Интервју со Жарир Симрин
Жарир, ти како долгогодишен активист дали гледаш разлики на сцената на дроги во Македонија од пред 20 години и денес?
Иако користењето дроги постои од кога постои човекот, трендовите, сцените, па и причините се менуваат. Исто така се менуваат и потребите зошто човекот почнува да употребува дроги. Да кажеме дека во минатото дрогите, најчесто природните, како: канабис, афион, кока листови, печурки, ајахуаска, ибогаин, тутун, итн. се употребувале повеќе во спиритуални цели или како алатки за надминување одредени состојби: полесно спиење, помал умор, болка, поголеми искуства и разбирање на природата итн., отколку на самата дрога како што е случај денес. Секако дека и денес има такви примери на консумирање, ама е сè поретко и е во одредени делови на светот: Африка, Јужна Америка, Азија. Не толку одамна тоа беше случај и кај нас, додека бевме во склоп на Југославија. Бабите, т. е. постарите и поискусните жени имале пристап до опиум, кои го давале како средство за олеснување на болки, од менструални до болење глава, а понекогаш и за децата полесно да заспиваат додека работат возрасните на поле, спремаат ручек итн.
Интересно е дека во времето кога јас почнував да експериментирам со дроги, многу понаивно влегов во целата приказна. Немавме многу информации, освен дека дрогата е лоша. А во мојот случај, дрогата беше директно поврзана со моите размислувања за светот, музиката, книгите и мислев дека со користењето на одредени супстанции ќе дојдам до поголемо знаење, т. е. отворање до спојување со космосот и до ослободување на целиот мој потенцијал кон нешто поголемо од она што ми беше понудено како шаблон од општеството. Како поминуваа годините почнаа на пазарот да се појавуваат и други дроги, најчесто хемии, како ЛСД, екстази, амфетамини, кокаин. Не знам дали се појавија прво дрогите, а потоа техно музиката, или обратно, ама можам да кажам дека беа директно поврзани, барем кај нас, и дојде како цел пакет, со слушање на транс или техно се користеа халуциногени дроги за подобро разбирање, примање на музиката, а се осудуваа оние кои користат хероин, т. е. опијати, можеби зашто доаѓаа од друг бекграунд како рокери, металци, панкери. Иако сцените беа измешани, едните беа наркомани, додека другите беа фраери. Со време се докажа дека и ова беше мит, т. е. употребата на дроги како ЛСД, амфетамини постоеше и пред техномузиката или трансот, уште од хипи движењето. Од денешна перспектива можам да кажам дека дрогите останаа, информации имаме, користењето продолжи, и тоа во групи кои никогаш не би ги споил, како турбофолк со кокаин, хероин, амфетамин. Речиси сите почнаа да пушат цигари, да пијат алкохол, да користат канабис, а кокаин и амфетамин почна да се користи на секое „искачање“, т. е. журка, особено на места каде што се консумира алкохол. Времињата се променија, дрогите се измешаа и се појавија најразлични хемии (designer drugs). Поточно кажано, користењето дроги стана тренд и буквално го користат и тие што можат и имаат капацитет за да ја контролираат употребата на дроги и сите останати. Страшната работа е дека се промаши правецот и ништо не научивме од минатото и искуството кое ние го стекнавме, не знаејќи, а и од сите оние генерации уште од хипи движењето, па и пред тоа. Потребата нешто да се користи воопшто ја нема, се користи без потреба, по навика или по инерција на друштвото кое е обликувано од општеството во кое живееме. Кога би се сменила малку перцепцијата кон дрогите, кога би почнале да ги користиме како алатки, тогаш би имале подобри искуства и само тогаш би можеле да го доживееме целиот потенцијал кој го нудат, а и да најдат примена во многу медицински состојби за кои сè уште немаме решенија.
Замислете кога чеканот дома би го користеле за сè, не само за шајки, туку и кога јадеме, миеме чинии, „куцаме“ на тастатура, вртиме на телефон итн. Тогаш освен сите шајки што ќе бидат заковани најдобро, сè друго ќе биде искршено во домот. Така е и со дрогите.
Дали се сменило нешто во поглед на побезбедна употреба на дроги?
Самата забрана, т. е. војната против дроги многу ја уназадува и ја намалува можноста безбедно да се користат дроги. Може да се каже дека имаме повеќе технологија, можности, ама бидејќи употребата е забранета и корисниците се дискриминирани, демонизирани и малтретирани од страна на Полицијата, се уназадува и безбедната употреба бидејќи лицата кои користат се кријат и тогаш најчесто доаѓа до штети предизвикани од употреба како „аути“, рани, најразлични инфекции како ХЦВ, ХБВ, ХИВ, не се знае што се користи и која е чистотата на дрогата која се употребува. Секако, со самото постоење на ХОПС работите се движат по нагорна линија во однос на намалувањето на штетите, ама сè додека корисниците се срамат од тоа што се и се најстигматизираната група на луѓе, имаме уште многу за работа. Од друга страна, пак, многу често корисниците започнуваат да го контактираат ХОПС по подолго време на употреба на дроги, кога и штетите веќе се големи. Ќе парафразирам во кратко реченица од Теренс Меккена (Terence McKenna): „Ако планирате да користите дроги, одете прво до библиотека и прочитајте нешто за тоа.“
Преголема е дискриминацијата кон луѓето кои користат дроги, нешто можеби е оправдано, ама повеќе е неоправдано. Пристапот до здравствено осигурување ни е скусен, освен во случај за метадонски третман, ама за други здравствени проблеми оставени сме сами на себе.
Има уште голем пат да се помине и многу работи да се сработат за луѓето кои користат дроги да го добијат местото кое го заслужуваат во ова општество. Треба да се направи промена на парадигмата, да се отворат места за инјектирање, да се променат третманите за лечење и да се преземат нови, особено да се подобри метадонскиот третман бидејќи оваа програма кај нас не се спроведува квалитетно. Од друга страна, потребно е Полицијата да почне да ја работи својата работа, а не да се апсат луѓе само затоа што пронашле дроги кај нив, кои се за нивна лична употреба, а кои не продавале. Затворите се преполни со луѓе, особено во последно време со луѓе кои користат масло од канабис за лекување. Сето ова треба да се промени во иднина ако сакаме да имаме поздрави граѓани. Сè додека трчате и се криете од Полиција додека го купувате лекот, штетите ќе се зголемуваат.
Дали сметаш дека е сменет односот на надлежните институции кон ЛКУД − луѓето кои употребуваат дроги?
Можеби на некое микро ниво, т. е. незабележливо е сменет на подобро. Порано беа затворени листите за лекување, односно се чекаше и по неколку месеци, па и години за некој да влезе на лекување. Сега не се чека, ама освен тоа, јас не гледам друга промена. Гледам како мои колеги одат со клиенти за да им помогнат да извадат некој документ бидејќи лицето употребува дроги и службеникот не сака да го услужи или дека одат со него за да биде примен во болница, иако претходно бил 100 пати и го одбиле само затоа што е корисник и тоа на метадон. Секако дека тоа не му го кажуваат како причина, ама се гледа дека тоа е причината. Во болница не те примаат затоа што си корисник, а ако веќе нема што друго да кажат, кажуваат дека ќе се заразат од тебе или можеби ако имаш среќа ќе те сместат во последната соба во подрумот и нема да дојдат повеќе да те видат. Исто така имаме проблем и со малолетните корисници на дроги бидејќи нема место кое ги згрижува, т. е. ги лекува, барем засега. Јас ова го гледам низ моето долгогодишно искуство на работа во ХОПС, а и како лице кое користи дроги и кое го има почувствувано сето ова на своја кожа. Особено сега со пандемијата на ковид-19, мислам дека корисниците не ги „рецкаат“ воопшто. Дури и во болниците каде што ја подигаме терапијата односот е ист, повели терапија за една недела и пријатно. Нема работење со тебе, нема разговори, сè е сведено на шалтерски систем, без контакти, иако во таа болница се лекуваш и повеќе од 15 години. Треба да си среќен да се погодиш во болница како „8ми Септември“, каде што пристапот е малку подобар за разлика од болницата во Кисела Вода, ако воопшто и може да се нарече болница.
Треба да се промени односот кон лицата кои користат дроги и да се префрли проблемот кај што му е местото, т. е. од кривичен во здравствен сектор. Пристапот е тотално погрешен, па затоа и решенијата се погрешни, да не речам никакви.
Каков е односот на општата јавност, на граѓаните кон ЛКУД?
Хехехехе… во една реченица, нашата јавност протестираше против отворање на центри за лекување во нивната општина. Неверојатно. Најголемиот проблем настанува кога лицата кои користат дроги ќе почнат да ги туркаат на страна, т. е. да ги гетоизираат, со предлози да ги однесат некаде што подалеку од „нормалните“. За која било кражба или лошо однесување, најчесто се потенцира дека се работи за наркозависници, иако во најголем број случаи тоа не е вистина.
Со лицата кои користат дроги треба да се работи, да се видат нивните потенцијали и интереси и тоа да се искористи, а не да ги однесеме некаде далеку, само ние да не ги гледаме, иако тие се наши деца, соседи, родители, браќа, сестри итн. Жалосно е што граѓаните не ја гледаат реалната слика и дека најголемите проблеми не доаѓаат од употребата на дроги, туку од околината која ги отфрлува и која ги криминализира, а со тоа и однапред им го трасира патот кон пропаѓање. Користењето дроги е комплексен проблем, ама најголем обликувач на проблемот е самото општество и погрешниот пристап кон него.
Како гледаш на иницијативите за легализација на канабисот во Македонија?
Како долгогодишен активист, секако дека се радувам на која било иницијатива која ќе ги подобри условите на лицата кои користат канабис. Меѓутоа, по членување во неколку иницијативи и организации, увидов дека борбата не е искрена и дека речиси сите се борат од лукративни причини, т. е. за свој ќар и речиси никој не мисли на своите сограѓани, на пациентите на кои им треба масло за лекување. Секако дека има исклучоци, ама сега не би сакал да ги именувам, иако тие се единствените кои ми даваат верба во борбата за ослободување на билката. Мене лично не ми се допаѓа ни зборот легализација, мислам дека е погрешен и ќе направи поголеми проблеми отколку решенија. „Легализација“ значи ставање на канабисот во рацете на законот, а со тоа им го даваме правото на компаниите и можноста тие да стопанисуваат и да „ќаруваат“ огромни суми на пари на грбот на граѓаните, на пациентите и на сите нас, иако секој може да ја засади и да ја користи. Исто така зборот медицински канабис е тотално погрешен бидејќи секој канабис е медицински и секоја употреба е медицинска. Морам да кажам дека употребата на канабис е право на личен избор и слобода. Мене ми е полесно да се договорам со дилер, отколку со вработен во аптека, во случај да немам пари во моментот, а ми е потребно лекарството, т. е. канабисот. Мислам дека правиот збор треба да биде „декриминализација“ во првите 5 год., а потоа во зависност од резултатите да се извади канабисот од забранети супстанции и да може секој полнолетен граѓанин да си сади дома како што садат цвеќиња, домат, пиперка итн. Преголема фама се дигна за канабисот по сите истражувања кои излегоа во јавност и сите здравствени придобивки кои канабисот ги носи со себе. Ние уште дискутираме на темава и луѓе затвор лежат наместо да ни се извинат јавно за сите неправди и нанесен страв поради погрешната политика која ја водат.
Зошто во Македонија нема организација на ЛКУД?
Некаде пред 20-тина години пробавме да ја отвориме првата организација на лица кои користат дроги во Македонија, која се викаше ПАСАЖ. Функциониравме неколку години, имавме неколку проекти, ама за жал немаше нови лица, нова енергија, а ние што бевме ангажирани паралелно работевме и на други проекти, и се истрошивме. Не бевме во можност, покрај сите проблеми со кои се соочувавме, да ја одржиме, иако ќе беше убаво да останеше да постои. Сепак примавме мали средства за одржување на организацијата и главно повеќе дававме од себе за да ја одржиме отколку што имавме време и средства да работиме и да ја развиваме. Исто така во одреден момент дојде и до разединување во ставовите на организаторите на ПАСАЖ, па така замре и организацијата.
Денеска го нема полетот, ја нема енергијата, ја нема критичната маса за да се отвори организација на корисници бидејќи самите корисници се срамат од тоа што се поради долгогодишното понижување и омаловажување. Од весници до вести на телевизија, до вицеви, општеството ги претставува лицата кои користат дроги како најголем проблем на државата. Кога луѓето излегуваат да протестираат против болници за лекување како очекуваме корисниците да зборуваат јавно кога знаат дека веднаш би изгубиле работа, кога знаат дека од дома можат да бидат избркани, кога едноставно се борат за гол живот. На Масловата пирамида, корисниците се на првото скалило, па како тогаш да направат организација со која би се бореле кога најосновните потреби не им се задоволени. Македонија некогаш и сега има разлика, веќе нема средна класа, само сиромашни, а поголемиот број припаѓаат на таа групација. Повеќето клиенти кои ние ги контактираме се бездомници, што не беше случај во минатото.
Колку невладините организации помогнаа за подобрување на нештата во врска со дрогите во Македонија?
Ова би го кажал вака, невладините многу направиле за подобрување на ситуацијата со користење на дроги, ама проблемот е што владите, т. е. институциите немаат слух на оваа тема и секогаш тие се претставуваат како експерти, а не ние кои работиме со години на оваа проблематика и имаме посетено милион конференции и најразлични третмани низ државите во светот. Благодарение на ХОПС и Програмата за размена на опрема, Македонија нема ниеден позитивен ХИВ-случај меѓу корисниците во последниве години за разлика од Русија каде што овие програми не постојат и врие од ХИВ-случаи меѓу корисниците на дроги. Тоа е само по себе успех и валидација на нашата работа. Исто така поради работата на ХОПС многу од нашите клиенти ги добиваат потребните документи за да започнат со лекување, да добијат социјална помош и да добиваат повеќе почит од страна на институциите, барем кога се со нашите колеги.
Би сакал во иднина да видам повеќе успеси, т. е. да се стопира криминализирањето на корисниците на дроги, да се декриминализираат канабисот, печурките, ајахуаска итн., да можат лицата кои употребуваат дроги да бидат третирани како и останатите граѓани со здравствени проблеми, да бидат конкурентни на пазарот на трудот итн.
Интервјуто го водеше Влатко Деков
Жарир Симрин е еден од малкутемина луѓе во Македонија кои имале храброст и доблест отворено да се заангажираат за правата на луѓето кои употребуваат дроги. На почетокот на двеилјадитите години, Жарир беше еден од основачите на Македонската асоцијација на корисници на дроги, а подоцна еден од основачите и претседател на Здружението „Пасаж“, повторно здружение за правата на луѓето кои употребуваат дроги, а активен е и во други неформални групи со исти или со слични цели. Жарир работи како теренски работник за намалување на штети од употреба на дроги, а себеси се претставува како полидруг јузер, активист и слободен уметник.