Во нашето семејство серијата „Брејкинг бед“ има култен статус заедно со филмовите „Амадеус“ или „Денот на мрмотот“. Во секојдневен муабет се одговара со реплики на главните ликови, цитати од неа се користат небаре се од античките класици, а петте сезони се изгледани по неколку пати – најпрвин линеарно од првата до последната, па наназад од последната кон првата, потоа по случаен избор, па неколкуте најдобри. Иако можеби и не е најдобар избор на содржини за воспитување на еден тинејџер во областа на популарната култура (насилство−дрога−секс), таа предизвика неочекувана нуспојава: едно 13-годишно дете се заинтересира за хемија до таму што го закачи Периодниот систем на елементи до креветот и почна да добива петки по овој предмет.
И ова не е само случај во нашето семејство. Бројни поединци кои имале одбивност кон природните науки и кон научното знаење воопшто до гледањето на серијата одеднаш се здобија со малку поинаква слика за што сè може да користи познавањето на хемиските формули и на природните процеси кои ги отсликуваат. Да, хемијата може да служи за производство на дроги или за дискретно ослободување од мртви тела, но и за решавање на побанални, а битни животни проблеми како активирање испразнет акумулатор на комбе среде пустелија или чистење запуштено купатило со вистинската киселина.
Со генерации стандардната слика на научник е авторитативна фигура во бел лабораториски мантил, најчесто маж и белец, токму како Волтер Вајт, главниот лик во серијата. Вакви стереотипни научнички фигури сè уште се присутни во реклами за медицински или козметички производи, а нивната појава поттикнува доверба кај гледачот кој, најчесто, не е научно писмен. Притоа и не е важно од која конкретна област е научникот – од него, како од некаков ренесансен лик, се очекува да се разбира од сè. Така, во првата епизода од втората сезона, нарко босот Туко очекува Волт да знае како да изведе прва помош врз онесвестен член на бандата. „Стори нешто! Паметен си, нели?“, му се дере, како овој да не е само хемичар, туку и доктор по медицина.
Изгледа неверојатно некој како Туко одеднаш да има доверба во што и да е. Па сепак, луѓето вообичаено претпоставуваат (секако погрешно) дека некој со академско познавање од природни науки знае сè за човечкото тело и за природните закономерности. Она што тие притоа го занемаруваат е фактот дека интимното знаење за тоа како да се опстане во сурови услови, без оглед дали тие се природни или социјални, може да биде повредно од каква и да е научна информација. Парадоксално е што вештините на Волт во подземјето и кај нарко босовите со кои си има работа се повисоко вреднувани отколку во мејнстрим општеството каде што тој едвај врзува крај со крај како наставник по хемија во средно училиште. Тоа е, всушност, и причината зошто тој воопшто почнува да се занимава со производство на метамфетамин − за да го остави семејството, сопругата и двете деца, со некаква заштеда доколку почине од тазе дијагностицираниот рак на бели дробови.
Во ликот на младиот, и барем на почетокот прилично недоветниот Џеси Пинкмен, тој го наоѓа својот идеален соработник. Волт и Џеси влегуваат во однос на ментор и ученик или на мајстор и чирак. Најпрвин работите не одат како што треба – Џеси покажува презир кон формалниот научен пристап на Волт и не ги почитува до крај неговите насоки, толкувајќи ги како каприц и перфекционизам, а не како нужност. Откако еднаш се здобива со самодоверба во ракувањето со епруветите, мензурите и инките, тој почнува да тврди дека неговиот метод за добивање на кристал мет е „уметност“, со тоа дистанцирајќи се од формалната „научност“ на целиот процес. Инсистира дури и на додавање чили прав на својот рецепт, како своевиден уметнички „потпис“, што го прави поблизок до преднаучниот отколку до стриктно хемискиот пристап кон производство на дрогата, некој вид алхемичар. Но, и покрај ваквиот јаз, во текот на серијата има знаци дека формалната и „уличната“ наука можат да се помират. Обајцата, и Волт и Џеси, ги разбираат опасностите од ракувањето со токсични хемикалии и ја отфрлаат идејата за поставување лабораторија дома, па за таа цел користат патничко комбе. Готвејќи „мет“ заедно, тие се поврзуваат во чувството дека создале нешто кое е препознатливо како квалитет и кое може да ѝ конкурира и на најдобрата стока на пазарот. Истовремено Џеси се однесува кон своите палави соработници − локални дилери со истата строгост која кон него ја покажува Волт, одеднаш барајќи повисоки стандарди на однесување, особено во лабораторијата.
Поради сето ова не е ни чудно што серијата, освен поради елементите на трилер и акција, стана популарна и поради поврзувањето на топ науката со свет кој стереотипно нема никаква врска со неа – оној на дрогите, на дилерите, на корисниците и на нарко криминалот. Ова поврзување ја релативизира рационалноста на постапките на научниците и во професионалниот и во приватниот живот. Во конкретниот пример ова важи за вообичаено крајно рационалниот Волт. Чекор по чекор неговото однесување станува импулсивно и раководено од желбата за сè поголема моќ која го заслепува. Тој станува расеан во училницата, онаму каде што претходно имаше целосна контрола, што може да ја отсликува и нашата растечка несигурност во врска со науката и технологијата во последниве децении, но особено сега, во текот на актуелната пандемија.
Филмската историја е полна со ликови на „луди“, а често и злобни научници социопати: Емет „Док“ Браун од „Враќање во иднината“; Тони Старк од „Ајрон Мен“; Ханибал Лектер од „Кога јагнињата ќе стивнат“ или доктор Џекил од „Доктор Џекил и господин Хајд“. Она по што од нив се разликува Волтер Вајт е што почнува како обичен претставник на американската средна класа, кој по сила на приликите се иницира во криминален супер или антихерој исклучиво поради способноста науката да ја примени на најпрактичен можен начин, речиси како да произведува прашок за перење кој вади мрсни флеки најефикасно во споредба со сите на пазарот. Тоа што наместо детергент тој измислува средство за масовно уништување во форма на моќна дрога е само уште едно предупредување, дека физиката и хемијата можат да помогнат човекот да се лансира во вселената, но исто така можат да создадат атомска бомба која ќе го збрише истото тоа човештво од Земјата.
Авторка: Јакимовска
Илина Јакимовска е редовен професор на Институтот за етнологија и антропологија на ПМФ, УКИМ. Веќе цела деценија ја уредува и ја пишува рубриката за култура на порталот оff.net.mk.