Изминатава година ни го потврди и она што нашите возрасни постојано го повторуваат: “Нема ништо поскапоцено од здравјето! Здравјето да го чуваме па после се друго!”
Сите сфативме колку е скапоцено здравјето и колку е тешко кога истото е компромитирано и колку е мачно кога не можеме навремено да добиеме соодветна здравствена грижа. Здравствените работници повеќе од една година исцрпувачки работат на справување со последиците од корона вирусот.
Она што нашите тимови во секојдневната работа го забележаа и само дополнително се потврди е дека:
- Маргинализираните заедници како луѓето кои употребуваат дроги и сексуалните работници се соочија со сериозни повреди на нивните здравствени права и беа особено погодени од последиците на пандемијата кои сериозно се одразија на нивното и така кревко здравје, a некои завршија со сериозни здравствени компликации.
- Пандемијата предизвика сериозни последици по менталното здравје, и дека претставуваше сериозен ризик за проблематична употреба на дроги ( зголемена и небезбедна употреба, ризик од предозирање и сл.).
- Економската криза ( губење на работата и заработката, влошената материјална состојба, немање средства за лекови и лекување и сл) приднесе за зголемување на ризиците по здравјето на маргинализираните заедници.
- Отежнатиот пристап до матичен лекар во услови на пандемија значеше зголемен ризик од Ковид-19 и неможност за справување со Ковид-19 последиците.
Сите горенаведени ризици воедно и взаемно придонесуваат за зголемен ризик од ХИВ и други заразни преносливи болести (отежнати услови за навремено тестирање поради разните мерки на органичување, сиромаштијата, отежнат пристап до здравствени услуги неповрзани со Ковид-19 и сл.)
Оттука, сакаме да им искажеме благодарност на сите медицински лица кои во изминатава година се трудеа да го зачуваат здравјето и на маргиналзираните заедници, благодарност до нашите медицински и теренски тимови кои и покрај ризикот за нивното сопствено здравје не престанаа континуирано да ги даваат неопходните услуги и здравствена помош на луѓето кои употребуваат дроги и сексуалните работнци, и благодарност до нашите психолози и психијатар кои несебично максимално се грижеа за заштита и унапредување на менталното здравје на нашите корисници на услуги но и менталното здравје на нашите тимови.
Од друга страна сакаме да им порачаме на доносителите на одлуки и други клучни чинители дека во вакви вонредни услови мора при донесувањето на одлуките, мерките и препораките да бидат посебно сензибилизирани за ранливите и маргинализирани заедници и да водат сметка сите нивни одлуки да се инклузивни и да не ги исклучуваат овие групи на граѓани, да ги вклучуваат и консултираат заедниците и нивните поддржувачи во донесувањето на одлуките за истите да бидат соодветно приспособени за специфичните здравствени и социјални потреби со што би се спречило понатамошно маргиналзирање и стигматизација на луѓето кои употребуваат дроги, сексуалните работници и нивните семејства.
Исто така препорачуваме при креирањето листи на приоритетни групи за имунизација да се земат во предвид сите горенаведени причини и по примерот на некои други земји, во овие листи да бидат ставени и маргиналзираните заедници но и тимовите кои работат со овие заедници.
Сакаме да оддадеме почит за сите прерано изгубени животи како директна или индиректна последица од Ковид-19 пандемијата.