Вчера и денес во Општината Кисела Вода реализиравме акции за чистење на инфективен отпад. Тимот на ХОПС ја посети локацијата околу киното како и во близина на болницата. Во акцијата собравме околу 250/300 пумпици, шприцеви и употребени игли.
ХОПС преку програмите за намалување на штети прави размена на искористената опрема за инјектирање на дроги со нова стерилна опрема, со цел превенција на ХИВ, Хепатитис Ц и други крвно преносливи болести. Токму поради ови програми со кои раководи ХОПС повеќе од 20 години, стапката на ХИВ помеѓу луѓето кои употребуваат дроги е ниска во нашата земја.
Освен што преку теренските тимови и нашите дневни центри, се прави размена на опрема, теренскиот тим на ХОПС прави и акции за чистење на употребена опрема по дојава на совесни граѓани, како што беше и случајот вчера, каде после активноста со општина Кисела Вода, имавме мала акција и на друга локација. Исто така, ХОПС постојано работи на едукација и подигнување на свеста кај луѓето кои инјектираат дроги, за безбедно одлагање на употребената опрема за инјектирање, укажувајќи на штетите од нејзиното расфрлање во околината.
На тој начин придонесуваме како за заштита на околината така и за заштита на граѓаните. Со собраната употребена опрема за инјектирање се постапува како со инфективен отпад која согласно важечките закони се уништува како и секој инфекетивен материјал.