Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека речиси една година се работи на подготовка на закон за легализација на канабисот за медицински цели во Албанија.
За таа цел, како што вели, се консултирале со најдобрите странски и домашни експерти.
Веќе една година работиме на овој нацрт-закон, кој ќе биде готов набрзо. Ние не работиме без да се консултираме со странски и наши експерти на високо ниво. Главната работа што ја правиме е консултација со други кои имаат искуство за тоа. Ние не измислуваме ништо, учиме од другите. Нацрт-законот многу набрзо ќе биде готов и ќе биде ставен на јавна расправа, идентично како и нацрт-законот за фискална амнестија кој најпрво се дискутира со неколку меѓународни институции, рече Рама на заедничката прес – конференција со евроамбасадорот Луиџи Сореца.
Според Рама, во многу европски држави, меѓу нив и Северна Македонија, канабисот е легализиран за медицински цели.
Албанија е позната по големото нелегално производство на канабис, која главно завршува на пазарот во западно европските земји. Последните години, како што се проценува, се произведуваат по стотина тони канабис, поради што од „Колумбија на Балканот“ сега го носи епитетот „Колумбија во Европа“.
Поради се поголемо производство во недостапните планински предели, полицијата првпат почна да користи дрон за нејзино откривање.