Нежен почеток: глобална состојба и „the do’s and don’ts“ на психотерапискиот пристап кон зависноста
Статистиката е, во принцип, многу здодевна работа. Но, токму тој бројчано изразен пресек на реалноста со својата непобитност и итност најдобро умее да ни го привлече вниманието и да нè мотивира кон посодржајно занимавање со конкретниот проблем. Бројката од околу 208 милиони поединци кои употребуваат нелегални дроги на светско ниво, а со која се соочив во текот на разговорот со д-р Христијан Јанкуловски од ХОПС за мене беше првото избистрување на фокусот: Што значи ова преведено во човечки животи? Какви последици носи со себе? Дали зборуваме за тренд во пораст – и за кој тип на дроги? Што ни кажува тоа за напорите и милионите вложени во превенција, информирање, демонизирање и регулирање на нелегалните супстанции? Кои слабости и неуспеси ги отсликува ваквата ситуација? Како, ако воопшто, може ефективно да се пристапи кон оние корисници чие нормално функционирање е отежнато поради проблемите врзани со употребата на дроги?
Една важна идеја, до која допрев во текот на вториот ден од школата, за време на предавањата на проф. д-р Славица Гајдаѕис-Кнежевиќ, беше објективното осврнување кон употребата на дроги – за мојот систем на вредности е сосема логично дека вистината никогаш не е монохромна и ништо постоечко на светот каков што го знаеме не е ниту зло ниту добро само по себе. Имајќи ја предвид повеќедецениската актуелност на зависностите во глобални рамки, реторички се запрашав зошто сѐ уште не умееме да зборуваме отворено на оваа тема. Зарем неисплатливоста на трудот вложен во акцентирање на злото отелотворено во дрогите не нѐ поттикнува на нов пристап со нивните уживатели? Дали се трудиме да ги разбереме или едвај се изолираме на безбедна дистанца од „нормалните“? Навистина, зарем не е точно дека и ние, професионалните помагачи, најчесто ги третираме корисниците на дроги како слабаци кои се премногу мрзеливи да го носат самостојно својот животен товар. И понатаму, дали воопшто некогаш се осмелуваме да посегнеме кон коренот и заднината на проблемот на зависностите, кој е длабоко вплетен во мрежа од социоекономски услови, социјални обноски, дисфункционални семејни шаблони и несоодветни правно-легални прописи – или само бесцелно вртиме кругови околу симптомите.
Креативните излагања на прим. д-р Гајдаѕис-Кнежевиќ осветлија нов момент во моето разбирање – постојат различни видови на корисници на дроги. Постојат различни степени на самоконтрола на употребата. Постојат различни степени на подготвеност за промена. Крајната цел на терапијата во никој случај не смее да биде спасување на клиентите по секоја цена, туку развивање на поголем степен на потенцијал за промена. Таквата поставеност не ги ограничува лицата кои имаат проблем со зависност да бидат само потхранувачи на нашата потреба да бидеме нивните спасители. Какво било подобрување на квалитетот на живот на корисникот на дрога е одличен почеток, а наспроти популарното убедување, настојувањето кон комплетна апстиненција не е единствениот метод за остварување на тој стремеж. Тие не смеат да бидат заложници на нашиот арбитрарен морален систем.
Продолжуваме понатаму: ѕиркање во мозочната кора и запознавање со програмите за намалување на штети и психосоцијална поддршка
Деновите ми се исполнети со толку квалитетни разговори што едноставно не стигнувам да го доџвакам и асимилирам сиот тој материјал, и додека јас уште тупам за психотерапијата, стигна третиот ден. Како што предавањата на д-р Дарко Костовски ја растеруваа маглата од моите несигурни сфаќања за медицинскиот модел на зависноста, сѐ појасно ми стануваше дека прекумерното психологизирање на овој феномен води кон минимизирање на неговата неврофизиолошка основа што не би смеела да биде потценета за сметка на величање на моќта на волјата. Веднаш признавам оти никогаш претходно не ја бев сфатила целосната улога на супституциската терапија во третирањето на зависностите од дроги и навистина добро ми дојде шансата да стекнам увид во механизмот со кој функционира, на пример, опиоидната зависност, како една сериозна трансформација на мозочната биохемија. Колку и да не ни се допаѓа тоа, иако несовршен, овој медицински метод овозможува одржување на стабилното функционирање кај многу корисници. Во центрите со метадонска програма, стручниот тим има редовен пристап до корисничката популација и увид во нивниот живот, а со тоа ја добива и приликата да се позанимава со психосоцијалниот дел на зависноста, што е неопходно ако сакаме да оствариме суштински и одржливи ефекти.
Како искуства од голема вредност ги бележам посетите на Дневниот центар за корисници на дроги – Меѓуопштински центар за социјална работа – Охрид и просториите на програмата за намалување на штети при ЗГ Опција – Охрид, каде што нашата мала и шарена група можеше да ги искуси условите (или недостатокот од нив) во кои работат стручните тимови ангажирани за оваа проблематика. Низ дискусиите со Влатко Деков од ХОПС првпат се запознав со поимот намалување на штети во овој контекст, што првенствено опфаќа превенција од пренесување на ХИВ/СИДА, хепатитис Ц и други болести преку овозможување на пристап до стерилен прибор за инјектирање преку макотрпно изградена доверба и простор за пристап до корисниците, што успешно го остваруваат неколку организации во Македонија. Сосема неочекувано, на местата што ги посетивме, наместо апатична резигнираност наидовме на ентузијазам и на посветеност без кои работата со маргинализирана група од овој калибар би била фактички невозможна. Но, непријатно е притоа да се открие и малиот број на здравствени работници кои имаат волја да се вклучат во оваа област, иако целокупната добробит на луѓето е благородниот принцип што се наоѓа во сржта на нивните професии. Наивно и реторички – зарем дискриминаторната политика во рамките на здравствената заштита не е една особено срамна одлика на општество со желба за хуман развој?
Се ближи крајот. Но, чекајте, што е со казните?
Во текот на шестиот ден од школата се разговараше за правната регулација на употребата и поседувањето на нелегални дроги во Македонија, презентирана од правничката Наташа Бошкова. Неизбалансираниот пристап кон различните видови криминални дела поврзани со нелегални дроги и драконските казни водат само кон непотребно разјадување на човечки животи наместо да произведат каква било зрела општествена промена, додека проблемот тоне уште подолу во подземјето. Сознанието дека употребата на дрога може да биде контролирана, но не и искоренета сѐ уште се нема вгнездено во плодно тло во правосудниот систем на нашата земја. Не би рекла дека бев изненадена пред податокот дека кај околу 60% од затворениците во Идризово има повторување на криминалното дело, а дури една третина од нив се корисници на дрога. Не е неопходна посебна анализа за да се дојде до заклучок дека системот експлицитно скапува, но очигледно сѐ уште е премногу удобен. Недостигот од психосоцијалната поддршка за корисниците на дроги е очигледен во сите средини, но затворската популација е можеби најспецифичната ранлива група, како што детално елаборираше Аница Димовска, претставувајќи ги резултатите од едногодишниот проект на ХОПС во затворот Идризово. Одвоени некаде далеку од нашите очи, не знаеме и не сакаме да знаеме како изгледа нивната борба со зависноста.
Кондензирана ретроспектива
Знаете, би излажала ако кажам дека работењето со зависности од дроги е остварување на мојот професионален сон. Во оваа земја, тоа е мачна и неперспективна работа што бара силен стомак, остри заби и нерви од челик, а носи слаб „фидбек“ и уште помала општествена поддршка. Но, непишаната етика која свесно сум ја синтетизирала од начелата на применетата психологија ми наложува да ги дадам мојата енергија, знаење и поддршка секаде каде што е потребно, и тоа како дел од еден организиран систем на напори за унапредување на квалитетот на човечкиот живот. Во таа смисла, мојот интерес на оваа тема беше мотивациската подлога на која оваа кратка, но интензивна школа изгради темели за иден раст, придружени со продлабочен интерес. Со својата почетничка мотивација за предизвикување на нормите што се гнили и практиките што се неефикасни, заедно со моите колеги од Летната школа, се осмелив да се впуштам во еден процес на рушење на митови, болно одвојување од интровертирани табуизирани ставови и трпеливо вежбање на способноста за автентично разбирање. Истовремено тој беше зацврстуван преку соработката, несебичното споделување на вештини и на искуства и другарството дадено од страна на организаторите и на предавачите. Тука би сакала да ги споменам и излагањата на м-р Вања Димитриевски за методологијата на општествените истражувања за дрогите и живите дискусии со Зоран Јорданов од здружението на граѓани „Егал“ кој нè едуцираше за заштитата од ХИВ/СИДА притоа поттикнувајќи нè да ги деконструираме до крај и предрасудите за маргинализираните групи во општеството. Цело е кога има сè – токму тоа го добив јас од оваа школа. Затоа искрено се надевам дека нејзиниот континуитет ќе се одржи и надгради, а нејзината сеопфатност ќе се продлабочи уште повеќе, создавајќи функционална мултидимензионална мрежа на стручни соработници посветени на намалување на деградацијата и исклученоста на граѓаните кои се соочуваат со проблеми поврзани со зависностите од дроги – и силно верувам дека се движиме во вистинскиот правец.
Марија Грубор
Марија Грубор е родена 1992 година во Велес. Има дипломирано на Институтот за психологија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а студира на постдипломските студии за култура на Институтот за општествени и хуманистички студии. Ангажирана е како стажант на ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија. Активистка е во повеќе прогресивни социјални движења. Пишува и објавува поезија, проза, колумни и есеи.