како и многумина засегнати од овој проблем, одрекување, додека проблемот стане преголем за да се поднесе. Тој не е единствен пример за популарна личност која, под притисок на популарноста и растргнатоста меѓу сценскиот успех и постоењето како обична личност, се „скршила“ и не нашол мотив да продолжи понатаму.
“Lithium”
“I’m so happy because today
I’ve found my friends
They’re in my head
I’m so ugly, but that’s okay, ’cause so are you
I’m so lonely but that’s okay I shaved my head
And I’m not sad.”
„Литиум“
„Многу сум среќен бидејќи денес
Си ги најдов пријателите
Во мојата глава.
Многу сум грд, но во ред е, бидејќи и ти си.
Многу сум осамен, но во ред е,
Ја избричив главата и не сум тажен.“
Позитивните чувства не се одлика на текстовите на „Нирвана“, а впрочем и самиот Кобејн во неколку свои интервјуа зборува за тоа дека во текстовите бил брутално искрен и секогаш настојувал да пишува тешки и депресивни текстови откако најпрво ќе ја компонирал музиката. Поради тоа и низ нивните текстови често се проткајуваат „мрачни“ емоции, а луѓето кои имаат слични проблеми неретко се соживуваат и ги сфаќаат целосно лично песните на „Нирвана“.
Постојат истражувања кои покажуваат дека јавните личности се во ризик од прерана смрт, како и од смрт предизвикана од дрога. Причините поради кои се почнува со употреба на дрога кај јавните личности најчесто се поврзани со потребата да се издржи притисокот кој го носи славата, да се зголемат силата и енергијата за време на настапите, да се подигне самодовербата, да се намали телесната тежина, да се олесни болката, да се намали стресот и да се почувствува олеснување. Многу од овие мотиви ги водат јавните личности бидејќи тие се под постојан притисок да го издржат настапот, да изгледаат убаво и да бидат продуктивни во творењето. Публиката секогаш сака настап повеќе, нова песна, нов спот, нов албум, а ѕвездите се тие кои или ќе го исполнат тоа или ќе подлегнат обидувајќи се. Притисокот е преголем, а дури и луѓе кои не се познати музички ѕвезди често ја чувствуваат потребата да земат нешто за енергија за да можат да ги доисполнат своите дневни обврски. Опијатите имаат смирувачки ефект на сите овие притисоци, па оттука ризикот да се развие зависност е генерално повисок кај јавните личности отколку кај другите луѓе. Бендот „Нирвана“ доби многу музички награди, имаше многу турнеи, настапи, издавање нови песни, видеоспотови, концерти. Во февруари 1994 година почна турнејата на „Нирвана“ низ Европа, а последниот концерт требаше да се одржи во Даблин, на 8 април. Турнејата беше прекината на 1 март, а последен настап бендот го имаше во Минхен.
Во тој период медиумите пишуваа дека самоубиството не можеа да го спречат ниту успехот на „Нирвана“, ниту неговите другари од групата, ниту сопругата и малата ќеркичка. Во последното писмо до Кортни тој напиша: „Знаеш дека те сакам и дека ја сакам Френсис. Жал ми е… Не знам каде одам сега, знам само дека овде веќе не можам да издржам.“
Озлогласениот „Клуб 27“ е наречен според возраста на која светот го напуштиле изведувачи како што се: Џими Хендрикс, Џенис Џоплин, Курт Кобејн, Ејми Вајнхаус и Џим Морисон. Бројот 27 за себе создаде „урбана легенда“. Прашањето е, дали оваа е критичната возраст на која луѓето попуштаат пред притисоците? Дали ова важи само за популарните личности? Сепак, Кобејн и неговиот бенд и денес се актуелни и популарни, дури и кај публиката која се состои од личности кои не ни биле родени кога згасна нивната светла ѕвезда, со смртта на харизматичниот, но меланхоличен фронтмен.
Авторка: Елена Даскалова
Елена Даскалова е активистка, поранешен новинар и независен автор на медиумски содржини.