Постои веројатност дека тинејџерите би користеле канабис поретко кога тој би бил легален, сугерира една нова студија.
Истражувачите на Државниот универзитет во Монтана ги испитувале здравствените истражувања во кои учествувале учениците од средните училишта во САД помеѓу 1993 и 2017 година. Додека употребата на канабисот меѓу младите во САД растела, употребата кај тинејџерите во државите каде што рекреативната употреба била легализирана, се намалила дури за 10%. Употребата на канабис е се уште незаконска во сите држави за лица под 18 години.
Авторот на студијата, Марк Андерсон, за Асошиетед прес изјавил дека студијата објавена во медицинското списание “Јама педијатрикс” имала за цел да помогне да се смири нивото на загриженост поради употребата на канабисот меѓу тинејџерите која всушност ќе станува се поголема.
Неговиот тим ги анализирал податоците за околу 1,4 милиони тинејџери во САД, кои биле земени од годишната национална анкета за однесувањето на млади во ризик, спроведена од Американскиот центар за контрола на болести и превенција.
Д-р Андерсон изјавил дека е обично потешко за тинејџерите да купуваат канабис од лиценцирани диспанзери – каде што е потребно доказ за возраста – отколку од дилерите на улица. Канабисот што се продава во диспанзерите исто така е често и поскап, па затоа и ја избегнуваат оваа алтернатива.
Резултатите од оваа студија биле идентични како оние од претходната која била објавена во декември минатата година, а покажала дека употребата на канабис меѓу тинејџерите во Вашингтон се намалила откако државата ја легализирала рекреативната употреба во 2012 година.
Но, резултатите биле сосема различни од оние од студијата спроведена во Колорадо во 2018 година која покажала дека бројот на средношколци кои употребувале канабис, бил идентичен како и оние од 2014 година, кога рекреативната употреба се уште не била легализирана.
Д-р Андерсон за американската телевизија Си-Ен-Ен изјавил дека повеќето држави ја легализирале рекреативната употреба на канабисот неодамна и дека тимот треба да продолжи да ги следи податоците и да ги ажурира нивните наоди за неколку години.