Полициските службеници исто така треба да го спречат и ригорозно да се спротивстават на секое кршење на законот и на меѓународните стандарди од страна на Полицијата. Полицискиот персонал, на сите нивоа, ќе биде лично одговорен и ќе сноси одговорност за сопствените акции или пропусти или за наредбите на подредените.
Љубовната врска меѓу дрогите и Полицијата е долга, бурна, инцидентна и не ретко еднострана. Уште од почетокот на дваесеттиот век со носење на првите интернационални регулативи кои санкционираат употреба/посед на наркотици, преку триесеттите години од дваесеттиот век со системското и лажно сатанизирање на канабисот и неговата прохибиција, сè до втората половина од минатиот век кога беа донесени трите големи конвенции на Обединетите нации за наркотици, уживателите на наркотици се под постојан прогон од страна на овластените службени лица, без разлика дали се тоа обични униформирани полицајци или дел од специјализирани одделенија. За момент да прифатиме дека е легитимно да има прогон за лица кои поседуваат/тргуваат/уживаат наркотици (иако мојот став е јасен –декриминализација на сите наркотици за лична употреба). Воедно полициските службеници се на дното од хиерархијата на системската репресија или попрецизно нејзина ударна тупаница. Нивниот наратив кога нè приведуваат за еден џоинт е дека само постапуваат „согласно Уставот и законите“. Но, дали е тоа навистина така?
Неспорно е дека припадниците на МВР имаат овластувања да постапуваат кога има основани сомненија за сторени кривични дела или прекршоци против јавен ред и мир. Но, неспорно е и дека тие овластувања се инкорпорирани во строга законска рамка која редовно ја пречекоруваат овластените службени лица. За жал, сервилните институции, интенционално слабите контролни механизми, ниската демократска свест кај општата популација и непознавање на своите базични права, како и наследството од комунизмот каде што Полицијата имаше апсолутен авторитет, доведуваат до тоа граѓаните во значителна мера да придонесуваат ваквиот однос да продолжи и/или да се толерира. Жално е што огромен број од населението сè уште смета дека Полицијата има право да ве легитимира или да ве претресе без за тоа да има посебна причина што, секако, не е точно.
Во Законот за полиција јасно и таксативно се наведени единаесет случаи кога може еден граѓанин да биде легитимиран, додека во Законот за кривична постапка рестриктивно е детерминирано кога е дозволен претрес на лице или дом, па и кога се работи за противправни дејанија поврзани со наркотици. Како што одредува член 182 од посочениот закон „Претрес на дом на обвинетиот и на други лица може да се преземе кога е веројатно дека ќе се пронајде обвинетиот кој се бара заради приведување или ќе се пронајдат траги на кривичното дело или предмети важни за кривичната постапка. Претрес на лице може да се преземе кога е веројатно дека кај него ќе се пронајдат траги или предмети важни за кривичната постапка“. Дополнително членовите 185–193 дозволуваат претрес на лице или дом само доколку е издадена наредба за претрес од судија на претходна постапка или како исклучок ако е во тек вршење на кривично дело. Поради погоре посочените причини, како и поради привилегираната положба на овластените службени лица при македонскиот судски систем, оваа законска заштита на македонските граѓани постои само на хартија. Во продолжение ќе посочам случај од мојата адвокатска пракса кој е еклатантен пример за ова што го говорам.
Наш сограѓанин со иницијали К. К. движејќи се пеш по мостот Обединети нации e сопрен од припадници на полициската единица АЛФИ, легитимиран и врз него е извршен претрес при што му се пронајдени дваесет и една таблета – екстази. Во записникот составен од овластеното лице, во графата причина за претрес е наведено СОМНИТЕЛНО ДВИЖЕЊЕ. Секому, и на оние кои се надвор од мојата и сродните фели, му е јасно дека сомнително движење како категорија основано сомнение НЕ ПОСТОИ!
За нотирање е фактот дека мојот властодавец К. К. е долгогодишен уживател на наркотични дроги, главно од семејството опијати, чие дводецениско злоупотребување си го земале данокот по неговиот физички изглед и моја презумција е дека тоа е причината (неоснована) на припадникот на АЛФИТЕ да го сопре и да го претресе К. К. Но, во согласност со нормативните одредби, самото легитимирање и претрес на К. К. се илегални, односно отстапуваат од законската рамка бидејќи полициските службеници немале никакво основано сомнение дека во моментот К. К. врши кривично дело или пак за него имале писмена или усна наредба за претрес.
Очекувано судечкиот судија не го перципираше ова како проблем, па и покрај моето барање претресот да биде сметан за недозволен и записникот за одземените екстази да биде сметан за доказ прибавен спротивно на закон, се донесе решение со кое се дозволи изведување на цитираните докази. Среќна околност е што и покрај повеќекратната поранешна осудуваност К. К. не доби затворска казна, што ми е особено мило во конкретните околности.
Случајот со К. К. е само еден од илјадници нелегално легитимирани или претресени граѓани, без разлика дали кај нив биле пронајдени докази за извршено кривично дело или не. За оние кај кои се пронајдени наркотични средства ова е сериозен проблем бидејќи на противправен начин, со незаконита постапка, се изложени на кривичен или прекршочен прогон. Во корелација со незаконитите легитимирања и претреси, негативна околност за уживателите на наркотици е и противуставното упатство на јавниот обвинител со кое се става во улога на законодавец и самиот одредува која количина на наркотици е за лична употреба, но тоа е друга тема за која многупати имам протестирано, што вербално што пишано.
Сето ова нè носи до прашањето како уживателите да се заштитат себеси од противправни легитимирања и претреси. Одговорот, за жал, е – многу тешко. Уживателите, особено оние на опијати, се константно предмет на стигма и дискриминација од страна на припадниците на МВР и со нив редовно се постапува на недостоинствен начин. Во тие услови, секогаш кога некој уживател ќе биде сопрен од овластени службени лица првенствено треба да побара тие да се легитимираат, доколку самите не го сторат тоа. Вашиот тон секогаш да биде нормален или со ниски фреквенции бидејќи ноторно е дека нашите овластени службени лица секое достоинствено говорење го перципираат како закана по нивниот апсолутен авторитет.
Смирено побарајте полицискиот службеник, или инспектор сеедно, да ви каже поради која од единаесетте таксативно набројани причини во Законот за полиција ве сопира и ве легитимира. Доколку сака да ви изврши претрес, повторно смирено запрашајте го дали има наредба за претрес или за кое конкретно кривично дело постои основано сомнение дека го вршите во моментот и особено потенцирајте дека доброволно не се согласувате на претрес. На крај, доколку наидете на дрзок однос и инсистирање на противправен претрес или легитимирање, инсистирајте веднаш да ви биде дозволено да контактирате адвокат, како и дека ќе си преземете легални мерки за да се заштитите.
Не треба да заборавиме дека Полицијата треба да биде сервис на граѓаните и средство за нивна заштита, а не репресија. И тука индивидуалната улога на секој од нас, познавањето и практикувањето на своите права е многу важно. Не треба да заборавиме дека „полицискиот кадар треба да подлежи на истото законодавство како и обичните граѓани, а исклучоци можат да бидат оправдани само во случај на прописно спроведување на полициската работа во едно демократско општество“, како и дека „Полицијата мора секогаш да ја провери законитоста на акциите што има намера да ги спроведе и треба да се воздржува од спроведување на која и да е наредба што знае, или би требало да знае, дека е незаконска. Полициските службеници исто така треба да го спречат и ригорозно да се спротивстават на секое кршење на законот и меѓународните стандарди од страна на Полицијата. Полицискиот персонал, на сите нивоа, ќе биде лично одговорен и ќе сноси одговорност за сопствените акции или пропусти или за наредби на подредените“ онака како што е пропишано со Европскиот кодекс на полициска етика и Декларацијата за полиција на Советот на Европа и Кодексот за однесување на овластени службени лица на Обединетите нации.
Автор: Јанаки Митровски
Јанаки Митровски работи како адвокат од 2012 година. Има магистерска теза со наслов „Легализацијата како начин на сузбивање на трговијата со наркотици“ на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Тој е жесток поддржувач на легализацијата/декриминализацијата на сите психоактивни супстанции за лична употреба. Автор е во правните списанија „Правник“ и „Правоматика“. Еден е од основачите на Здружението за канабис и зелени политики БИЛКА, Скопје.