Од четвртокот (5-ти април), 89 лица се хоспитализирани во Чикаго и во околните населби по конзумирање на синтетички канабис познат како К2 или Спајс, според Одделот за јавно здравје на Илиноис (IDPH).
Меѓу пациентите примени за третман, најголем број се од Чикаго (24) и Пеорија (24), од кои сите доживеале сериозно крварење кога биле примени. IDPH објави два смртни случаи од 30 март.
Најмалку девет пациенти се позитивни на супстанција позната како бродифакум, хемикалија што се употребува во отровот за стаорци, со симптоми вклучувајќи крв од нос, крв во урината, кашлање крв и крварење на непцата.
Синтетички канабис е хемиско соединение направено од човекот, дизајнирано да дејствува врз канабиноидните рецептори и се распрскува на растителен материјал. Може да се пуши или вапоризира, исто како вистински канабис, но се смета дека е далеку поопасен поради непредвидливоста на содржина.
IDPH продолжува да работи со локалните служби за здравство и со Центрите за контрола и превенција на болести, заедно со другите партнери, за да се обидат да ги идентификуваат производите. IDPH не знае колку контаминиран производ циркулира или каде.
Според локалните извештаи, третманот за оние кои биле отруени од синтетички канабис е достапен сè додека се бара медицинска помош. Локалните здравствени власти им рекле на новинарите дека оние кои бараат третман нема да се соочат со гонење.
Тројца мажи биле уапсени откако тајните службеници успеале да купат синтетички канабис од сопствениците на продавницата и на прелиминарното тестирање на купената супстанција покажало дека содржи бродифакум.