Последниве години во светот, а исто така и во Македонија и во Словенија, се појавуваат различни нови психоактивни супстанции (НПС) што ги среќаваме под различни имиња. Најчесто користени имиња за овие супстанции се: дизајнерски дроги (designer drugs), дозволени дроги (legal highs), растителни дроги (herbal highs), експериментални супстанции (research chemicals), соли за капење (bath salts), растително ѓубриво (plant food) и други. Овие супстанции обично имаат ознака дека не се дозволени за употреба кај луѓето („not for human consumption“). Се работи за синтетички и за растителни супстанции што најчесто се продаваат преку интернет или во продавници, што се нарекуваат „smart shops“ или „head shops“. Тие супстанции не се заштитени во склад со меѓународното законодавство. Искуствата на корисниците на овие супстанции можеме да ги следиме на социјалните мрежи или на форумите. Се појави и нов назив за корисниците на НПС, а тоа е таканаречен „psychonaut“.
Според податоците на Европскиот центар за следење на дрогите и зависностите од дроги (EMCDDA-European Monitoring Center for Drugs and Drugs Addiction) во периодот од 2005 до 2011 година преку системот за рано предупредување беа прогласени 164 нови психоактивни супстанции. Така во 2011 година третпат по ред во Европа беше прогласен најголем број на нови супстанции – 49, што е повеќе од 41 супстанција прогласена во 2010 година и 24 супстанции прогласени во 2009 година. Приближно 2/3 од новопрогласените супстанции во 2011 година се синтетички канабиноиди или синтетички катинони. Во 2012 год. биле прогласени 73 нови психоактивни супстанции. Последниве години преовладува, пред сè, појавувањето на синтетички агонисти на канабиноидите (ЦРА), фенетиламините и катиноните, што по своето дејство ги имитираат дејствата на најсаканите забранети дроги. Притоа порасна бројот на интернет-продавниците во ЕУ, што ги снабдуваат странките со психоактивни супстанции или производи. При прегледот, во јануари 2012 година, биле откриени 693 интернет-продавници, што е повеќе од 314 откриени во јануари 2011 година и 170 во јануари 2010 година. Покрај спомнативе извори, НПС исто така можат да се набават преку посредство на уличните препродавачи.
Трендот на пораст на новите дроги можеме лесно да го следиме во секојдневната клиничка пракса сите ние кои се среќаваме со зависниците од забранети дроги во своето работење.
ШТО СЕ НОВИТЕ ПСИХОАКТИВНИ СУПСТАНЦИИ?
НПС се супстанции (чисти или во облик на препарати) што се злоупотребуваат и не се контролирани во склад со постоечките конвенции (Single convention on Narcotic Drugs од 1961 год. или Convention on Psychotropic substances од 1971 год.), па истовремено претставуваат опасност по јавното здравје. Се работи за легални алтернативи на контролираните супстанции, односно дроги. Самиот назив нови психоактивни супстанции не се однесува само на иновативните дроги, туку и на супстанциите што се подостапни во последно време. Еден од најстарите НПС е кетаминот, а по него следуваат фенетиламините, пиперазините, синтетичките канабиноиди, синтетичките катинони и други.
Мадрас (Madras) таканаречените дизајнерски дроги ги дели во 4 групи: синтетички катинони и амфетамини (mefedron, MDPV, metilon и др.), синтетички канабиноиди (JWH-018, 073-каде што JWH е скратеница на името John W. Huffman, лицето кое ја синтетизирало супстанцијата, AM-694 8, Hu-201, CP-47 и др.), халуциногени (Br-Fly) и синтетички опиоиди (dezomorfin – т.н. крокодил).
Најчесто се работи за супстанции што не се со природно потекло (како што често ги понудуваат), туку се синтетизирани во лабораториите на Европа, на Азија (пред сè Кина и Индија). Засега најчесто не можеме да ги докажеме со стандардните урински тестови што ги употребуваме секојдневно при клиничката работа. На пазарот, пак, веќе се среќаваат тестови со чија помош можеме да откриеме некои супстанции од групата на синтетски канабиноиди. Фактот дека одредена супстанција е сè уште дозволена може да даде лажно чувство за нејзината безбедност, т.е. отсуство на штетно дејство. Понудата многу брзо се прилагодува на пазарот. Веднаш потоа, кога соодветната супстанција ќе се најде на листата на забранети супстанции, во лабораториите синтетизираат нова. Таа може да е многу слична на првата, но најмалата промена во нејзината хемиска структура ја распоредува меѓу дозволените супстанции. Се појавуваат т.н. аномизирачки мрежи, т.н. „темни мрежи“ („darknets“), каде што можат де се набават НПС. Технологијата за влегување во тие мрежи е сè повеќе вклучена во програмската опрема за широка употреба и така е достапна за поширок круг луѓе. Сето тоа, а уште и поволната цена на новите дроги, е причина по новите дроги да посегнуваат младите корисници. Според податоците на словенечката невладина организација „Дрог Арт”, уживањето на НПС е популарно и кај групите МСМ (мажи кои имаат секс со мажи) и притоа предупредуваат на појава од т.н. „chem-sex“, пред сè поради ризичното сексуално однесување што е поврзано со употребата на НПС (постои ризик од појава на полно преносливи болести). Не треба да се занемари фактот дека се работи за супстанции што сè уште не се испитани, за кои главно немаме податоци за фармакодинамиката и фармакокинетиката или за можните долгорочни штетни последици врз душевното и телесното здравје. Краткорочните негативни (токсични) дејства се познати само преку опишаните клинички случаи. Откриени се, исто така, и смртни случаи како последица од употреба на НПС.
НЕСАКАНИ ЕФЕКТИ НА НОВИТЕ ПСИХОАКТИВНИ СУПСТАНЦИИ
Истражувањата на подрачјето на НПС се исклучително ретки. Постојат неколку студии што се направени на експериментални животни. На располагање се, како што беше спомнато, поединечни описи на клинички случаи (најмногу се опишани труења кај корисниците). Долгорочните последици од употребата на тие супстанции се практично непознати. Опишани се несакани дејства од благи до животно опасни дејства врз кардиоваскуларниот, нервниот, гастроинтестиналниот и респираторниот систем. Опишан е широк спектар на можни психијатриски компликации при употреба на спомнатите дроги и компликации кај зависниците кои истовремено имаат придружна душевна болест. Најчесто во литературата се опишани: агитација, несоница, нарушување на концентрацијата, транзиторни параноидни доживувања, нарушувања на перцепцијата, анксиозност, транзиторни промени на расположението сè до делириум и прави психотични состојби, како и состојби на зголемена суицидалност.
Во продолжение се претставени најчестите психички несакани ефекти на најчесто употребуваните НПС.
СИНТЕТИЧКИ АГОНИСТИ НА КАНАБИНОИДНИТЕ РЕЦЕПТОРИ (CRA) –СИНТЕТИЧКИ КАНАБИНОИДИ И КАТИНОНИ И СО НИВ ПОВРЗАНИ НЕСАКАНИ ЕФЕКТИ
Синтетичките агонисти на канабиноидните рецептори (CRA) – синтетички канабиноиди (ги наоѓаме под имињата „spice“, „K2“, „spice gold“, „spice silver“, „bliss“, „black mamba“, „JWH-018,-073,-250“, „mr.smiley“ и др.) претставуваат некој вид на легална алтернативна марихуана. Дејствата се слични со тие на марихуаната – опуштеност, седација, еуфорија и промени во перцепцијата. За разлика од тетрахидроканабинолот (ТХЦ), што го има во марихуаната и дејствува како парцијален агонист на CB1 канабиноидните рецептори, нивното дејство е поврзано како со CB1, така и со CB2 канабоидните рецептори на кои дејствува како целосен агонист. Познато е дека парцијалните агонисти достигнуваат т.н. „плато ефект” (во смисла на доза/клиничко дејство), целосните агонисти не достигнуваат т.н. „плато ефект” и поради тоа при употреба на синтетичките канабиноиди постои поголем ризик од предозирање и појава на тешки токсични ефекти што траат подолго отколку кај марихуаната.
Синтетичките канабиноиди не содржат канабидиол (CBD) кој, меѓу другото, има и антипсихотично дејство. CBD е присутен во марихуаната и затоа му припишуваат некоја заштитна улога. Во литературата меѓу несаканите дејства се опишани: агитација, променето доживување на времето, анксиозност, дисфорија, халуцинации и параноидност. Опишани се случаи на појава на индуцирана психотична симптоматика кај личности кои употребувале канабиноиди и влошување на веќе опишаната психотична симптоматика кај личности со психоза. Од периферните несакани влијанија се опишани: дејството врз гастроинтестиналниот тракт (гадење, повраќање), кардиоваскуларни компликации (зголемен крвен притисок, забрзана работа на срцето, исхемија на срцевиот мускул), метаболни дејства (хипокалиемија, хипергликемија, ацидоза), дејството врз нервниот систем (широки зеници, покачена телесна температура, нистагмус, грчеви, кома), акутена бубрежна инсуфициенција.
Втората важна група на нови психоактивни супстанции ја претставуваат синтетичките катинони. Се работи за синтетички аналози на природни супстанции, што ги има во растението Catha edulis. Спаѓаат во групата на стимуланси на централниот нервен систем (ЦНС) и се т.н. психостимуланси, а во повисоки дози можат да бидат халуциногени. Дејствуваат преку повторното преземање на моноамините – серотонин, допамин и норадреналин, и имаат јако симпатомиметичко дејство. Предизвикуваат еуфорија, будност, зголемена енергија, потреба за движење, го намалуваат апетитот, го подобруваат чувството за музика, влијаат на сексуалната активност, т.е. однесување (зголемено либидо и зголемено доживување на задоволство во сексуалниот однос), опишани се и емпатогени дејства (пред сè кај мефедронот). Меѓу нив спаѓаат MDPV (3,4- metilendoksi-pirovaleron), мефедрон („m-cat“, „meph“, „miaow“), метилон („bk-MDMA“, „explosion“, „top cat“), 4-BMC, NEB, MOPPP, MDPPP, 3MMC (го наоѓаме под името сладолед) и многу други.
Опишани несакани дејства се: кардиоваскуларни, невролошки, респираторни, гастроинтестинални и психијатриски. Така, на пример, се опишани агитација, психоза (живи халуцинации, параноидност, делузии), суицидалност, агресија, анксиозност, несоница; понекогаш клиничката слика повеќе одговара на делириум (дезорганизираност, дезориентираност, нарушување на вниманието и на помнењето).
Од несаканите дејства се наведени: хипертензија, забрзана работа на срцето, нарушување на срцевиот ритам, продолжување на Q-T интервалот, болка во градите, конвулзии, мозочен едем, тремор, паркинсонизам, главоболка, парестезии, крвавења од носот, тешкотии во дишењето, слабост, повраќање, болка во стомакот, серотонински синдром, откажување на бубрезите, хипонатриемија и др.
Меѓу НПС ќе ги спомнеме уште пиперазине (c CPP, BZP и др.), што често се продаваат како екстази, кетамините и фенетиламините (2C-C-NBOMe – улично име „nebome“, „dragonfly“).
МОМЕНТАЛНА СОСТОЈБА ВО МАКЕДОНИЈА И ВО СЛОВЕНИЈА
Во Македонија се појавија првите клиенти кои соопштуваат дека употребуваат НПС од групата на синтетски канабис. Иако во изминативе години лицата кои употребуваа марихуана сметаа дека во Македонија има „добра марихуана” така што никој нема да сака да употребува синтетски канабис, сега дојде времето кога клиентите веќе соопштуваат употреба на синтетски канабис и присутност на разни НПС што можат да се набават и „он лине”. Тие исто така соопштуваат за недостаток на марихуаната (нелегална дрога) на црниот пазар во последно време, како и пораст на нејзината цена што, покрај другите фактори, исто така може да придонесе некој од корисниците на марихуана да се префрлат на синтетски канабис. Во земјава сè уште не се направени истражувања во врска со употребата на НПС. Постоечките скрининг тестови за токсиколошка анализа што се користат во здравствените институции, лабораториите и што се достапни во аптеките во земјава не го докажуваат присуството на овие супстанции во урината, а стручните лица не се доволно подготвени да се соочат со предизвиците што можат да бидат предизвикани од употребата на новите легални психоактивни супстанции.
Во Словенија, според податоците од НВО „Дрог Арт”, најчесто се појавуваат следниве нови психоактивни супстанции: 3-MMC (3-metilmetkatinon), 4-MEC (4- metoksietkatinon), GHB/GBL (gama-hidroksibutiratna kiselina, gama-butirolakton), metilon (улично име „bka“), 4-FA (4-fluoroamfetamin), 25x-NBOMe (улично име „nebome“), AMT (alfa-metiltriptamin), 2-CB (2,5-dimetoksi-4-bromofenetilamin) и други сродни супстанции.
Судејќи по резултатите на истражувањето за употреба на НПС во Словенија, што во периодот од 2013 до 2014 година го изведе Санде со соработниците, катиноните се најчеста и најомилена група на НПС што се употребуваат во Словенија. Типична е употребата на поголеми количини во еден „BINGEY“ (подолготрајна, неконтролирана и повторувачка употреба). Просечната старост на анкетираните кои се вклучени во истражувањето е 23 години. Речиси ¼ од вклучените во истражувањето биле средношколци, што укажува на прилично млада популација на корисници на НПС. Од катиноните, во Словенија веќе подолго време е најпопуларен 3-MMC, односно сладоледот. Корисниците на НПС како причина за користењето на оваа супстанција не ја наведуваат легалноста, туку пријатното дејство, цената и лесната достапност.
ШТО Е СЛАДОЛЕД?
Името сладолед се употребува за 3-MMC (3-metilmetkatinon). Тој е изомер на омилениот мефедрон, односно 4-MMC, чија употреба во последниве години е намалена. Го наоѓаме во вид на кристали, бел прав, а се употребува преку уста и назално. Предизвикува промени на нивото на свеста, задоволство, еуфорија, топлина, љубов, конфузност, релаксација. Можни се тешки несакани ефекти (конфузност, тресење, забрзана работа на срцето, аритмична работа на срцето, болки во градниот кош, болки во желудникот, грчеви, епилептични напади, хипертермија, помодрување на прстите, промени на расположението, односно депресивно расположение). Корисниците опишуваат силен копнеж (психичка криза – „craving”) за супстанцијата, што трае приближно еден час, и токму затоа претставува потенцијална опасност за појава на зависност. Раширен е меѓу младата популација (покрај средношколците се мисли дека го употребуваат и учениците од основните училишта).
GHB/GBL
Гама-хидрокси-бутурична киселина (GHB, „G“, Liquid Ecstasy, Liquid Scoop, Soap, Salty Water, Cherry Meth и др.) и нејзиниот прекурзор GLB, иако не припаѓаат на НПС, мораме да ги спомнеме на ова место поради нивната сè почеста употреба и можните компликации предизвикани од употребата. Се наоѓа во облик на безбојна течност, без мирис и вкус, како и во форма на прашок и капсули. Најчесто корисниците го ставаат во пијалаците. Во ниски дози дејствува релаксантно, може и еуфорично, ја зголемува сексуалната сила, корисникот станува покомуникативен и друштвен. Повисоките дози предизвикуваат вртоглавица, конфузност, нарушување на памтењето и грчеви. Исто така има потенцијал за развој на зависност. При редовна и долготрајна употреба се развива и физичка зависност. Раните апстиненцијални симптоми се слични со апстиненцијалните симптоми што се појавуваат во склоп на зависноста од алкохол (може да се јави клиничка слика на делириум, психоза, а опишан е и клинички случај со кататонија). Апстиненцијалните знаци се појавуваат по 1 до 6 часа во вид на анксиозност, тремор, несоница, лошење, повраќање, параноја, видни халуцинации, промени на памтењето и агресивност, а доколку не се лекува може да има и смртен исход. Апстиненцијалната криза трае од 3 до 21 ден, а ја лекуваме со бензодиазепини, а во други земји се употребуваат и баклофен (ГАБА б агонист), барбитурати и пропофол. Поради начинот на дозирање (капки, лажички), кај корисниците се можни предозирања, а опишани се и смртни случаи.
Најпосле би спомнале дека употребата на НПС (пред сè синтетичките катинони) се раширила во некои европски држави дури и меѓу популацијата на интравенозни уживатели на дроги (корисници на хероин, амфетамини), кои тие супстанции ги вбризгуваат.
ЗАКЛУЧОК
Појавата на НПС со своите специфични карактеристики на пазарот и засега малку познатите несакани ефекти врз телесното и врз душевното здравје бара мобилизирање за подобро проучување и познавање на ова подрачје. Оваа потреба се наметнува не само со цел препознавање на акутните состојби по употребата на овие супстанции, туку и со цел прилагодување на постоечките програми за лечење и за намалување на штетите од употреба на супстанции и зависност со потребите на актуелното време и на теренот. Овие програми треба да бидат во чекор со времето, односно прилагодени на потребите на пациентите и треба да ги следат постојано.
Лилјана Игњатова
Доцент д-р Лилјана Игњатова е раководителка на Центарот за превенција и третман на злоупотреба и зависност од дроги и други психоактивни супстанции при ЈЗУ Психијатриска болница „Скопје“, Македонија, а работи и како доцентка по предметот Психијатрија и медицинска психологија на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Доц. д-р Игњатова е основачка и членка во Одборот на директори на Мрежата за лекување зависности на Југоисточна Европа и Јадранот, како и членка-основачка на Светската федерација за третман на опијатна зависност. Таа е постојана коресподентка за Групата Помпиду при Советот на Европа. Добитник е на наградата „SEE net Reflection Award” во 2015 година.
Андреј Кастелиц
Андреј Кастелиц е доктор на медицински науки. Работи како раководител на Националниот центар за лекување на зависности од дроги во Љубљана, Словенија. Д-р Кастелиц е претседател на Координативното тело на центрите за превенција и лекување на зависности од дроги на Министерството за здравство на Република Словенија. Често работи како консултант на УНСИДА, УНКДК, СЗО, ЕУ, Групата Помпиду на Советот на Европа, ОБСЕ, Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија, а се ангажира и како консултант и предавач во повеќе држави од целиот свет.
Нуша Шегрец
Нуша Шегрец работи како психијатар во Центарот за лекување на зависници од забранети дроги при Психијатриската болница Љубљана, Словенија. Нејзина најтесна специјалност е работа со луѓе кои употребуваат дроги со комплексни потреби и со коморбидна ментална дијагноза.
Билјана Стојческа
Билјана Стојческа е специјалист невролог, а моментално специјализира психијатрија во Љубљана, Словенија. Работи на Одделот за невропсихијатрија при Општата болница во Прилеп.