Во согласност со податокот на тогашното Министерство за внатрешни работи на Социјалистичка Република Македонија во 1990 година, во сојузната република биле регистрирани само 314 корисници на наркотици кај население од два милиона. Само четиринаесет години подоцна Министерството за внатрешни работи нѐ информира дека во 2004 година бројот на регистрирани корисници на наркотици се искачил на 6 583 или за повеќе од дваесет пати.
Паралелно сведоци сме дека државниот апарат во изминативе декади се обидува да се справи со растечкиот број на корисници на наркотици, како и сѐ поголемиот прилив на наркотици со конзервативни методи, пред сѐ зголемена пенализација. Со таа цел беше изменета и минимум предвидената санкција за кривичните дела казниви по член 215 од Кривичниот законик на Република Македонија кои ги таргетираат производството, продажбата, транспортот, држењето со интенција за продажба на наркотици и тоа од предвидена казна затвор во распон една до десет години на предвидена казна затвор три до десет години. Дополнително во 2015 година во Републикава започна да се применува идиотското законско решение наречено Закон за одредување на видот и одмерување на висина на санкцијата.
Се чини дека зад сето ова постои јасна интенција да им се врзат рацете на судиите за исклучително да се ограничат нивните можности за изрекување алтернативни мерки. За жал, ваквите конзервативни политики воопшто не даваат плод и тоа статистиката јасно го говори. Секоја година, во согласност со извештаите на Државниот завод за статистика, меѓу 333 и 478 полнолетни граѓани (статистика за периодот 2012 – 2016 година) се осудени за кривичните дела против здравјето на луѓето (во која глава доминираат обвиненијата по член 215). Дополнително санкционирањето на корисниците на наркотици со казна затвор е контрапродуктивно бидејќи сите сме свесни дека Република Македонија многу малку или воопшто не работи на полето на рехабилитацијата со што наместо да им помогне на корисниците на наркотици, дополнително ги криминализира и ги стигматизира однесувајќи се стерилно во поглед на одвикнување на овие луѓе од адикција и нивна ресоцијализација.
Дополнително поразителни се податоците на Универзитетската клиника за психијатрија во Скопје во согласност со кои во 1989 година во Македонија бројот на регистрирани наркозависници е 11 за во 1998 година да се искачи на 700. За истиот период просечната старосна граница на прв контакт со наркотици паднала од 32 на 22 години.
Сите овие податоци претставуваат јасни показатели дека државата користи погрешни методи во борбата за сузбивање на трговијата со наркотици и отстранување на нивните штетни последици. Наместо ваквите податоци да бидат аларм за државниот апарат дека нешто треба сериозно да се менува, извршните власти погрешно, со заострување на казнената политика безуспешно се обидуваат да го таргетираат проблемот.
Покрај де јуре проблематична по поглед на обвиненијата по член 215 е и де факто ултрапривилегираната положба која ја уживаат јавните обвинители. Ова е ноторно бидејќи со подигање на минималната граница за казна затвор од една на три години се воведе и привилегирана (полесна) форма на делото во согласност со член 215, став 2 – ПОМАЛО КОЛИЧЕСТВО. Но, тоа создаде правен вакуум бидејќи иако се воведе привилегиран облик на делото, самиот член не детерминира кое количество ќе се смета за помала количина, ниту тоа го прави членот 122 од Кривичниот законик кој ги појаснува изразите во законот. Таа правна празнина спротивно на начелото на законитост ја пополнува Републичкото јавно обвинителство со задолжително упатство со кое одредува која количина на наркотици ќе се смета за помала и за која количина задолжително следува обвинение по член 215 дури и кога нема други докази за продажба или таква намера отсуствува.
Нажалост не можам да ја откријам содржината на задолжителното упаство од причина што тоа е ДОВЕРЛИВО, а мое длабоко убедување е дека е направено доверливо исклучиво за пошироката јавност да не узнае дека ЈО се става во улога на законодавен дом и со упатство пополнува правни празнини. Дека состојбата е алармантна говори и податокот дека сите кривични судови наспроти начелото на законитост, слободното судиско убедување и независноста на судската власт ги прифаќаат овие обвиненија, што доведува до тоа граѓани лишени од слобода со шест грама „фиљан“ или со три „ексери“ да се наоѓаат под удар на законот со обвинение за продажба.
Притоа важно е да се нагласи дека говорам за кривични случаи каде што нема друг доказ кој би го поткрепил обвинението: нема сведок кој ќе посведочи дека купил од обвинетиот, нема посебни истражни мерки (прислушкување, видеонадзор), нема овластено службено лице кое ќе посведочи. Во тој случај застапниците се користат со злокобна и со незаконита основа „од самото количество е јасно дека дрогата е наменета за продажба“, што судовите го препишуваат во своите образложенија на пресудите. Ваквиот навод е незаконит и не наоѓа основа во законско решение бидејќи поседување наркотици е прекршок казнив по Законот за прекршоци против јавен ред и мир, член 20, а ноторно е дека упаството на ЈО не е на „радарот“ на извори на право кои се обврзувачки за судот. И не само што е незаконит туку е и противуставен бидејќи ги поткопува темелните вредности на Уставот предвидени со неговиот член 8, владеење на правото и почитување на општоприфатените норми на меѓународното право.
Решението за константно високиот прилив на наркотици и порастот на уживатели на наркотици, како и придружената криминализација на уживателите е едноставно. Декриминализација. Сега. Не за пет, не за три години, СЕГА. Во 2018 година. Она што би го истакнал е дека е неможна легализација на наркотиците бидејќи Македонија е потписник на сите три конвенции на Обединетите нации за наркотични дроги и психотропни супстанции. Но, тоа не е пречка за декриминализирање на личната употреба на наркотици. Поседот до одредена законски утврдена количина под услов да нема други докази за продажба би бил нелегален, но само како прекршок. Или би бил кривично дело со отсуство на пенализација. Или би бил кривично дело без пропишана санкција затвор. Кој било модел што би се одбрал, што мора да биде плод на сеопфатна општествена и институционална анализа, е посоодветен од постоечкото решение.
За нотирање се и реалните опасности кои ги носат либералните политики. Не секој обид завршил успешно. Како крајно негативни се секако проектот Пластиц парк во Швајцарија кој доведе до инфлукс на наркодилери и криминалци од цела Европа, а не помогна во она за што беше воспоставен. Делумно и холандскиот модел е дискутабилен. Холандските граѓани како што нѐ информира Европскиот центар за мониторирање на дроги и зависности од дроги (Europian Monitoring Centar for drugs and drug adictions) се најголеми уживатели на кокаин, на екстази и втори најголеми уживатели на канабис во Европа. Затоа инсистирам на темелна анализа со многу дебати и учество на релевантни фактори со можност за создавање посебно тело кое би работело на оваа тематика сѐ со цел изнаоѓање модел кој би бил соодветен за Република Македонија. Мое мислење е дека најсоодветен е португалскиот модел на декриминализација кој и се покажа како најуспешен, а се применува веќе 16 години во согласност со кој за прв престап на количина која е законски детерминирана како лична употреба санкцијата е задолжително советување со тим од државно обезбедени адвокат, психијатар и психолог.
За жал, зборовите како превенција и рехабилитација се бауч за нашите државни органи. Терминот „селф харм“ (self harm) е табу за системот за принуда кој е навикнат само да казнува, иако децении наназад нема резултати. Одговорна држава по ова прашање се однесува на начин како и Португалија – превенира и рехабилитира, но на вистински начин, а не преку сместување во КПД со целосен пристап до наркотици. Моите заложби како адвокат се секој уживател да може да поседува наркотици за лична употреба која би се определила за секој наркотик одделно без за тоа да биде криминализиран од апаратот за принуда или стигматизиран од општеството. Заложба како граѓанин ми е Буџетот кон кој придонесувам да се користи за тоа да им се помогне на уживателите кои развиле зависност претежно од таканаречените тешки дроги преку програми кои ќе ги вклучат во социјалниот живот, а нема да ги жигосуваат како робијаши. Тоа се примарните заложби. Секундарно е дали би сакале да имаме економски бенефит, да развиваме наркотуризам и слично.
Водејќи се од моето искуство, решение на краток рок, со цел отстранување на правно неподносливата состојба во која упатство на ЈО дополнува правен вакуум и криминализира неосновано и незаконски, е измена на членовите 122 и 215 од КЗ со дообјаснување на Законот што се подразбира под помала количина. Но, сериозен пристап на среден и долг рок би било декриминализација на наркотици за лична употреба со посебен акцент на рехабилитација. Во поглед на канабисот, поради неговата употреба во медицината, се залагам секој да смее легално да сади и да произведува масло од канабис доколку е дијагностициран со болест која може да се лечи со вакво масло. Алтернативно државниот апарат може да ја преземе таа улога со законска обврска оданочените пари да се користат за рехабилитација на луѓе зависни од дроги, како и за луѓе болни од тешки болести кои немаат финансиски средства.
Нашава држава и нашево општество предолго ги држат уживателите на наркотици на маргините, отфрлајќи ги како жигосани и притоа полнејќи ги затворите со што се чини двојна штета првенствено на самите уживатели бидејќи непотребно се криминализираат, а секундарно ја поткопува заложбата за борба против трговијата со наркотици бидејќи ги таргетира уживателите кои, наместо да им помогне во нивното одвикнување, ги жигосува како криминалци. Воедно лесниот пристап до наркотици во нашите казнено-поправни домови е ноторен. Декриминализација ВЕДНАШ!
Јанаки Митровски
Авторот работи како адвокат од 2012 година. Има магистерска теза со наслов Легализацијата како начин на сузбивање на трговијата со наркотици на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Тој е жесток поддржувач на легализацијата/декриминализацијата на сите наркотици за лична употреба. Автор е во правните списанија Правник и Правоматика. Еден е од основачите на Здружението за канабис и зелени политики БИЛКА Скопје.