Објавен е деветиот број на списанието Дроги – Политики и практики. Овој број е посветен на програмите за намалување на штети од употреба на дроги.
Дојде и тој час. Програмите за намалување на штети од употреба на дроги се затвораат. Неверојатно е колку напор треба да се вложи за во Македонија да се привлече вниманието на оние кои се избрани и се платени да обезбедат услови за заштита на здравјето на граѓаните. Еве, сега се оправдуваме со политичката криза иако надлежните институции имаа повеќе од десет години да изнајдат и да воведат мерки за одржување и развој на програмите за намалување на штети.
Постојано чекаме некој друг да ни ги решава проблемите, а потоа се жалиме дека туѓинци ни се мешаат во внатрешната политика. Не е дека не постои начин. Не е дека нема пари. Само треба да се покаже поголема волја. Затоа ја користиме оваа можност да им обрнеме внимание на донесувачите на одлуки дека политиките во оваа држава не можат да зависат од нивното лично расположение и од нивните лични убедувања.
Ги потсетуваме донесувачите на одлуки дека се избрани и се платени за да одговорат на потребите и на барањата на граѓаните и дека здравјето и благосостојбата на граѓаните се поважни од зачувувањето на мандатот или од задоволувањето на нечии каприци. Штетите од затворањето на програмите за намалување на штети во Македонија ќе бидат огромни. Не поради тоа што многу луѓе ќе изгубат работа, туку затоа што многу луѓе ќе ја изгубат единствената здравствена, социјална и правна поддршка што ја добиваат во оваа држава. А последиците ќе ги почувствува целото општество. Решенија постојат – само некој треба да послуша.
Впрочем, во текот на изработката на ова издание на Дроги – Политики и практики, новиот министер за здравство Арбен Таравари најави дека Министерството за здравство целосно ќе ги поддржи програмите за намалување на штети. Дотогаш, а и понатаму, ние ќе продолжиме да ја нагласуваме потребата од спроведување долгорочни решенија во политиките и практиките за дроги во Македонија.
[button link=”https://hops.org.mk/sites/default/mag9-final-web_0.pdf” size=”medium” color=”default”]ПДФ Издание[/button] [button link=”https://hops.org.mk/deveto-izdanie-na-drogi-politik2i-i-praktiki/” size=”medium” color=”default”]Онлајн Издание[/button]