Диазепам (бензодиазепам, валиум) е депресант од класата на бензодиазепини, кој поседува анксиолитичко, антиконвулзивно, седативо и мускулно-релаксантско дејство. Диазепамот е синтетизиран од страна на американскиот хемичар Лео Штернбах (Leo Sternbach), и е еден од најчесто препишуваните лекови во светот од неговото појавување во 1963 година, кој се наоѓа на листата на есенцијални лекови на Светската здравствена организација.
Диазепамот има изразено смирувачко дејство и се користи за лекување на широк спектар на болести и состојби проследени со анксизност, страв, немир, напнатост, несоница, напади на паника како и кај мускулни грчеви, апстиненцијален синдром кај зависност од алкохол и опиоиди и невротски растројства. Диазепамот има брз почеток, висок степен на ефикасност и долготрајно дејство во споредба со некои други бензодиазепини, кои се користат за третман на акутни епилептични напади и напади на паника.
Диазепамoт има исклучително висок потенцијал за создавање на физичка и психичка зависност. Толеранција на седативно-хипнотичките ефекти се развива во рок од неколку дена при продолжена употреба. При прекин од користење толеранцијата се враќа на основните вредности во рок од 7 до 14 дена. Меѓутоа, во одредени случаи, може да потрае и значително подолго, во зависност од времетраењето и интензитетот на претходната употреба.
Диазепам има ниска токсичност во однос на дозата, и кога се користи самостојно и во умерени дози обично нема негативни штетни последици, сепак предозирање со дијазепам е можно. Антидот кај предозирање со диазепам (или било кој друг бензодијазепин) е флумазенил (Anexate), и се користи само во случаи на тешка респираторна депресија или кардиоваскуларни компликации. Бидејќи флумазенил е со кратко дејство, а ефектите на диазепамот можат да траат со денови, понекогаш се потребни неколку дози флумазенил, но и асистирано дишење и стабилизација на кардиоваскуларните функции. Предозирање со бензодиазепини може да се јави кога се користат во високи дози или истовремено со други депресанти како опиоиди или алкохол. Предозирање со диазепам е итна медицински состојба кој може да доведе до кома, трајни оштетувања на мозокот или смрт ако не се третира брзо и правилно. Симптоми на предозирање со бензодиазепини може да вклучуваат забавување на мисловниот процес, нејасен говор, збунетост, делузии, отежнато дишење, кома или смрт.
Прекин од користење на бензодиазепини може да биде исклучително тешко и понекогаш состојба опасна по живот за лицата кои ги користеле редовно во подолг временски период. Постои зголемен ризик за висок крвен притисок, епилептични напади и смрт. Лекови кои го намалуваат прагот на настанување на епилиптечен напад, како што е трамадол треба да се избегнуваат за време на прекин од користење диазепам. Препорачливо е постепено намалување на дозите во еден продолжен времески период пред целосно да се прекине со користењето.
СОВЕТИ:
- Не се препорачува користење на диазепам во високи дози и подолг временски период;
- Не се препорачува користење на бензодиазепини во комбинација со други депресанти како: опиоиди, барбитурати, тиенодијазепини, алкохол или други ГАБА-ергични супстанции поради ризик од предозирање;
- Не се препорачува управување на моторно возило под дејство на диазепам;
- Користење на диазепам со инјектирање секогаш носи дополнителни ризици како опасност од предозирање, пренесување на крвнопреносливи инфекции (ХИВ, хепатит Б и Ц) и други здравствени проблеми;
- Во случаи на инјектирање на диазепам се препорачува примена на практики за намалување на штети и упатства и постапки за безбедно инјектирање на ПАС;
- Најдобро е да се прават паузи помеѓу две користење (денови, недели) поради намалување на можноста за создавање толеранција, навика на користење и потенцијална зависност.
Изјава за одрекување од одговорност !!
Инфографиките се од едукативна природа, базирани на докази и немаат за цел потикнување на употреба на психоактивни супстанции (ПАС). Користењето на ПАС секогаш со себе носи ризици, затоа најдобро е да не се користат, но доколку се решиш да ги користиш добро информирај се за нивното дејство и како безбедно да ги употребуваш. Најдобар начин да се заштитиш од можните ризици и штетни последици при употреба на психоактивни супстанции, а воедно да ги потенцираш бенефитите е информирањето за дејствата, дозирањето, траењето, начинот на безбедно користење како и мешањето и интеракција со други ПАС и лекови.