Седев дома сама со детето. Станав да направам нешто за јадење. Дојде пијан. Ми бараше пари “дај ми пари, курво една“. Му кажав дека немам, дека имаме едногодишно дете, дека немаме пари да купиме храна за него, од каде да најдам пари. Почна да вика, да се дере “најди ми пари, ми требаат да купам пиво“. Виде дека немам да му дадам, почна да ме кубе за коса, па да ме удира со нозе, со тупаници, целата ме направи со модрици. Детето плачеше, срце ме боли. Заврши со тепање и замина, среќа! Се надевам дека никогаш нема веќе да се врати….
Овој пат мора да е последен, нема веќе да молчам, ќе го пријавам, се охрабрував себе си, ова мора да престане. Се одморив малку колку да ди си дојдам при себе, се облеков и тргнав да го пријавам во Центар за социјална работа.
Зборував со луѓе што работат со жртви на семејно насилство, ме сослушаа, ме прашаа дали се чувствувам безбедно, дали имам каде да одам. Кажав дека куќата во која живее е моја, нема потреба да ме сместувате во Шелтер центар, само сакам тој веќе да не доаѓа кај мене во мојата куќа и да ме остави веќе еднаш, доста ми е од насилство.
Од Центарот за социјална работа ме упатија во полициска станица БЕКО. И во полициската станица ме сослушаа, направија записник и ме прашаа дали сакам да го гонам кривично?! Се согласив. Ова мора да престане. Кога стигнав дома, тој ми се јави да ми каже дека од полиција го викнале на разговор. Не знам што следеше понатаму, ама бев горда на себе. Се соочив со стравот.
Денес е 3-ти март, Меѓународниот ден на правата на сексуалните работници, ден кој го одбележуваме со цел да се подигне свеста за прекршувањата на човековите права со кои се соочуваме. Ние сексуалните работници многу често трпиме насилство и од семејството, од луѓето по улица, од клиентите, но дополнителни сме виктимизирани и од институциите каде сме се обратиле за помош! Правото на заштита од семејно насилство ни е подеднакво загарантирано како и на сите останати жртви! НЕ ОСУДУВАЈ, постапувај без дискриминација!