Сцена: Мајката со потешкотии се буди од сон, нејзиниот мал син ѝ носи лекови надевајќи се дека ќе ѝ заштеди малку време од дневните активности. На почеток таа е бесна дека ѝ ги носи, а потоа го прашува дали се измешани правилно. Секако дека се, ја има гледано доволно долго за да го знае процесот. Следно, веќе ни станува јасно дека „лековите“ се хероин, а мајката не може да го започне денот без тоа. Дополнително на сето ова, денес е роденден на детето, кој таа го заборавила, но нејзиниот дилер се сеќава.
Вака започнува „Чисто“, безмилосна и мрачна приказна за мајка зависничка и нејзиното стабилно младо синче.
Филмот е предупредувачка драма од типот на „Реквием за еден сон” и „Треинспотинг“, која се фокусира на мало семејство од опасните улици во Лондон. Мел (Моли Паркер) е самохрана мајка зависничка по смртта на нејзиниот сопруг. Таа има две деца, 10-годишниот Пол (Хари Еден) и малку помладата Ли (Вини Хантер) која понатаму продолжува кај бабата. Невиноста на умот на едно младо дете, иако живее во средина со мајка зависничка, е прикажана и преку малтретирањето што го доживува од страна на насилниците во училишниот двор кои ја навредуваат неговата мајка со зборот „џанак“. Во самата приказна се појавува и Вики (Марша Томасон), пријателка на мајката на Пол, секогаш на работ на смртта, продавајќи го своето тело во замена за фикс.
Алармирана од најновото предозирање на Вики, Мел сака сама да стави крај на навиките и се обидува да го стори тоа ладно, самостојно, не во клиника, туку забарикадирана во нејзината спална соба. Одговорноста за овој обид, секако, паѓа врз Пол: тој да ја надгледува, да ја чува заклучена и подалеку од сè, без разлика на тоа што таа ќе дава отпор. Планот не му одговара на Лени (Дејвид Венхам), дилер на Мел и понекогаш и љубовник, кој очигледно не сака да изгуби клиент.
Сценариото на Алисон Хјум е брилијантно, претставувајќи ја нејзината слика на зависност, детоксикација и очај, а претставата која ја креира Паркер, како Мел, е застрашувачки добра. Не би сакале да ја изоставиме и улогата на Кира Најтли како келнерка, исто така клиентка на Лени, која се дружи со Пол за време на кризата.
На крај, можеме слободно да издвоиме дека ѕвезда на ова остварување е Хари Иден. Со едвај 11 години кога филмот се снимал, покажува неверојатна зрелост за соочување со ваква улога. Пол има цврсто лице, зацврстено од сите проблеми со кои се соочува, недоверба на речиси сè – но, тој ја љуби својата мајка. Неговата посветеност кон неа е моќна и многу возбудливо пренесена.
Подготвила:
Ирена Јовановска