На 8.10.2015 година, во малата сала на Општина Охрид, Здружението на граѓани „Опција“ од Охрид одржа состанок со локалните донесувачи на одлуки на кој присуствуваа речиси сите поканети претставници од партнерските државни установи и здруженијата на граѓани. Значајно е тоа што истиот ден „Опција“ од Охрид прослави 10 години активно постоење и спроведување на проектот „Одржување ниска ХИВ преваленца во РМ“ на територија на Охрид и на Струга, сето тоа дополнето со мини-коктел и медиумски експонирано. И да, тој ден направивме ретроспектива на нашите постигнувања и навистина бевме горди.
Но, почетоците воопшто не беа лесни. Во 2003 година, кога „Опција“ се регистрирала во Централниот регистар на РМ и моите колеги започнале да го пробиваат патот на програмите за намалување на штети од употреба на дрога, тоа било шок за многу претставници на локалните државни установи кои требало да ги поддржат овие програми. Да се отвори здружение на граѓани кое ќе ги поддржува и услужува „наркоманите“ во Охрид не доаѓало предвид. Ставот бил дека сето „тоа треба да се апси и затвори“ вклучувајќи ги и тие кои работат за подобрување на нивната социјална и здравствена состојба. И покрај многуте опструкции од сите страни, притисоци, негодувања, лобирања кај градоначалникот, во 2005 година официјално активностите почнаа полека да се спроведуваат.
Скромно, на терен и со еден мал, но сосема доволен центар за размена на стерилен прибор за инјектирање, односно служба и асистенција преку т.н. низок праг на услуги и повеќе сервиси под ист покрив каде што преку еден вид секундарна превенција се стремиме кон подобрување на здравствената и на социјалната состојба на корисниците на дрога, започнавме едукации со корисниците за тоа како да спречат предозираност од дрога, како да се заштитат од ХИВ, од хепатит Б/Ц, туберкулоза, како правилно да го уништат искористениот прибор за инјектирање, ги мотивираме и советуваме да започнат со лекување на зависноста на кој било супституциски третман кој е достапен во нашава држава. Започнавме со бесплатни анонимни и доверливи тестирања за ХИВ и за хепатит Ц, создадовме една позитивна атмосфера и сигурност во нашиот дневен центар. Бројот на корисници на дрога енормно растеше и во Струга, па ги проширивме нашите теренски активности и посети во домовите на клиентите и во тој регион.
Во март 2015 година отворивме уште еден дневен центар во Струга за корисници на дрога со комплетно нов тим. Со тоа нашите клиенти од Струга и од околината добија полесен пристап до нашите услуги затоа што во струшкиот дневен центар можеа да ги користат истите услуги за кои претходно мораа да доаѓаат во Охрид.
Во декември 2010 година започнавме со програми за поддршка на сексуалните работници и нивните семејства на територија на Охрид и на Струга. И повторно шок. Со оглед на тоа што сексуалната работа во Македонија не е регулирана со закон се појави прашање како ќе функционираме, како ќе им помагаме на сексуалните работници, како ќе бидиме прифатени и слично.
Повторно со предрасуди се гледаше на нашата организација. Тимот успешно и со голем ентузијазам се впушти во новиот предизвик за поддршка на сексуалните работници и на нивните семејства. Во декември 2013 година по наше барање ни се придружи волонтер од Мировниот корпус на САД, чие долгогодишно искуство ни помогна во секојдневните активности. Особено ни значеше поддршката во образованието за професионална ориентација на клиентките на „Опција“, а ним многу им значеа новостекнатите дипломи. Воведовме и бесплатни гинеколошки прегледи со помош на ХЕРА од Скопје. Бевме и сме упорни, професионални и секојдневно ги актуелизираме проблемите со кои се соочуваат сексуалните работници, работиме на промоција и на унапредување на правата на сексуалните работници и на нивните семејства за подобрување на нивниот економски, социјален и здравствен статус. Денес веруваме дека успеавме да го промениме ставот на локалното население за сликата на сексуалниот работник.
Сите овие години учевме од најдобрите. Нашите колеги од ХОПС од Скопје ги отворија овие програми уште во 1996 година, па ни беа учители во вистинска смисла на зборот. Се нижеа обуки, семинари, тренинзи, запознавме нови колеги, стекнувавме нови контакти, се вклучувавме во поширока мрежна соработка, стекнувавме нови искуства за теренска работа со маргинализирани заедници, ги проширувавме нашите видици на патувањата во Трст, во Венеција, во Љубљана, во Приштина, во Амстердам, имавме можност практично да се запознаеме како функционира и работи тим на професионалци со долг стаж во својата работа и тоа искуство да го пренесеме кај нас. Сето тоа ни помогна да се изградиме и како личности и како професионалци. Тимот низ годините се менуваше: некои си заминуваа, нови доаѓаа, некои се пронајдоа во оваа работа, некои не, некои, за жал, и починаа. Но, секој член специфичен на свој начин, успешен или помалку успешен, професионален и непрофесионален ќе остане запишан во историјата на оваа организација.
Во изминативе години „Опција“ израсна во сериозна и во препознатлива организација. Партиципираме во Советодавната група на граѓани при Секторот за превенција во Охрид и во Локалниот совет на млади во Општина Охрид. Создадовме одлична соработка со СВР Охрид каде што имаме направено неколку едукации во повеќе сектори на локалната полиција. Соработуваме со Центарот за превенција и третман на болести на зависност од дроги, ЈЗУ Општа болница Охрид, секојдневно контактираме и се координираме за сè што е поврзано со нашите клиенти. Во ЈУ „Малолетнички затвор“ Охрид и во ЈУ „Затвор Тефериџ“ Струга редовно правиме тестирања за ХИВ и за хепатитис Ц и едукации со лицата кои издржуваат затворска казна таму, едукации со вработените во „Пожарна“ Охрид и Струга, 90 припадници на Армијата во Охрид беа обучени како да препознаат и да превенираат сексуално и крвно преносливи инфекции, соработуваме со Центар за социјална работа Охрид и Центар за јавно здравје, „Рош“ (ROCHE)-Скопје, „Црвен крст“ Охрид, „Младински совет“ Охрид и ЛАР Струга, сите овие се само дел од установите со кои и ден-денес имаме одлична соработка. Редовно ги одбележуваме сите значајни датуми: Светски ден на сексуални работници ‒ 2 јуни, Светски ден за борба против туберкулоза ‒ 24 март, Светски ден за борба против вирусен хепатит Б/Ц ‒ 28 јули, Светски ден за борба против ХИВ/СИДА ‒ 1 декември, Меѓународен ден за борба против насилство врз сексуални работници ‒ 17 декември, и сите активности се медиумски застапени затоа што ни е важно дел од овие превентивни програми да допрат и до локалното население. Сè почесто гостуваме во изданија на локалните ТВ-станици и веб-портали каде што имаме отворена дискусија за самите корисници на дрога и сексуалната работа, и секогаш сме претставени како позитивен пример за заштита на јавното здравје. Двата дневни центри на „Опција“ се посетувани од голем број на студенти и организации кои се заинтересирани за поддршка на луѓето кои употребуваат дроги и сексуални работници и воопшто ваков вид превентивни програми.
Иако средствата со кои се финансира „Опција“, а кои се донација од Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија, прекратуваат во декември 2016 година, веруваме дека ќе опстанеме како тим и дека ќе можеме да ја продолжиме нашата мисија за воведување хумани политики за дроги и за сексуална работа. На последниот состанок со донесувачите на одлуки добивме навистина позитивни коментари и морална поддршка од страна на претставниците на Советот на општина Охрид и останатите претставници на значајни локални установи. Тие коментари се од големо значење за тимот и мотив да продолжи со исто темпо за доброто не само на нашите клиенти туку и на целата заедница. Проблемите кои се појавуваат и ги засегнуваат овие две маргинализирани групи не се само проблем на самите нив, туку на целото општество, и затоа се надеваме дека во иднина ќе има слух за финансиска одржливост на овие програми од страна на државата и на локалната самоуправа.
За крај една споредба која не сакаме да ни се случи на Македонија како што ѝ се случи на Романија. Во Романија, по прекинувањето на донацијата на Глобалниот фонд како единствен донатор, бројот на инфицирани со ХИВ вирусот пораснал на 362 нови случаеви за една година (2011/2012 година).
Можеби нешто пропуштив, но верувам дека при прославата за дваесетгодишнината на „Опција“ од Охрид ќе имаме многу повеќе да дополниме.
Јулијана Настоска