Здружението „ХОПС – Опции за здрав живот Скопје“ по повод 17 декември – Меѓународен ден за борба против насилството врз сексуалните работници, спроведе јавен повик за новинарски статии на тема: „Сексуалната работа во Македoнија“. Како второнаграден е Сунаи Сабриоски – „Декриминализација на сексуалната работа во Македонија“. Во прилог го имате целиот текст.
„Стара е мислата дека ништо подобро не зборува за квалитетот и карактерот на еден општествен поредок од положбата на човекот во него. Република Македонија е повеќепартиска парламентарна демократија основана во 1991 година, откако стекна самостојност по распадот на поранешната СФР Југославија.Уставот е највисокиот закон во државата. Согласно Уставот, секој граѓанин треба да ужива еднакви права и слободи. Кога се наметнува прашањето за маргинализираните групи, во овој контекст сексуалните работници и работнички, и нивните слободи и права се отвара прашањето од потребата за декриминализација на сексуалната работа во Македонија. Појдовно од тоа дека почитувањето на слободите и правата на ѓраѓаните треба да биде императив за секое демократско општество, дава до знаење дека и сексуалните работници/работнички треба да уживаат еднакви права како и јас кој што сум избрал да се занимавам со професијата новинарство. За таа цел во оваа статија, со моите скромни познавања од оваа област, ќе се обидам да дадам осврт кон едно од многуте прашања кои што заслужуваат одговор кога е во прашање сексуалната работа, а тоа е:Потребата од декриминализација на сексуалната работа во Македонија.
Во Македонија сексуалната работа/ проституција се смета за нарушување на јавниот ред и мир: „ Кој се оддава на проституција, како и издава, односно става на располагање простории за вршење на проституција ќе му се изрече глоба во износ од 600 до 800 евра во денарска противвредност. “(член 19 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир во Р.М ). Ова е еден од низата селективни закони со се влијае на дигнитетот и човековите права на сексуалните работници, зголемување на насилството и стигматизацијата, како и создавање на недоверба кон самите институции.
Декриминализацијата е концепт различен од концептот на легализација на сексуалната работа. Целосна декриминализација подразбира отстранување на сите кривични и прекршочни забрани и казнувања поврзани со сексуалната работа, вклучувајќи ги и законите кои се насочени кон клиентите или менаџерите и сопствениците на бордели, и регулирање на дејноста според веќе постоечките закони за работни односи, и мерките за заштита на работно место. Овој модел е различен од легализацијата која подразбира посебен закон само за сексуална работа. Целосната декриминализација подразбира безбедни работни услови и работнички права, зголемување до пристапот на правда, помош и поддршка за справување со експлоатацијата и принудувањето, зголемен пристап до здравствени сервиси и намалување на ризикот од ХИВ и други СПИ, како и намалување на еден од најголемите проблеми кај нас во Македонија а тоа е полициското насилство.
Според Марија Тошева, Офицер за застапување во Мрежата за застапување на правата на сексуални работници/чки во Централно-Источна Европа и Централна Азија – СВАН, декриминализацијата е модел со кој сепочитува правата и достоинството на луѓето во сексуалнта индустрија, без да навлегува во морализирање базирано на стигма и страв од нивниот избор на работа.
„Декриминализацијата дава можност да сексуалните работници се заштитат од насилство, вклучително и од полициско насилство, дава можност за безбедно пријавување насилство и пристап до правда, што е најголем проблем во земјите каде сексуалната работа е криминализирана, па сексуалните работници се плашат да пријават насилство од страв самите да не бидат приведени за кривично или прекршочно дело, или од страв да се соочат со предрасудите на овластените лица. Го олеснува пристапот до здравствени и социјални сервиси, гарантира поголемо вложување на властите во сервисите за сексуални работници, обезбедува подобри работни услови со што директно влијае на намалување на ризикот од ХИВ и други сексуално преносливи инфекции и грижа за здравјето воопшто. Го поддржува зајакнувањето и здружувањето на сексуалните работници во синдикати и здруженија, им ја враќа гласот и моќта за преговарање наместо да ги маргинализира и исклучува од дебатите во кои се дискутира за нивното здравје и живот.“ – изјави Марија Тошева.
Глобалната заедница на сексуални работници, многу оддамна се солидаризираше во смисла на заедничкото делување во борбата за признавање на сексуалната работа како работа. Постојат неколку причини зошто декриминализацијата е општо прифатен модел на регулација на сексуалната работа, со јасно утврдени стандарди.
Извршниот директор на СТАР, Борче Божинов смета дека декриминализацијата на сексуалната работа гоодразува почитувањето на човековите права и личното достоинство.
„Моделот на декриминализација, исто така ќе ги подобри условите во кои што сексуалните работници живеат и работат. Тие сами ќе можат да одлучуваат во какви околности ќе ги изведуваат своите професионални услуги. Декриминализацијата, ќе им овозможи на сексуалните работници полесен пристап до здравствена грижа. Последно, но особено важно, декриминализацијата на сексуалната работа ќе го разграничи митот и поврзаноста помеѓу волонтерската сексуална работа и трговијата со луѓе.“ – вели Божинов.
Сексуалната работа е непринудна продажба на сексуални услуги за пари или други материјални добра меѓу согласни возрасни лица. Сексуалната работа вклучува улична проституција, ескорт услуги, сексуални услуги преку телефон, порнографија, егзотично танцување и друго. Сексуален работник може да биде маж, жена или трансродно лице.
Според Наташа Бошкова, правна советничка Коалиција Сексуални и здравствени права на маргиналзирани заедници Скопје, постоечките закони во Македонија се засновани на моралната загриженост на властите дека одобрувањето на сексуалната работа, значи одобрување на однесување кое е општествено неприфатливо и спротивно на традиционалните вредности, однесување со кое се зголемува пренесувањето на сексуално преносливи болести, се легализира насилството врз жените и друго.
„Сексуалните работници и нивните права се целосно игнорирани, па ефектите се нивен прогон, насилство, дискриминација, противправно приведување, за кое никој не одговара. Декриминализацијата на сексуалната работа значи укинување на законите со кои се казнуваат сексуалните работници, но и сите дејствија околку сексуалната работа и ставање во фокус на правата, интересите и потребите на сексуалните работници. Ако сексуалната работа не е забаранета со закон, институциите и опкружувањето ги прифати сексуалните работници, ќе се овозможи заштита на сексуалните работници од насилство и дискримианција на нивното работно место. Признавањето на сексуалната работа ќе придонесе кон полесен пристап до правдата во случај на повреди на нивните права и соодветно казнување на сторителите со што ќе се превенира идно насилство и дискриминација.“ – изјави Наташа Бошкова.
Декриминализацијата на сексуалната работа подразбира пред се, признавање на сексуалната работа како работа слично како и останатите услужни дејности. Декриминализацијата подразбира слобода во изборот на формата и начинот на организирање на работата, па во наши услови тое би значело организирање на сексуалните работници да работат заедно, самостојно како самовработени луѓе или можност да се врабтоат кај друг кој ја организира сексуалната работа.
„Како и секоја друга работа, сексуалната работа треба да ги гарантира правата и обврските кои произлегуваат од работен однос. Финансиската придобивка на државата во таа смисла би била плаќање на персонален даник на доход или данок на добивка соодветно. За мене како некој што работи со сексуалните работници и има увид во состојбата, позначајна е придобивката за државата со тоа што ќе заштити една од најранливите заедници од насилство, злоупотреби и ќе им овозможи пристап до правдата. Примерите од другите земји покажуваат дека декриминализацијата придонесува за намалување на криминалот, го намалува ризикот од пренос на ХИВ и други сексуално преносливи инфекции. Декриминализацијата, исто така, помага во поефикасен одговор во борбата против трговијата со луѓе. Ова се доволни причини заради кои државата треба да почне да размислува да ја рефомира политиката за сексуалната работа.“ – вели Наташа Бошкова од Коалиција Сексуални и здравствени права на маргиналзирани заедници Скопје
Бошкова додава дека независно од причините зошто полнолетно лице се занимава со сексуална работа, тоа лице ги има истите права како и останатите луѓе. Сексуалната работа вели Бошкова е силен извор на стигма која продуцира предрасуда дека луѓето вклучени во секусалнта работа по дефиниција се сторители на кривично дело кое треба да се казни. Сето тоа ги лишувало сексуалните работници од можноста да ги уживаат правата подеднакво со останатите луѓе.
„Човековите права тешко се оставруваат во услови каде поради стравот од кривична одговорност, сексуални работници кои се жртви на насилство или повреда на нивите права немаат пристап до правдата. Криминализирањето на сексуалната работа води кон насилство, произволни апсења, дискриминација и несоодветна заштита во овие случаи. Затоа, еден од начините за се започне со реформа на постоечката состоба е да се укинат законите со кои се казнуваат сексулните работници, да се промени праксата на инситтуциите со која се кршат нивните права во пристапот до добра и услуги и да се работи на елиминирање на стигмата со што ќе се овозможи непречено уживање на правата и почитување на достоинството на сексуалните работници.“ – изјавува Бошкова
На новинарско прашање: Со какви придобивки може да се стекне државата при декриминализирање на сексуалната работа, Марија Тошева од СВАН појаснува дека тоа би било признавање на работничките права како еден значаен дел од граѓанството, како и ефективна борба со корупцијата.
„ Секоја држава ориентирана кон грижата за сите свои граѓани, вклучувајќи ги и оние на маргините, може да има само придобивки од декриминализирањето на сексуалната работа. Декриминализацијата за државата ќе значи признавање и почитување на човекови и работнички права на еден значаен дел од своето граѓанство, придонес за еднаквоста и не-дискриминацијата во својата земја, оданочување и регулирање на дејност која иако е стигматизирана, сепак постои, ефективна борба со корупцијата, организираниот криминал и насилството врз сексуалните работници/чки и нивните семејства, сеопфатна и поефективна здравствена политика во третманот на ХИВ и други сексуално преносливи инфекции.“ – вели Тошева.
Сите ние сме одговорни за создавање на култура во која сексуалните работници се омаловажени, каде што насилството против нив не се зема сериозно. Сите ние сме одговорни за тешкотиите со кои се соочуваат во пристапот до здравствена заштита и правда. Тоа е прашање на човековите права. Декриминализацијата не е појава/концепт кој што не постои, напротив додека во Македонија стигмата кон овие луѓе расте во Нов Зеланд и Нов Јужен Велс, Австралија овој модел го сфатиле како најефикасен при заштитата на правата и здравјето на сексуалните работници. Затоа за ваквиот модел стојат и за него се борат сите здруженија и унии на сексуални работници/чки и групи за човекови права на глобално ниво.“
Сунаи Сабриоски