Со големо задоволство ве покануваме да ни се придружите на 27 јуни (понеделник) во 19 часот онлајн, на панел-дискусијата на Фејсбук страната на ХОПС. Темата ќе биде “Иднината на програмите за намалување на штети во време на криза”.
На панел-дискусијата, заедно со претставниците на ХОПС- Влатко Деков и извршната директорка Хајди Штерјова Симоновиќ, ќе биде и Стефчо Стефанов од добро познатото здружение “ИЗБОР” Струмица.
Идејата за овогодишниот настан Support. Don’t Punish! e преку панел-дискусија, да се сврти вниманието на една од директните последици од кратењето на буџетот за системот на заштита од ХИВ, од страна на Министерството за здравство, кое практично значи исклучување на неколку илјади граѓани и нивните семејства од здравствениот и социјалниот систем, пораст на епидемијата на ХИВ, губење човечки животи, но и повеќекратно зголемени трошоци за лекување во следните 5 до 10 години.
Поради кратењето веќе се стави клуч на врата на дел од центрите што нудат услуги за маргинализирани и обесправени лица и неповратно ќе се изгубат веќе изградени капацитети, со што се фрлаат во вода досегашните домашни и странски инвестиции, кои ја држеа ХИВ-епидемијата под контрола.
Нашата организација после 15 годишно постоење, мораше да го затвори Дневниот Центар за намалување на штети од употреба на дроги во Шуто Оризари.
Оваа дискусија е дел од глобалната кампања „Support. Don’t Punish!“, која се одржува по повод Меѓународниот ден за борба против дрогите. Почнувајќи од 2013 година, секоја година на 26 јуни здруженијата и слободоумните поединци од целиот свет со мотото Support. Don’t Punish. ги предизвикуваат своите влади и меѓународните организации да се откажат од прогонот на луѓето кои употребуваат дроги и да воведат похумани политики и практики засновани на докази и на потребите на луѓето.
Како дел од кампањата ќе имаме и креативна работилница каде луѓето кои ги користат услугите на ХОПС, ќе изработат маици со логото на Support. Don’t Punish!