06:30 часот, будење
Ново утро – нов ден. Одиме на терен. Повторно, како и секој друг работен ден, почнуваме пред Кисела Вода. Добро е што синоќа порано си легнав затоа што денов ќе биде долг. Ќе ве поведам на еднодневно патување за да ви ги покажам активностите на ХОПС. Надвор е ладно, затоа облечете се добро.
Во ХОПС сум од 1997 година и навистина си ја сакам работава. Не сакам многу да зборувам за времето пред ХОПС. Само ќе кажам дека и јас, како и многу други во тоа време, прилично забегував со „хорс“ и не помислував дека од „игла“ можам да закачам СИДА или хепатит. Не помислував ни дека од моите игли може да се зарази некој друг. Постојано бев во „фрка“ да најдам „роба“ и да се боцнам без да ме фати Полиција и да не дознаат моите дома. Некаде во 1996 година постариве „џанаци“ почнаа да зборуваат за некоја организација „М.А.С.К.А.“ во која се давала чиста опрема за инјектирање, ама јас бев многу млад и не сакав да се мешам со тие „старите“. Плус не се сметав себеси за „џанак“. Не знам што точно се случило со „М.А.С.К.А.“, ама подоцна знам дека дел од членовите на таа организација во 1997 година го основале ХОПС. И тука почнува мојата приказна. Во 1997 година, некои луѓе од ХОПС дојдоа во нашето собиралиште и ни понудија бесплатни стерилни игли и шприцови. Изгледаше глупо, ама кога почнаа да зборуваат за СИДА и за хепатит, и како да се заштитам, се просветлив и сфатив дека и јас можам да придонесам за заштита на луѓето кои користат дроги, но и за заштита на здравјето на луѓето кои не користат дроги. И оттогаш сум во ХОПС. Ах, да, ќе заборавев да кажам, ХОПС работи само на територија на Скопје и околината, но беше иницијатор и помогна да се отворат слични организации во девет други градови во Македонија.
07:25 часот, теренска работа
Се замуабетивме, ама еве стасавме пред „метадонскиот центар“. Нашиот теренски тим за намалување на штети е овде секој работен ден од 07:30 до 10:00 часот. „Теренците“ делат стерилен прибор за инјектирање и совети за безбедно инјектирање, а употребениот прибор го прибираат за прописно да се уништи. Ова стварно функционира и клиентите се задоволни. Особено затоа што можат да користат и социјални, и здравствени, па дури и правни услуги. Некогаш нè обвинуваат дека ние сме криви што луѓето „се боцкаат“, ама ние сме тука само за нивна заштита, а и за заштита на околината. И покрај советувањата сè уште постојат клиенти кои ја инјектираат терапијата и затоа нашиот теренски тим е овде секое сабајле. Еден теренски тим во истите термини оди во другиот „метадонски центар“ затоа што и таму има поединци кои ја инјектираат терапијата. Двата тима имаат исти одговорности и затоа нема да се повторувам. Туку, време е да појдеме. Со возилото на теренциве ќе одиме во дроп-ин центарот во Капиштец.
Малку музика за по пат добро ќе ни дојде. Мене ЕКВ ми се закон за опуштање. У ствари, песнава е закон.
„Какав радостан дан,
птице певају алелуја!“
У ствари, ЕКВ се закон! Великани!
10:16 часот, дроп-ин центарот во Капиштец
Сега сме во дроп-ин центарот за намалување на штети што се наоѓа во Капиштец. Ве молам за дискреција, довербата на клиентите ни е приоритет.
Во овој дроп-ин центар, исто како и во дроп-ин центрите во „Мавровка“ и во Шуто Оризари, работат лице за размена на прибор за инјектирање, социјален работник и медицинско лице, а трипати неделно има и правници. Слично како и со теренската работа, размената на прибор за инјектирање е примарна дејност на ХОПС, ама за разлика од теренот во дроп-ин центрите клиентите се задржуваат подолго време и можат да добијат поподробни податоци за безбедно инјектирање и за безбедно отстранување на употребената опрема. Исто така во овие центри можат во подискретни и во поповолни услови да добијат социјални, медицински и правни услуги. Луѓево кои се сега собрани овде се членови на Креативната работилница. Сега се многу загреани за резбарство, ама исто така изработуваат накит и сликаат на маици. Има и понекоја паричка од ова, ама дружбата е поважна. Ќе се задржиме малку овде затоа што треба да пополнам некои листи, а потоа ќе ве одведам до Извршната канцеларија. Во меѓувреме, вие можете да се дружите со луѓево од Креативната работилница и да видите што изработуваат.
11:49 часот, Извршна канцеларија
Мора овие листи да ги однесам во Извршната канцеларија. Тие ми се најмачниот дел од сите мои обврски. Некогаш се чувствувам како повеќе да се занимавам со бирократија, отколку со мојата работа. На почеток ми беше тешко да сфатам, ама сега ми е јасно дека листите што ги пополнуваме влегуваат во евиденцијата со чија помош се прават анализи за унапредување на нашите услуги. А вака нашата работа станува повидлива и можеме да ја покажеме корисноста и потребата да се поддржуваат програмите за намалување на штети од употребата на дроги.
И колегиве во Извршнава канцеларија некогаш ми изгледаат како бирократи. Цело време имаат состаноци или зеваат во мониторите, или само си прават муабет. Просто не ми е јасно дали воопшто работат нешто. А потоа ќе излезе извештај од некое истражување или нов број на „Дроги – Политики и практики“, или нов изглед на интернет-страницата на ХОПС, или нова брошура, или Летната школа за зависности. А кога некој познаник ќе ми искоментира нешто за производот за кој и јас сум дал придонес, сфаќам дека овде навистина многу се работи на одржливоста и на видливоста на нашите програми.
Денес пак се зафатени со состаноци и се надвикуваат. Они нека се расправаат, а ние ќе одиме до Ѓорче. Треба да однесеме помош за еден клиент.
А можеме пак да ги преслушаме ЕКВ до таму.
„Плаво светло преко плавих лица
и плави свет из плаве кутије
ооо, људи из градова
ооо, људи из градова.“
13:32 часот, посета на клиент
Ж. е наш клиент подолго време. Живее сам овде во Ѓорче и не може да доаѓа во нашите центри од здравствени причини. Нема роднини и пријатели да му помагаат и преживува само од минимална социјална помош. Нема пари да си ги плати сметките, а и извршители му се нон-стоп „на врат“. Среќа што станот не е на негово име зашто и тој ќе му го земеа, и ќе го оставеа на улица. Животот знае да биде стварно суров. Ова ти е „Live and Let Die“. Некогаш ми се чини дека само ние се грижиме за него.
„Здраво, Ж. Како си?“
„Тешко, брат, тешко. Смрзнувам зимава. И струјата ми ја исклучија.“
„Ти носиме душек и јамболија. Ќе ти вршат ли работа?“
„Супер. Фала ви многу. Да не сте вие… тешко… тешко ќе се живее. А кои ви се луѓево?“
„Ги интересира што работиме. Сакаат да видат како живеат корисниците.“
„Тешко, брат. Тешко. Откога излегов од затвор, никој не ме прима на работа. Ме пуштија без документи од таму. Да не беше ХОПС, немаше да и`ам ни лична карта, ни социјално. Никој не нè сака нас наркоманите. Да не дојде докторкава овде да ми ги преврзе нозеве тука, оние би ме оставиле да цркнам. Никој не нè сака нас наркоманите.“
„Ж., колку опрема ти треба?“
„’Ганови‘ дај ми дваесет ’десетки‘ и пе`есет игли ’четворки‘. И земете ги овие стариве. И дојдете пак следната недела.“
„Ќе дојдеме. Ајде, чао!“
Размената на прибор за инјектирање е примарна работа, а покрај тоа, кога можеме, на клиентите им даваме и материјална помош. Има луѓе што ни ги даваат своите стари работи, па ние им ги даваме на клиентите. Најчесто добиваме стара облека, некогаш постелнина, а понекогаш и стари предмети од покуќнина – креденци, шпорети, фрижидери и слично. Некои луѓе подаруваат и бебешка храна, облека и пелени за еднократна употреба за клиентите кои имаат бебиња. Фала Богу, уште има добри луѓе. Се снаоѓаме за да им помогнеме на клиентите. Клиентите викаат дека не знаат што би правеле ако нè нема нас. А клиенти кои од најразлични причини не можат да ги посетуваат нашите центри имаме низ цело Скопје и во околните села.
Сега ќе одиме до Гази Баба, да го видите Центарот за поддршка на сексуални работници/-чки. Само што уз пат ќе поминеме уште на две-три места да однесеме опрема на наши клиенти.
16:17 часот, Центар за поддршка на сексуални работници/-чки
Оваа Програма почна како поддршка за сексуалните работнички кои употребуваат/-ле дроги, но брзо разви услуги за сите сексуални работници/-чки кои работат на отворената сцена во Скопје. Прво почна само со теренска работа, а подоцна беше отворен и овој центар. Се разбира, теренската работа и понатаму се изведува, ама таму нема да можеме да одиме зашто ја нарушуваме дискрецијата и на сексуалните работници/-чки и на нивните клиенти/-ки.
Овде, во Центаров, сексуалните работници/-чки добиваат социјални, здравствени и правни услуги и психолошка поддршка. Можат да се избањаат, да ја исперат облеката, да се шминкаат, да прават фризури и да си готват јадења. Покрај дискусиите за безбеден секс и за безбедна сексуална работа се дискутира и за родови прашања, за правата на жените, за законска регулација на сексуалната работа, но се водат и секојдневни разговори за сè и сешто. Всушност, овде честопати знае да биде многу забавно.
А кога зборуваме за забава, да ги оставиме луѓево да си бркаат работа. Ние одиме на after work party во Р. Ќе свири колегата Д. со неговиот бенд.
17:45, After Work Party
Супер е вака кога ќе се собереме. Сакаме да се дружиме и по работа. А имаме многу колеги и колешки кои се занимаваат со некоја уметност, иако повеќето се интересираат за музика. Малку добра забава и потоа си одиме дома.
А дрма, а?! Ајде, друштво! Дајте ЕКВ!
„Какав радостан дан,
птице певају алелуја!“
Вака функционира ХОПС!
Дознај повеќе!
Сервиси за намалување на штети од употреба на дроги
Примарна дејност на сервисите за намалување на штети е размена на прибор за инјектирање за луѓето кои инјектираат дроги и собирање на веќе употребениот прибор за прописно уништување. Ова е светски докажана практика за заштита на луѓето кои инјектираат дроги, но и на пошироката заедница од ХИВ/СИДА, од хепатит и од други сексуално и крвно преносливи инфекции.
Во рамките на сервисите дејствуваат три центри за намалување на штети (или разговорно дроп-ин центри), еден теренски тим и еден Центар за рехабилитација и ресоцијализација на луѓе кои употребувале дроги. Центрите се во населбите Капиштец, Бит-пазар и Шуто Оризари, а теренските тимови ја покриваат целата територија на градот Скопје, периферните населби и околните села во зависност од потребите на клиентите.
Покрај примарната дејност, во Програмата за намалување на штети се овозможуваат социјални, медицински и правни услуги. Луѓето кои употребуваат дроги добиваат советувања за ХИВ/СИДА, за хепатит, за туберкулоза, за можности за лекување на зависноста од дроги и за други здравствени прашања. Социјално најзагрозените клиенти добиваат храна. Во дроп-ин центарот во Шуто Оризари постои перална, а во скоро време ќе се догради и бања за бездомните клиенти.
Во Центарот за рехабилитација и ресоцијализација се нуди психосоцијална, психијатриска и педагошка поддршка за луѓето кои употребувале дроги и нивните семејства. Посебни активности има за децата на кои педагогот им помага во учењето, се организираат заеднички посети на театарски и кино-
-претстави, прошетки низ Зоолошката градина, прослави и други интересни и корисни активности.
Во дроп-ин центарот во Капиштец и во Центарот за рехабилитација и ресоцијализација, меѓу останатото, двапати неделно се одржува и Креативна работилница за сите клиенти со креативни и со уметнички афинитети.
Во 2014 година е основан и теренски тим за работа со деца кои употребуваат дроги. Во недостаток на структурирани институционални решенија, овој тим може само да ги мапира местата на кои се движат децата кои употребуваат дроги, да дистрибуира донирана облека, да стекнува нови сознанија за нивните навики за употреба на дроги и да им помага да се справат со други секојдневни проблеми.
Се разбира, ова се само дел од секојдневните активности на сервисите за намалување на штети од употреба на дроги.
Сервиси за поддршка на сексуални работници/-чки
Од 2000 година, невладината организација ХОПС – Опции за здрав живот Скопје почна проект што прерасна во сеопфатна Програма за поддршка на сексуалните работници/-чки кои работат на отворена сцена (улица) во Скопје, а подоцна и меѓу сексуалните работници/-чки во ромските населби во Скопје, како и сексуалните работници/-чки кои работат во затворен простор (приватни станови, салони за масажа).
Како одговор на потребите на сексуалните работници/-чки одбиени од постоечките институции се нудат услуги за: социјална, здравствена, правна, психолошка, педагошко-андрагошка поддршка. Покрај основните услуги во дроп-ин центарот, сексуалните работници/-чки користат перална, бања, кујна и стилистички услуги. Често се одржуваат дискусии за: безбеден секс, заштита при работа, родови прашања, права на жените, законска регулација на сексуалната работа и слично.
Дополнително овие сервиси работат и со: интимни партнери и семејства на сексуални работници, клиенти на сексуални работници, заштитници, посредници и професионалци кои работат во областа на здравството, на социјалната заштита и на човековите права.
Во 2014 година беше почната иницијатива за испитување на потребите и на можностите за започнување процес за законска регулација на сексуалната работа во Македонија, што е еден од покрупните чекори за подобрување на општествениот статус на сексуалните работници/-чки.
Центар за едукации, документирање и истражување (ЦЕДИ)
ХОПС од самиот почеток се занимава со истражувања и со обуки поврзани со дрогите и употребата на дроги во Македонија, но од 2012 година почна структурирано да ја развива оваа дејност.
ЦЕДИ со својата дејност ги поддржува другите програми на ХОПС во заложбите за воведување хумани политики за дроги и за сексуална работа, стремејќи се кон изградба на општество на хумани вредности и правична вклученост.
Особено достигнување на ЦЕДИ е Летната школа за зависности што овозможува обука на млади стручни кадри за прашања поврзани со дрогите и со зависностите од дроги. Школата посебно се фокусира на политиките и на практиките за дрогите, психосоцијалната поддршка и концептот на човекови права на луѓето кои употребуваат дроги.
Д-р Ешко
Доктор Ешко никогаш нема студирано медицина ниту која било друга општоприфатена наука. Неговата професија е размена на стерилен прибор за инјектирање на дроги. Ешко речиси од самото основање е член на Здружението ХОПС – Опции за здрав живот, а титулата „доктор“ му ја дадоа колегите/-шките и клиентите/-ките поради неговата посветеност во развивањето на програмите за намалување на штети.