Самиот чин на легализирање на канабисот придонесува да се случат одредени поместувања. Според последните истражувања во Канада и во некои сојузни американски држави (Колорадо и Орегон) се гледа тренд на намалување на користење на канабис од страна на младата популација, кој некаде оди дури до 50 % намалување. Но, она што е интересно е дека се зголемува бројот на корисници на канабис кај постарата популација, лица во старосен ранг од 45 до 80 години (па и постари).
Водечки пазари за канабис – САД, Канада и Европа Две илјади дваесеттата година изгледа многу ветувачка во однос на процесите на легализација и декриминализација на канабисот. Минатата година, 2019 година, на светско ниво заврши со вкупен обрт од околу 15 милијарди долари (за медицинска и рекреативна употреба), а по однос на бројот на вработени бројката се движи околу 200000 луѓе кои се директно ангажирани во овој сектор.
Во САД бројот на држави кои имаат позитивна правна рамка за користење канабис е следниов: рекреативната употреба е дозволена во 12+1 сојузни држави, производството на канабис за медицински цели е дозволено во 39 држави, а во 48 држави е дозволена продажбата на ЦБД- -производи (што значи дека само 2 сојузни држави во САД имаат забранета продажба и производство на производи од канабис). Ова ги става САД на прва позиција во светот, особено поради фактот што само нивниот пазар изнесува околу 13 милијарди долари. Во врска со одделните пазари на секоја сојузна држава посебно, важно е да се спомене фактот дека сè уште најдобри економски параметри можат да се забележат во државата Колорадо (државата пионер во процесот на легализација на рекреативната употреба) каде што вкупниот промет за 2019 година достигна фантастични 1,75 милијарди долари.
Но, ова место нема да може да го задржи за долго поради фактот што опасно ѝ се приближува државата Калифорнија која има 7 пати поголема популација, а со самото тоа и апсорпциска моќ. Во 2020 година се очекува уште 4 сојузни држави да го легализираат рекреативното користење на канабисот.
Втора на таа листа е Канада, прва држава од групата Г7 која целосно ја легализираше рекреативната и медицинската употреба на канабисот на целата своја територија на 17 октомври 2018 година. Официјални податоци за 2018 година велат дека Канаѓаните потрошиле околу 1,6 милијарди долари на легален канабис со проекции дека нивниот пазар во 2020 година би вредел околу 3,2 милијарди долари, а максималната вредност на овој пазар се проценува на 8 милијарди долари и таа би се достигнала на крајот на оваа деценија. Во однос на тоа која провинција колку е успешна во економските перформанси треба да се напомене дека Алберта засега е шампион по однос на обрт на средства и вработувања, додека по лошите резултати се истакнуваат Онтарио и Британска Колумбија. На оваа листа уште влегува и Уругвај кој важи за држава пионер во легализацијата на канабисот на светско ниво (почнувајќи од 2013 година), но нивниот бизнис-модел кој е на сила е сосема различен од претходните 2 споменати (на САД и на Канада). Многу важен исчекор во овој сектор прави и Австралија, т. е. една од осумте територијални единици, Канбера, која донесе позитивна законска рамка за користење канабис и таа почна да важи од 31 јануари 2020 година. Но, сепак, праксата ќе покаже дали ова нивно законско решение води кон декриминализација или легализација на канабисот.
Ситуацијата во Европа сè уште е непроменета. Европските држави дозволуваат легално производство и користење само на производи кои содржат ЦБД (масла, козметички производи, кондиторски производи и сл.). По однос на консумирањето на канабисот, за сите оние либерални држави кои прибегнуваат кон процесот на декриминализација, за сите нив легализацијата е сè уште премногу храбар и рискантен потег.
А на ниво на ЕУ, пак, постои еден многу негативен тренд по однос на производите од коноп. Во законската регулатива на ЕУ, конопот и производите од коноп се третираат како нова храна (Novel Food, Designer Food), група на прехранбени производи кои ги вклучуваат ГМО-производите и се произведуваат преку соодветни процеси на биоинженеринг. За ова може да се каже дека е крајно чуден и неетички потег.
Меѓународна правна рамка за третманот на канабисот Настанот кој се случи во Виена, Австрија, оваа зима (февруари 2020 година), ги собра претставниците на земјите членки на Комисијата за наркотични дроги на Обединетите нации (UN-CND / ООН-КНД) каде што тие ги добија препораките од Експертскиот комитет за зависности од дроги при Светската здравствена организација (Expert Committee on Drug Dependence ECDD / ЕКЗД) по однос на прераспределувањето на канабисот, документ кој претходно беше најавен за декември 2019 година. На овогодинешниот состанок на ООН-КНД се очекуваше дека конечно ќе се разгледува можноста за своевидно ослободување на канабисот од стегите на меѓународните конвенции, но до тоа не дојде исто како што беше и во март 2019 година. Како објаснување за ова повторно одложување може да се земе фактот дека имаше одредено доцнење во доставувањето на работните материјали од страна на ЕКЗД до ООН-КНД и токму поради тоа процесот е поместен за крајот на 2020 година. На овој начин, земјите членки можеби ќе добијат дополнително време за размислување (или лобирање?!?).
Во извештајот на ЕКЗД се препорачуваат неколку измени за тоа како би се прераспределил / преквалификувал канабисот, што може да има значителни импликации за индустријата за канабис:
• Распоредување на канабисот во меѓународните конвенции за контрола на лекови / дроги нема да биде толку рестриктивно како што е сега затоа што тоа ќе се отстрани од Распоредот 4 (Schedule 4) од Конвенцијата од 1961 година од категоријата резервирана за најопасните материи.
• ТХЦ во сите форми ќе биде отстранет од Конвенцијата во 1971 година и ќе биде ставена во Распоред 1 од Конвенцијата од 1961 година со што значително се поедноставува класификацијата на канабисот.
• Чисти препарати на ЦБД и ЦБД-производи кои содржат помалку од 0,2 % THC нема да бидат вклучени на кој било начин во меѓународните конвенции за контрола на лекови.
• Фармацевтски препарати што содржат 9-THC, доколку следат одредени критериуми, ќе бидат додадени во Распоредот 3 од Конвенцијата од 1961 година, препознавајќи ја веројатноста за злоупотреба. Според одредени новински агенции, од оваа средба има и други подетални неофицијални заклучоци, но засега тие немаат никаква правна сила, туку само даваат одредени неформални насоки за тоа во која насока би се движел комплексниот процес на преквалификација на канабисот во соодветните конвенции. Она што е важно да се спомене е дека и по однос на ова прашање има одредена поларизација кај земјите членки на ООН-КНД, земји кои се за промоција на либерани политики и земји кои се против либерализацијата на ова растение. Во првата група поддржувачи спаѓаат: САД, Канада, Швајцарија, земјите членки на ЕУ, Јужноафриканската Република, Јамајка и Мексико, додека во спротивниот табор се следниве земји: Велика Британија, Русија, Кина, Сингапур, Јапонија, Нигерија, Египет, Иран и Кенија. Останува да почекаме до декември 2020 година и да видиме кој ќе биде исходот од овој веќе започнат процес на либерализација на канабисот.
Трендови кај потрошувачите
По однос на трендовите кои се присутни во секторот канабис, важно е да се истакне дека постои одредено поместување на старосните групи на корисници на канабисот. Пред да започнат процесите на легализација и на декриминализација на канабисот, во светот владееше мислењето дека канабисот е занимација со која најчесто се забавуваат припадниците на помладата генерација, популација од 18 до 35 години. Но, самиот чин на легализирање на канабисот придонесе да се случат одредени поместувања. Според последните истражувања во Канада и во некои сојузни американски држави (Колорадо и Орегон) се гледа тренд на намалување на користење на канабисот од страна на младата популација која некаде оди дури до 50 % намалување. Но, она што е интересно е дека се зголемува бројот на корисници кај постарата популација, лица во старосен ранг од 45 до 80 години (па и постари). Како светски стандард може да се земе информацијата дека во (речиси) секоја држава процентот на корисници на канабис се движи 7 – 8 % од вкупната популација. Овој процент во државите со легализирана рекреативна употреба се покачува до 15 % и притоа дуплирањето на пазарниот потенцијал се должи токму на повозрасната популација. Колку за споредба, процентот на популацијата која консумира алхохол е околу 70 % од целокупното население на планетава. Одредени студии во САД дури прават и корелации меѓу консумацијата на канабис и фармацевтските производи. Тие покажуваат дека само во САД, започнувајќи од 2014 година (во оваа година стартува легалната рекреативна употреба на канабисот во првата држава, Колорадо), па заклучно до крајот на 2018 година, фармацевтската индустрија бележи пад од околу 80 милијарди долари за сметка на индустријата на канабис која има вредност од околу 11 милијарди долари. Ова е сериозен индикатор дека луѓето сè повеќе сакаат да користат природни супстанции и медицински препарати базирани на канабис во третирањето на нивните болести и дијагнози.
Македонската ситуација со канабисот
Во Македонија – ништо ново. Иако во 2016 година изгледаше дека ќе бидеме пионери во овој сектор, денес во 2020 година ситуацијата е благо речено – чудна. Владата има издадено 47 лиценци за производство на канабис за медицинска употреба (заклучно со февруари 2020 година), но сè уште недостигаат подзаконските акти кои треба да овозможат непречен промет (извоз) на цвет или масло од канабис. Според информациите од медиумите, овој сектор досега има вложено над 150 милиони евра и вработува околу 800 луѓе, но по однос на тоа колку е произведено, продадено или извезено податоците се оскудни.
Која е причината за ваквата состојба во секторот?
Причините се повеќе, но да ги споменеме: – Лошо законско решение и непостоење на соодветни подзаконски акти. – Неетичко лобирање на најразлични центри на моќ (домашни и странски). – Несоодветни бизнис-планови за влез во секторот медицински канабис. – Политичка неодлучност и неследење на светските трендови. – Немање соодветни наставни курикулуми за обука на човечкиот потенцијал (за производство на канабис, едукација на лекарскиот персонал, екстракција и производство на кондиторски производи). – Крајно неетички и нехуман однос кон болните лица кои имаат потреба од канабис како лек (одредени лимитирани и засега неофицијални истражувања покажуваат дека македонската популација не може да користи канабис на редовна основа поради фактот што им е премногу скап, а државава не им дозволува сами да го одгледуваат и да го произведуваат!!).
Јас, како и сите други кои сериозно го следат овој сектор, верувам дека 2020 година ќе донесе многу позитивни промени. Логично е да се очекува дека по завршувањето на предвремените избори оваа година, победниците од изборите ќе се ослободат од стравот дека регулирањето на овој сектор може да им донесе негативни поени. Она што е важно да се знае е дека самата легализација на канабисот значи само подобрување на квалитетот на живеење за сите граѓани на Македонија и дека, за да може еден граѓанин да се занимава со овој сектор, не мора тој да биде корисник на канабис.
Автор: Филип Секулоски
Авторот е долгогодишен консултант во областите добро владеење, локален економски развој, рамномерен регионален развој, рурален развој, туризам и други секторски политики. Работно е активен низ цела Македонија и земјите на Западен Балкан. Од 2016 година е активен поддржувач на повеќе граѓански иницијативи за промоција на либерални политики за канабисот, а веќе во 2019 година е коосновач и директор на здружението Канабис институт Пелагонија, Прилеп.