ХОПС – Опции за здрав живот Скопје ја демантира дезинформацијата објавена во текот на вчерашниот ден од страна на повеќе медиуми со наслов ХОПС: 19 отсто од младите пробале психоактивни супстанции, да се дислоцира Центарот за зависници во Кисела Вода.
Имено, не е точно дека ХОПС се залага за дислокација на Центарот за лекување на зависности, напротив, сметаме дека со едноставно преместување на Центарот на друга локација нема да се решат предизивиците поврзани со третманот на зависности, односно проблемите единствено ќе се пресликаат на друго место.
Затоа, дозволете уште еднаш да ја подвлечеме нашата препорака кажана на вчерашната конференција за медиуми и објавена на нашата веб страна, дека лекувањето на зависности треба да се дисперзира, односно да се децентрализира на најмалку 4 различни локации во Град Скопје. Во рамки на специјализираните центри треба да се воведе соодветна психотерапија и активности за ресоцијализација и реинтеграција.
Оние пациенти кои се стабилни и успешно одговараат на третмантот, терапијата би можеле да ја земаат од матичните лекари или од аптеки. На тој начин ќе се намали бројот на пациенти во центрите за зависности и истите ќе функционираат многу порелаксирано, а стручните тимови ќе можат многу повеќе да се посветат на индивидуалниот третман на секој пациент поединечно.
Со тоа ќе се зголеми квалитетот и лекувањето ќе биде многу поуспешно, што е од примарна корист за самите пациенти. Освен тоа, значително ќе се намали злоупотребата на терапијата, ќе нема расфрлање на медицински прибор ( игли и шприцеви) и граѓаните нема да бидат сведоци на негативната слика што е случај со Центарот во Кисела Вода.
Ги повикуваме медиумите да се воздржат од сензациско известување за ваква чувствителна тема и се надеваме дека информациите кои ги споделуваме во јавноста, ќе бидат објективно пренесени.
Ви стоиме на располагање за дополнителни консултации и прашања поврзани со проблематиката во било кое време.