Во месец декември се реализираа 6 онлајн работилници на Zoom и три средби на Skype преку кои се иницираа и спроведоа креативни процеси за изработка на едукативно-информативни материјали наменети за младите луѓе кои употребуваат клупски дроги, односно 6 летоци за: кокаин, LSD, MDMA, магични печурки, канабис и амфетамин.
Во креативните процеси учествуваа пара-правниците од ХОПС кои работат на терен со млади луѓе кои употребуваат клупски дроги, дел од тимот на креативните работилници – ХОПС, лицето одговорно за социјален маркетинг и менаџирање на социјалните медиуми во ХОПС, дизајнерот на летоците Васил Шемко и двајцата фасилитатори на работилниците: Жарко Стојановиќ и Елеонора Стојановиќ од Здружението ПЕТКАМЕН – Центар за развој на социјални комуникации.
За време на двочасовните работилници учесниците работеа на: одредување на целите на едукативно-информативните материјали, целната група како и главните пораки што треба се пренесат; преку бура на идеи изработија брифинг за дизајнерот, креативен концепт како и комуникациски елементи: слоган, наслови, дескриптивен текст, како и структурата на секоја од психоактивните супстанции опфатени со овие 6 летоци.
Како резултат на овие креативни процеси тимот изработи едиција на 6 летоци за клупски дроги, под слоганот ДЕКОДИРАЈ! Слоганот и начинот на кој се претставени информациите во летокот имаат за цел читателот да го стават во акција, односно да го внесат во личен процес на истражување, преку кој значењето на сликите и текстот, пишаните симболи, читателот ги открива сам додека се запознава со содржината на летоците. Тонот е пријателски и влева доверба. За секоја од супстанциите се дава референца до личност од историјата или денешницата која на некој начин е синоним или е поврзана со созавањето или користењето на супстанцата. Откривањето на кју-ар кодот е исто така составен дел од овој процес и се наоѓа на насловната страна на секој од летоците од оваа едиција. Кју-ар кодот има за цел читателот да го однесе на веб страната на ХОПС, каде за секоја од супстанциите има поставено повеќе информации.
Летоците се краток водич за намалување на штети кои даваат куси но важни информации за секоја од супстанциите: базични информации за психоактивните компоненти што ги содржи, формата во која се наоѓа и во која категоријата на психоактивни супстанции спаѓа; како се манифестира нејзиното влијание на централниот нервен системи, односно перцепцијата и општата состојба на корисникот, совети за намалување на штети од нејзината употреба, базични информации поврзани со правната регулатива во Р. С. Македонија и психоактивните супстанции, како и базични информации за веб страната на ХОПС, каде можат да се обратат и за помош и повеќе информации.
На овој линк можете да ја следите работата на нашиот дизајнер Васил Шемко.