Мајка ѝ од Битола ја прати
кај тетка ѝ во Скопје да учи
средно музичко, а потоа таа
на факс клавир запиша.
Сè беше некако префокусирано
на тоа постоење исфорсирано;
можеше и да се умре,
но не без испитот да се даде.
Така таа мајка глупа
судбината ѝ ја врза за таа клупа
како и клавирот тој тенк
кој ја прегази во последниот ден…
…од третиот семестер кога
генезата на таа мака тешка
врв досегна, заш` мајката
ништо друго, а главата…
…учена на ќерка ѝ ја интересираше.
И воопшто мајката не се нервираше
Кога ќерка ѝ се секираше
заш` испитот го положуваше.
Не ѝ беше гајле на тупавата мајка
кога ја гледаше ќерката бледа
со оние темни петна под очите
само индексот од факсот ѝ беше пред очите.
Ќерката попушти со нервите
кога на другите погледите
ги сеќаваше на своето чело
зашто ѝ се чинеше исцело…
…дека и ним не им е важно
дал` мртва ил` с` нешто тажно
како самата смрт е таа
исто како што ја гледаше мајката нејзина.
А за мајката само индексот беше важен
таа не го гледаше на ќерка ѝ погледот тажен
само на иднината и на свирбата со кариера
мислеше – пред да заспие старата.
А младата веќе заборави кој ѝ е датум
на раѓање, и дека се вика Ана заборави простум
таму некаде на крајот на третиот семестар
кога пијанисткава сосема остана без лаки стар.
Во тие денови некој ѝ кажа дека наместо да се мачи да го пудерисува целото лице би можела да постапи како Кетрин Денев што советувала, само врвот на носот со малку кока го запрашувала и целото лице совршено го обмислувала подобро и од најскапиот шминкер. Па дури и кога наредниот ден се разбудувала, оваа девојка иако долго време со лице немиено заспивала…
…со обравчиња заруменети чудно
направени се разбудувала.
Потоа сè многу бргу се развиваше
поточно се назадуваше кон полошо
кога и некои игли беа пробани,
па и ампули, апови и трипови.
Во амбисот на прегласната
музика, полузгмечена од
толпата од дискотеката другарка
ѝ полумртва ја извади,
а потоа на брзата помош под
лажно име ја претстави,
со намера мајка ѝ да не насети
за што се работи…
Говедата пак од болницата
не сакаа да ѝ дадат навремен третман
бидејќи здравствено осигурување
под такво име не постоело,
а тие не сакале болницата да ја задолжат
– во тоа нивното умство се состоело.
Бидејќи третманот ѝ беше даден
со едно големо задоцнување
остана пијанистката наша со пола глаа
запајцана. Мајка ѝ ја прибра назад
во Битола, и по разни клиники
институции некакви ја влечкаше.
Оттогаш минаа триесе години,
а нашата музичарка од тој ад не излезе.
На пријателката онаа ѝ кажа
дека најголемата среќа ѝ се појавува
кога новиот ден го поздравува
со сеќавањето на оној ден
кога хорсот во раката ѝ го иглосаа,
а раката продолжила потоа
со часови бескорисно да ѝ се мавта
така целата неупотребливо свисната
како на умирајќите лебеди вратовицата…
Целата потопена во муграта
тогаш ја обзема мислата
за раката-неупотребливата,
победата над од бесчувственоста ѕверствата.
Од стихозбирката „Печатот на вистината“Игор Поп Трајков
Игор Поп Трајков се има изразено во сите видови на пишаниот збор (филозофија, проза, поезија, есеистика, пиеси, сценарија, теорија…). Има објавувано во повеќе списанија и учествувано на повеќе литературни манифестации како Виаџи ди верси, Ил мио либро, Еуропски натјечај кратке приче. Неговите дела се преведени на англиски, на германски, на италијански, на албански, на хрватски и на бугарски. Поборник е за демократија, човекови права и за владеење на правото.