Секоја година на 31 август, на Меѓународниот ден за подигнување на свеста за предозирањето, застануваме и се сеќаваме. Зад секој број стои човек — некој со семејство, пријатели, заедница која останала без него.
Но овој датум не смее да остане само ден за жалење. Тој мора да биде и повик за акција,
потсетник дека предозирањата може да бидат превенирани и дека секој живот вреди да
се спаси.
Налоксонот спасува животи
Постои алатка која веднаш, директно, го враќа животот на некој што се предозирал — налоксонот. Тој го спречува смрт при опиоидно предозирање, и токму затоа мора да биде секаде достапен, лесно, без бариери.
Жарир Симрин од ХОПС, кој веќе 25 години е на терен, во првите редови, со луѓето кои
употребуваат дроги, го кажува тоа без превез:
„Повеќе од 25 години со ХОПС сум на терен – со луѓето, во први редови, без осуда и без
стигма. Знам дека со Налоксон, бројот на предозирања значително би се намалил, но за
да се спречат смртните случаи, потребни се достапни услуги, навремена помош, знаење и
систем кој нема да ги остава луѓето сами, особено луѓето кои користат дроги. ДОСТА Е!!!
НАЛОКСОН СЕГА!!!“
Кога забраната создава повеќе ризик отколку заштита
Не можеме да зборуваме за предозирање само како за индивидуален избор или ризик. Мора да го погледнеме и системот во кој луѓето воопшто се принудени да се снаоѓаат.
Прохибицијата не создаде свет без дроги — создаде темен, нерегулиран пазар. Пазар каде никој не знае точно што купува, ниту колку е јака супстанцијата, ниту со што е измешана. А криминализацијата врз тоа само надоврзува страв и срам, оддалечувајќи ги
луѓето токму од помошта што им е најпотребна.
Христина од ХОПС, која секојдневно е присутна во животите на младите — на терен и
онлајн — вели:
„Не можеме да продолжиме да зборуваме за дрогите само низ призмата на забрана и
казнување, а да очекуваме дека на тој начин ќе ги заштитиме луѓето. Реалноста одамна е
поинаква – се менуваат супстанциите, се менуваат моделите на употреба, а системот не
успева да ги следи тие промени.
Ако навистина сакаме да спречиме предозирања, мора да се свртиме кон она што знаеме дека функционира – намалување на штети, достапни
сервиси, налоксон, drug checking и политики базирани на јавно здравје и човекови права.
Време е политиките за дроги да ја следат реалноста, наместо да продолжуваат да ја
игнорираат.“
Проверка на супстанции за помалку ризици и предозирања
Налоксонот не е единствениот одговор. Кога пазарот е нерегулиран, луѓето честопати немаат поим што всушност држат в раце. Затоа програмите за проверка на супстанции стануваат клучен дел од сликата — им даваат на луѓето информација со која можат да одлучат посвесно, а истовремено овозможуваат навремено да се препознае кога на пазарот се појавила нова, поопасна супстанција.
Да им кажуваме на луѓето само „не земајте дроги“ никогаш не било доволно, а нема ни да биде. Она што навистина спасува животи е комбинација: налоксон, проверка на супстанции, достапни сервиси, точни информации — и политики кои конечно ќе го стават животот и здравјето на луѓето пред казната.
Да не молчиме. Да дејствуваме.
За луѓето кои ги изгубивме. И за сите оние чии животи сѐ уште можеме да ги спасиме.
31 август — Меѓународен ден за подигнување на свеста за предозирањето.
