Вчера во Монтреал, Канада започна 25та меѓународна конференција за намалување на штети од употреба на дроги. Ова е двогодишна конференција на која учествуваат преку 1000 учесници од целиот свет, а главна цел е да се поттикне подржувачка околина за програмите за намалување на штети. На самото отварање долгогодишните партнери на ХОПС, Peter Sarosi и Istvan Gabor Takacs познати по веб порталот Drugreporter и нивното долгогодишно видео застапување, ја добија наградата International Rolleston Award. Оваа награда се доделува на една личност, во конкретниот случај на тим заради нивниот придонес за намалување на штетите од употреба на дроги на меѓународно ниво.
За време на говорот на Кандаската министерка за здравство, канадските учесници протестираа свртувајки ѝ грб со транспаренти на кои пишуваше: „Додека вие разговарате ние умираме“ и „Ние се бориме за тие што ги сакаме и губиме”. Протестот беше поради долгата јавна дискусија која министерката за здравство ја спроведува за финансирање на активности за превенција на предозирање.
Додека трае таа дискусија ширум Канада се бележат секојдневни смртни случаи на предозирање од опијати, пред се од Фентанил.
Конференцијата трае во наредните 4 дена и ХОПС редовно ќе известува за настаните на денот.
Вест и фото: Влатко Деков