Настанот за одбележување на Светскиот ден на СИДА 2018 под глобалниот слоган „ДОЗНАЈ ГО СВОЈОТ ХИВ СТАТУС!“ ќе се одржи на 30 ноември (петок) во Музејот на современа уметност на Македонија, од 20:00 до 00:00 часот, а ќе го води Ване Маркоски. На настанот ќе бидат промовирани кампањата за подигање на јавната свесност и прибирање на средства, ќе настапат Еквинокс Џез Квартет, а ќе продолжи како забава со диџеј Соња Исмаил.
Целта на кампањата за оваа година е да се намали стигмата за ХИВ кај општата јавност и да се поттикне навремено ХИВ тестирање кај секого што некогаш бил во ризик од инфекција. Истовремено, со добротворната кампања треба да се зголеми јавната поддршка за луѓето кои живеат со ХИВ во Македонија, и во соработка со Групер.мк ќе се прибираат средства за да се обезбеди директна поддршка на луѓето кои живеат со ХИВ, а се во неповолна економско-социјална положба,
Средствата кои ќе се приберат од настанот ќе се искористат како придонес кон редовните активности на ЗАЕДНО ПОСИЛНИ за директна поддршка на луѓето кои живеат со ХИВ. Поконкретно, собраните средства влегуваат во посебен фонд за донации на здружението и се користат за итни медицински потреби и поддршка на лицата со ХИВ во неповолна економско-социјална положба (на пример – покривање на патните трошоци до Скопје за редовните здравствени прегледи и за подигнување на лековите, со што се олеснува придржувањето до терапијата за ХИВ).
Покрај значителниот напредок на полето на ХИВ, живеењето со ХИВ сѐ уште носи одредени предизвици. Луѓето кои живеат со ХИВ се соочуваат со дискриминација во своите домови, социјалното окружување и во системот на здравствена заштита. Кај широката јавност сѐ уште постојат погрешни верувања, митови и ирационален страв од ХИВ. Повеќе од половината од јавноста не знае правилно да ги идентификува начините на пренос на ХИВ.
Здружението ЗАЕДНО ПОСИЛНИ ја организира кампањата за подигање на јавната свесност како дел од Националната програма за ХИВ и во соработка со маркетинг агенцијата Њу Момент,Скопје. Оваа активност се спроведува седма година по ред, а главни поддржувачи на кампањата и настанот оваа година се Министерство за здравство / Ministria e Shëndetësisë, Националниот координативен механизам и УНФПА МК.
Според досегашната пракса, на настанот ќе присуствуваат високи претставници од Владата на Република Македонија, Министрите за здравство и за труд и социјална политика и останати, како и претставници од телата на агенциите на ОН и дипломатскиот кор во Македонија.
Забавата за заедницата има за цел да ја зајакне кохезијата помеѓу заедниците засегнати од ХИВ и да се создаде отворен и безбеден простор за надминување на интернализираната стигма и да се зајакне одговорот на заедниците кон прашањата околу ХИВ.
Повеќе инфомации на самиот ИВЕНТ.