„Човештвото во целост, се чини многу невозможно дека ќе биде во можност да се ослободи од Артифицијалните Раеви. Најголем дел мажи и жени живеат животи во најлош случај толку многу болни, а во најдобар монотони, сиромашни и ограничени, што нагонот да избегаат, копнеењето да се трансцедентираат себеси, барем за неколку моменти, се и секогаш биле меѓу главните апетити на душата.
Уметност и религија, карневали и сатурналија, танцување и слушање на ораторство – сите овие служеле … како Врата на Sидот. И за лична, секојдневна употреба, секогаш имало хемиски интокситанти. Сите билни седативи и наркотици, сите еуфорици кои растат на дрвата, халуциногените кои зреат во бобинките или што можат да се исцедат од корените – сите, без исклучок, биле познати и систематски употребувани од човечките суштества од незнаени времиња. И на овие природни модификатори на свеста модерната наука ја додала својата квота на синтетици – хлорал на пример, и бензедрин, бромиди, и барбитурати.“ А. Хаксли
Конечно, по неколкумесечно комуницирање, посредно и непосредно, сѐ да можеме да се претставиме едни на други со веќе зголемен апетит за нашата комуникација. Колку повеќе пиевме вино, образите ни стануваа поврели, а јазиците разврзани. Моите нови и стари пријатели се спуштаа на столиците, се лизгаа, исто како што се спуштаа и натежнуваа капаците на очите – а јас не можев да се „скрасам“ и, иако носев штикли од барем десетина цм, со вотка во раката чекорев со забрзан чекор: два десно-два лево, па круг од четири чекори во правецот на стрелките на часовникот, и барем толку во обратен правец, околу трпезариската маса. Како што бива во такви седенки, барем мене, сè и сите ми изгледаа синхронизирани, и во совршен ритам. Новиот пријател со кого се запознававме беше Скандинавец кој живееше во Скопје и се занимаваше со издаваштво. Кога се чинеше дека сите инхибиции се стопија во чашите, разговорот се заглави без изгледи, но ниту никаков напор – да излезе оттаму во: ментално здравје. Како живеејќи во Скопје, не можел да најде соодветна нега.
Како во Скандинавија има групи од „Анонимуси“ и за луѓе кои се зависни од љубов. Како откако бил дијагностициран со АДХД (attention deficit hyperactivity disorder – синдром на дефицит на внимание и хиперактивност) и следствено, препишана терапија, меѓу другото и во форма на таблети, одеднаш се чувствувал како првенствено ментално, а потоа емотивно, психички, физички, на секое можно
ниво, прашината слегнала, сè е јасно и има смисла, светот го разбира на начин на којшто се чини сите го разбираат, и може да функционира продуктивно, креативно, и мирно. Кажа дека сè се успори. Адерал. – Сè се успори? – Да. На адерал имам налетувано воглавно преку филмови, серии, и најшокантно, кога слушнав од устатата на мајката на Курт Кобејн дека го ставиле на адерал од
четири години. Не ми звучеше во ред никако таа ситуација: Курт Кобејн бил немирно дете во шеесеттите, и – адерал!
Додека гуглав на телефонот да можам да побарам лична фуснота на пијаниот разговор, што е адерал – нашиот скандинавски пријател посегна по ранецот со лаптопот и извади кутија, слична на оние што ние ги знаеме како кутивчиња со витамини, и ја стави на масата, на начин што сигурна сум, не го сфатив само јас како предизвик.
Како: пробајте и самите, и уверете се! Скандинавски, аптекарски чист, амфетамин! Во филмовите и сериите, студентите го препродаваат на другите студенти, нешто да се журкаат нешто да учат! Откинав четвртина без многу размислување (имаше сепак, елемент на размислување) и го голтнав. Како што ја довршував цигарата чувствував како срцето убрзано и сè посилно ми чука. Како рацете ми се тресат. Како вилицата ми се заклучи и морав свесно да ја олабавувам. И вистина – тој зема цела таблета, а делуваше како да земал седатив. За другите не можам да сведочам. Телото ми беше во состојба на, како да сум смртно уплашена, како да сум бескрајно шокирана, но ништо во мојата свест не можеше да го поврзе чувството со причина. Чекав, ужасно будна, да помине. Откако конечно успеав да заспијам, се разбудив, и тоа траеше следните три дена – во комплетен очај! Нишалото отиде во другата крајност. Мислам дека прецизен е описот на – депресија. Само што не можев да најдам ништо во својата свест со што можеше тој очај да се поврзе како последица. Само – инициран, брз курс во ужасот! Курс, кој ми посочи во која мера зависиме од биохемиската рамнотежа (или недостаток од) во нас, но во исто време и колку човековата свест, или доколку се прашуваат филозофите – душа, е независна од кршливото тело. Но и дознав дека немам ниту АДХД ниту АДД! Тоа го објаснува и индивидуалната реакција на првичното пиење на алкохол, кој е депресив, секој со својата уникатна физиолошка шминка.
Што се случи?
Природни активности како што се јадење, пиење и секс го активираат нуклеусот акумбес со што индуцираат значителна комуникација помеѓу неуроните на оваа структура. Оваа интерна комуникација води до испуштање на допамин. Допаминот кој е стимулиран, продуцира инстантни, но ефемерни чувства на задоволство. Доколку активноста се повтори, допаминот повторно се испушта во системот, што резултира со чувства на задоволство, кои водат до позитивна асоцијација и зајакнување на тие активности, на луѓето и животните, и со тоа ги мотивираат да ги повторат овие активности. Допаминот игра важна улога во зајакнување и мотивација на репетитивни однесувања, и врската помеѓу лимбичкиот (палеоцицачкиот) систем – делот од мозокот кој управува со емоциите и нивоата на слободниот допамин ја составуваат заедничката врска на зависности на сите супстанции (но и надвор од супстанции – заљубување, коцкање, зависност од секс, компјутерски игри…). Допаминот бил и наречен како „главната молекула на зависноста“.
Кога нуклеусот акумбенс функционира нормално, комуникацијата помеѓу неговите неурони се појавува во конзистентен и предвидлив начин. Првично, електричен сигнал во стимулираниот неурон ја достига неговата точка на конекција (синапса) со целниот неурон. Електричниот сигнал во пресинаптичкиот неурон предизвикува излачување на допамин во синапсите. Допаминот патува низ синаптичкиот процеп, додека не го достигне целниот неурон. Тогаш се врзува со постсинаптичките рецептори, кои се специфични за допамин, кои пак, имаат побудувачки ефект, кој генерира интерен електричен сигнал во овој неурон. Не треба екстензивно медицинско познавање, само здрав разум да знаеме дека: психоактивните супстанци, посебно стимулансите, влијаат на нормалното функционирање на допаминскиот неуротрансмитерски систем.
Амфетамините не се многу различни од останатите синтетички стимуланси. Зголемен пулс, зголемен крвен притисок, зголемена телесна температура, зголемена респираторна стапка, и дилација на зениците. Други акутни ефекти се рапиден пулс, нерегуларна срцева активност и нереверзибилна штета која може да доведе до излив на крв во малите крвни садови во мозокот. Психолошките ефекти се зголемено чувство на благосостојба или еуфорија, зголемена будност, енергичност, намален апетит за храна и желба за спиење. Акутна/еднократна или рекреативна употреба ја зголемува социјализацијата на луѓето. Поголеми дози можат да продуцираат репетитивни и автоматски акти како на луѓето така и на животните, иритабилност, агресивно однесување, чувство на возбуда, аудиторни халуцинации и параноја. Со продолжена употреба се развива толеранција.
Промени во расположението се вообичаени: од пријателски до агресивни. Неколку часови после последната доза, корисникот искусува драстичен пад на расположението и енергијата. Спиењето – кое може да биде промовирано од употреба на секундарни супстанци како алкохол, барбитурати, бензодиазепини – конечно почнува и може да трае неколку дена. Откако ќе се разбуди корисникот
може да осети тешка депресија, која може да трае неколку недели. Додека е во оваа депресивна состојба, корисникот има зголемен ризик на суицид. Но, откако корисникот чувствува дека се опоравил од епизодата на употреба, се буди ново чувство на копнеж и циклусот почнува одново.
Во мојот случај – откако стоички ја издржав депресијата која како вар ми ги потопи дури и коските, откако се „разбудив“ приметив дека целото кутијче полно апчиња стои на масата. Верувам дека било сосема добронамерно оставено.
Но, ова се случи бидејќи мојата толеранција беше на нула што се однесува на амфетамини. Кафето и тутунот се друга приказна – од серијата стимуланси. Приказни кои за среќа и несреќа (во случај на цигарите) редовно ги посетувам, и допаминот на помалку агресивен начин го активирам, и со тоа секојдневието го правам малку поподносливо.
Четирите највообичаени начини за администрација на психоактивни – кои го менуваат расположението – супстанции се: 1. орална консумација (голтање) 2. интерназална (шмркање) 3. инхалација во белите дробови (генерално пушење) 4. интравенозно – преку хиподермички шприц.
1) Проголтана супстанција патува во стомакот, а потоа во интестиналниот тракт. Некои супстанци лесно поминуваат од дигестивниот тракт во крвотокот. Други супстанци се разложуваат во нивните хемиски компоненти (метаболизирани) во дигестивниот систем со што ја уништуваат супстанцата –
нивната биодостапност е ниска.
2) Супстанциите кои се инхалирани во белите дробови се налепуваат на поставата на назалните премини (назалната мукоза) преку која тие влегуваат директно во протокот на крвта. Инхалираните супстанции вообичаено првично се менуваат во димна форма преку палење (на пр. никотин) или испарување преку интензивна топлина (на пр. крак кокаин). Белите дробови нудат голема површина преку која гасната форма може брзо да премине директно во протокот на крвта.
3) Инјектираните супстанции влегуваат во крвта директно, но преку делумно регулиранa стапка. Во последните три начини на спроведување, супстанците влегуваат во протокот на крвта во нивната неметаболизирана форма.
Штом супстанцата влезе во крвта, транспортирана е низ телото до најразлични органи и системи на органи, вклучувајќи го и мозокот. Супстанциите кои влегуваат во црниот дроб можат да бидат метаболизирани таму. Супстанциите кои влегуваат во бубрезите може да бидат излачени. Доколку жена која употребува супстанци е бремена и супстанцијата може да ја премине плацентата, тогаш супстанцата може да влезе во крвта на фетусот. Бебињата кои се дојат може да проголтаат од млекото на мајката.
За да влезе во мозокот, молекулите на супстанцата мораат прво да влезат преку неговиот хемиски заштитен систем, кој се состои воглавно на крвно–мозочна бариера. Тесните крстосници на клеточните ѕидови и слој на клетки околу крвните садови задржуваат големи или молекули кои се наелектризирани да влезат во мозокот.
Сепак, мали неутрални молекули како оние на кокаинот и метамфетамините лесно поминуваат низ крвно мозочната бариера и влегуваат во мозокот. Штом ќе влезат во мозокот, супстанциите кои се употребуваат почнуваат да ги извршуваат нивните психоактивни ефекти.
Стимулансите, до окциденталната индустриска револуција – кога науката како догма го доживува своето раѓање, со поблагата, помлаката форма: кока листовите, кафето, тутунот – биле користени на надворешните граници на западната цивилизација (и во овој контекст моето искуство со амфетамини доаѓа од таму, е речиси трогателно, доколку сакам да ја романтизирам својата лична
приказна!). Кога Европјаните во 16 век гледале како Арапите и Турците пијат топол, катран црн напиток, кој бил и горчлив – не можеле да си дадат задоволително и разбирливо објаснување како може да биде напиток во кој може да се ужива. Во исламскиот свет, пак, имало совршена смисла. Доколку белата, христијанска, Западна Европа сака да се опива со вино и пиво, поклониците на исламот го прават спротивното – пијат за да ја изострат трезноста уште повеќе! Затоа и кафето било нарекувано вино на исламот, а постои и легенда дека Мухамед бил излечен од нарколепсија со помош на кафето (не е сосема невозможно: тоа е една од терапевтските индикации на стимулансите).
При крајот на 16 век, Леонхарт Рауволф, доктор од Аугсбург, патувал во Блискиот и Среден Исток. Таму приметил дека Арапите и Турците пиеле топол темен напиток на ист начин како што Европејците пиеле вино и пиво: „Помеѓу другите работи, тие имаат добар напиток, кој многу го ценат. Го нарекуваат ‘чаубе’: речиси е црно како мастило и помага на стомачни тегоби. Го пијат од глинени или порцелански чашки, рано наутро, но и на јавни места без двоумење. Но, земаат само мали голтки и потоа ги подаваат чашите понатаму бидејќи седат во круг. На водата додаваат бобинка која домородците ја нарекуваат ‘буну’, потсетуваат на лаворови бобинки опколена со тенки лушпи. Овој пијалок е многу вообичаен за нив, па затоа може да се најде како го служат на пазарите, но и да се продаваат овие бобинки во дуќаните таму.“ Сепак, европската аристократија во 18 век веќе омекнала кон овој егзотичен напиток, што не било сосема надвор од духот на времето, во екот на колонијалистичкиот Запад, присвојување на сè што е егзотично, како маркер на надмоќ. Всушност обредот на пиење кафе неретко се одвивал во „ориентална“ облека. Од аристократите се прелеала оваа пракса во буржоазијата, и не поминало многу време кога на кафето се препишале и „терапевтски индикации“: кафето го зајакнува црниот дроб и мочниот меур, ја прочистува крвта, и го смирува желудникот; го зголемува апетитот – но, може и да го намали; ве држи буден – но, може и да ве заспие! Ги „оладува“ врелите темпераменти, но и флегматиците ги „загрева“! Вистинска панацеа.
Оваа приказна не е многу различна од приказната на кока листовите, на другата страна на Атлантикот, приказна која сите ја знаеме. Џон Стит Пембертон во Атланта бил решен да направи своја верзија од француската кока-вино. Ја нарекол Пембертонова француска вино-кока, и ја рекламирал како панацеа. Но, набрзо со прохибицијата била забранета – поради виното. И така се родила кока-колата. Но – во овој период „органските“, благите стимуланси, како конечно се пуштиле во крвотокот на Западот (до ден-денес кафето е меѓу најпродаваните добра на целата планета!) – така апетитот за нив пораснал и било прашање на време кога човековата љубопитност и желба, можеби и нагон за инвенција, ќе го однесе уште еден чекор понапред, во непознатото. Човековата склоност кон екцес, кон поместување на границите, кон нивното тестирање, колку и да биле добро познати, сепак она што следело во 20 век, не можеле да го претпостават. Гордиев јазол од кој сè уште
сме уловени во глуждовите, и се чини, дека како последните 5 години, во САД водечка причина за смрт за прв пат е – предозирање, од научната, медицинската, социолошката заедница до оние кои се „бојното поле“ – корисниците и нивните семејства, дури допрва ќе почнеме да се отплеткуваме. Овој Гордиев јазол нема да може да се пресече со сабја.
Авторка: Ана Чушкова