31-ви Aвгуст е Интернационален ден за подигање на свеста од предозирање. Веќе од 2001 – вата година се одбележува овој ден. Секоја година губиме илјадници луѓе од предозирање со нелегални дроги но и од алкохол и легални дроги препишани од доктори.
Што е предозирање?
Предозирање (OD) се случува кога токсична количина на дрога или комбинација на лекови и алкохол го преовладуваат телото. Луѓето можат да се предозираат од алкохол, опиоиди или мешавина на лекови комбинирани со алкохол. Постојат голем број на знаци и симптоми кои покажуваат дека некој се предозирал. Знаците се разликуваат од видот на лекот/алкохолот/дрогата којa се користела.
ВИДЕО: Сведоштво за предозирање.
Статистики:
Во 2011 во светот помеѓу 102.000 – 247.000 луѓе починале како резултат на предозирање. Во Европа во првата декада на дваесет и првиот век 70 000 животи се изгубени од предозирање со дрога. Само во 2013 година починале 6500 луѓе. Во регионот на Источна Европа и на Централна Азија, во кој спаѓа и Република Македонија, проценето е дека околу 3.274.000 лица инјектираат дроги. Најмалку две третини од корисниците известиле дека се случило да бидат предозирани, а четири од 100 случаи завршиле фатално според истражувањето на Евроазиската мрежа за намалување на штети. Во 2014 година се проценува дека се случиле најмалку 6.800 предозирање во Европската унија. За 2014 година, стапката на смртност поради предозирање во Европа се проценува на 18,3 смртни случаи на 1 милион население на возраст од 15-64 години. Стапки на повеќе од 40 смртни случаи на 1 милион се пријавени во 8 земји, со највисока стапка на пријавени во Естонија (113 на милион), Шведска (93 на милион) и Ирска (71 на милион).
ВИДЕО: Светски статистики.
Статистика за Република Македонија:
Во Република Македонија не постои современ и ефикасен систем за евидентирање на случаите на опијатно предозирање и затоа не е можно да се оствари соодветно следење и да се направи анализа врз чија основа ќе се планираат идните интервенции.
Само во Скопје Службата за итна медицинска помош и домашна посета при Здравствениот дом Скопје и Клиниката за токсикологија во периодот од 2009 година до 2012 година имале 865 интервенции при случаи на опијатно предозирање и 18 смртни случаи на предозирање. Во првите шест месеци во 2013 се надминала вкупната бројка на смртни случаи од 2012 и во првата половина на 2013 биле евидентирани 19 смртни случаи.
ВИДЕО: Статистика за Република Македонија.
Причини:
Најмногу смртни случаи на предозирање се поврзани со употреба на опиоиди. Зголемени нивоа на ризик се поврзани со злоупотреба на одредени лекови (бензодиазепини), опиоидни аналгетици (Giraudon et al., 2013).
- Голем број на смртни случаи се последица на мешање на хероин во комбинација со други депресори на централниот нервен систем, како што се алкохол или бензодиазепини.
- Ризикот за предозирање е поголем доколку корисникот бил во апстиненција и толеранцијата на опиоиди е значително намалена. Кога некој користи дрога редовно се развива толеранција кон супстанцијата. Ова значи дека е потребно да се користи поголема количина од супстанцата за да се добие истиот ефект. Ова е причината зошто високо-ризични групи за предозирање се луѓето кои излегуваат од затвор или биле на детоксикација и рехабилитација.
- Премин од еден на друг начин на употреба на опиоиди – честа причина за предозирање е моментот кога корисникот прв пат преминува од еден на друг начин на употреба (инхалација/интравенски). Истата внесена доза, при интравенска апликација има побрз и појак ефект поради што може да дојде до предозирање.
- Варијации во јачината на уличниот хероин – Хероинот и другите опиоди кои се продаваат на црниот пазар, варираат во квалитетот (примеси на лимонтус, гипс, брашно), а со тоа и дејството. Истата внесена доза, некогаш може да биде недоволна, друг пат доволна, а трет пат преголема и да предизвика предозирање, во зависно од чистота на хероинот.
- Недостатокот на брза реакција и несоодветни интервенции од страна на оние кои се сведоци на предозирање, поради недоволното познавање за прва помош при предозирање и ненавремена грижа се исто така причина за смртност при предозирање.
- Во Македонија не постои широка достапност на лекови, како што е Налоксонот што се користи во случаите на опијатно предозирање. Налоксонот не е регистриран и се набавува со постапка за интервентен увоз.
- Стравот од пријавување поради правни последици (Frisher et al. , 2012). Во многу земји корисниците се плашат да повикаат итна медицинска помош при случаи на предозирање од дроги.
Налоксон (Narcan®) е опиоиден антагонист на лекови кој се користи во целиот свет во ургентна медицина, доколку се јави респираторна депресија предизвикана од предозирање со опијати. Налоксон е наведен од страна на Светската здравствена организација, како суштински лек и е достапен во форма на инекции (интрамускулно и интравенски) и во некои земји како интраназален спреј. Ефективноста на концентрираниот интраназалнен налоксон се покажа дека е слична на онаа на интрамускулниот Налоксон како третман за предозирање со хероин (Кер et al., 2009). Сепак добивање Налоксонот во рацете на луѓето кои користат дроги продолжува да биде борба. Иако лекот неможе да се користи како дрога или да се злоупотребува тое е сеуште ретко достапен што е во спротивност на барањата на СЗО за негова лесна достапност за луѓето кои користат дроги, луѓето кои работат со корисници на дрога, како и членови на семејството.
Дали е доволно достапен Налоксонот во Македонија?
Долги години наназад истражувањата укажуваат на ограничената достапност на Налоксонот во Република Македонија, што доведува до чести случаи на смрт од предозираност. Во смисла на позитивната обврска на државата, потребно е да се усвои правна рамка што ќе овозможи континуирана достапност и лесна пристапност до налоксонот како блокатор на опиоиди при опијатно предозирање.
Налоксонот во Македонија е достапен само во дел од здравствените институции:
- Служби за превенција и третман од злоупотреба на дроги.
- Служби за интна медицинска помош и домашна посета.
- Токсиокологија и ургентна интерна медицина.
- Ургентни оделенија при општите болници во Република Македонија.
ВИДЕО: Постои лек за предозирање – Налоксон.
ВИДЕО: Налоксонот во Македонија.
ВИДЕО: Широка достапност на Налоксонот.
Добри примери во Македонија:
Во Македонија во некои служби за брза помош Налоксонот е достапен повеќе години и бил употребуван во случаи на предозирање со што биле спасени многу човечки животи. Таков е примерот со службата за брза помош во Кавадарци.
Препораки:
- Да се воспостави координација и соработка помеѓу донесувачите на одлуки, здравствените институции надлежни за опијатно предозирање и здруженијата на граѓани кои работат со корисници на дроги.
- Да се воведе современ и ефикасен систем за евидентирање на случаите на опијатно предозирање кој ќе овозможи соодветно следење, анализа и планирање идни интервенции.
- Налоксонот како ефтин и безбеден лек да биде широко достапен во службите за Итна медицинска помош и домашна посета, аптеките, надлежните одделенија во болниците, центрите за третман на зависности и центрите за намалување на штети од употреба на дроги.
- Да се изнајдат решенија за дистрибуција на налоксонот до корисниците на дроги преку програмите за намалување на штети спроведувани од страна на здруженијата на граѓани кои работат на ова поле.
- Сите засегнати страни активно да работат на намалување на стигмата и дискриминацијата кон корисниците на дроги и нивните семејства.
- Да се разгледа можноста за отварање на програми за соби за безбедно инјектирање. DCR (Drug consumptation rooms) се професионални здравствените установи по надзор, каде што корисниците на дрога може да инјектираат дроги во побезбедни и хигиенски услови. Првата соба за инјектирање е отворена во Берн, Швајцарија во 1986 година. Сега постојат повеќе од 90 соби за инјектирање кои се наоѓаат во Холандија, Германија, Швајцарија, Шпанија, Австралија, Канада, Норвешка, Луксембург и Данска. Франција ја отвора својата прва експериментална соба за инјектирање во Париз. Како последна и најголема соба за инјектирање е отворена во август – 2016 во Копенхаген и е наречена H-17.
Можете да го погледнето ВИДЕОТО каде наш поранешен колега дава изјава за новата работна позиција во Сиднеј во соба за безбедно инјектирање.