Сексуалните работници ги имаат истите човекови права како и останатите граѓани. Меѓутоа, постоечката законска рамка, политиките и воспоставената пракса поврзана со сексуалната работа, лицата вклучени во сексуалната работа и условите во кои тие живеат и работат укажуваат на постоење на системска дискриминација, насилство и експлоатација, што доведува до кршење на основните човекови права на сексуалните работници. Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје за прв пат во 2000 година започна да контактира сексуални работници кои главно работат на отворено, а со развојот на програмата за поддршка на сексуалните работници се зголеми опфатот на сексуалните работници, како и различните модуси на работа на сексуалните работници.
Искуствата од досегашната директна работа со сексуалните работници укажуваат на тоа дека сексуалните работници се соочуваат со насилство и сериозни прекршувања на нивните права од страна на институциите и на трети лица. Истражувањата спроведени на територијата на Град Скопје покажуваат дека единствено сексуалните работнички се жртви на насилство од омраза во јавните простори (Реактор, 2012). Во случаите на повреди на нивните права, сексуалните работници имаат ограничен пристап до правдата, а често и државните институции се прекршителите на нивните права.
Ваквиот контекст придонесува сексуалните работници да бидат на маргините на општеството, да живеат и да работат во небезбедни услови како по нивното здравје, така и по нивниот живот. Од друга страна, Република Македонија иако ги има потпишано и ратификувано поголем дел од меѓународните договори со кои се гарантираат човековите права на сите граѓани, сепак на национално ниво сѐ уште постојат законски празнини во одредбите кои ги засегаат сексуалните работници. Недоследностите во правната рамка дополнително придонесуваат за неконзистентна примена на одделни закони кои негативно влијаат на остварувањето на правата на сексуалните работници.
Со цел подобрување на работните и на животните услови на сексуалните работници во Македонија неопходно е да се анализираат постоечката законска рамка, политиките, но и нивната имплементација во пракса.
За сеопфатен увид во состојбите, во овој документ се прикажани и ставовите и мислењата на самата заедница на сексуални работници за влијанието на постоечките политики и практики и нивните предлози за реформа на постоечката политика и измена и дополнување на постоечката законска рамка.
Прочитајте го целото истражување “Анализа на ставовите на сексуалните работници за потребата од промена на законската регулатива за сексуалната работа во Македонија”.