Денес, на 25 ноември, го обележуваме Меѓународниот ден за елиминирање на насилството врз жените. Ова е момент да се рефлектираат постигнатите заложби за ставање крај на родово-базираното насилство (РБН) во државата. На жалост, наместо вести за напредок, имаме податоци кои говорат дека нема поместување или има влошување на состојбата.
Само во ХОПС – Опции за здрав живот Скопје во периодот од јануари до ноември 2022 година се пријавени 23 случаи на родово-базирано и семејно насилство и тоа 6 случаи на РБН кај жени кои употребуваат дроги, 7 кај сексуални работници и 10 случаи на семејно насилство.
За споредба, во 2018, 2019 и 2020 година вкупно се документирани 11 случаи на РБН од кои два фемициди. Ваквите податоци говорат за корелација меѓу насилството врз жените и здравствени, економски и социо-политички кризи.
Нефункционирањето на системот за заштита од родово-базирано насилство особено ги погодува маргинализираните жени како што се жени со загрозен социјален статус, сексуални работнички, жени кои употребуваат дрога, трансжени, жени со попреченост, итн. Тие сè повеќе се изложени на разни форми на насилство, а од друга страна не ја добиваат соодветната заштита.
Институциите дополнително ги виктимизираат со тоа што не постапуваат со должно внимание кон насилството кое што го преживуваат овие жени. Ваквата позиција дополнително ги турка овие жени на маргините на општеството и со тоа ги прави уште потешко достапни. Дополнително, ја зголемува недовербата кај жртвите за пријавување насилство во институциите. ХОПС активно работи со овие луѓе преку давања правна, здравствена и психо-социјална поддршка и соработува со други граѓански организации и државни институции за зголемување на сензибилноста за овие видови насилство и за надминување на ваквата ситуација.
Ставање крај на насилството врз жените е возможно, но само со заеднички напори и посветеност!