Оваа година, НИЕ сексуалните работници здружени во СТАР- Прв колектив на сексуални работници на Балканот, и нашите поддржувачи ХОПС – Опции за здрав живот Скопје и Коалиција Маргини по 13-ти пат се приклучуваме кон глобалното одбележување на 17-ти декември, Меѓународниот ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници. Овогодинешната кампања насловена “НИЕ” ја посветуваме на борбата против насилството и дискриминацијата со кои се соочува нашата заедница, особено во кризни ситуации како што е актуелната состојба со КОВИД-19 пандемијата.
“НИЕ” е кампања со која сакаме да испратиме пораки до општата јавност и институциите за проблемите и потешкотиите со кои се соочуваме за време на КОВИД-19 пандемијата. Сакаме да потенцираме дека сме сериозно погодени од кризата предизвикана од КОВИД-19, од здравствен, економски и социјален аспект. Кризата не втурна во сиромаштија и во сериозни ризици по нашето здравје, додека не добиваме никаква поддршка од институциите со цел да се намалат негативните последици од кризата по нашата благосостојба.
НИЕ како особено ранлива популација на КОВИД-19, бараме вклучување во владините социо-економски мерки за заштита, пристап до соодветни заштитни здравствени услуги со цел превенција на ширење на вирусот, подеднакво уживање на работничките права, полесен пристап до социјална помош, како и надминување на стигмата, неправдата и дискриминацијата која е присутна кон нашата заедница од повеќе аспекти. Нашите клучни барања од институциите за заштита и поддршка на сексуалните работници се:
- Да нѐ препознаат како особено ранлива популација на КОВИД-19 и последиците од КОВИД-19.
- Да се формулира пакет социо-економски мерки со цел таргетирана поддршка за нашата заедница.
- Да се обезбеди непречено функционирање на услугите и програмите за ХИВ, намалување на штети од употреба на дроги, превенција и поддршка на жртви на насилство за време на пандемијата.
- Да нѝ се овозможи континуиран пристап до квалитетни здравствени услуги, помеѓу кои и олеснет пристап до хормонска терапија на трансродовите лица.
- Да бидеме вклучени во процесите на креирање национални протоколи и политики како одговор за време на пандемијата.
- Да се препознае сексуалната работа како работа и да се почитуваат нашите работнички права.
- Да нѝ се обезбеди здравствена и социјална заштита за време на кризата.
Оваа година, грижејќи се за сопственото и јавното здравје, нема да го организираме традиционалниот Марш на црвениот чадор, меѓутоа ќе одржиме прес конференција која ќе се одржи на 17.12.2020 со почеток во 12 часот пред фонтаната „Воин на коњ“ на плоштадот „Македонија“. Прес конференцијата ќе се оддржи во согласност со сите важечки протоколи и мерки за организирање на јавни настани од овој тип, со строго почитување на мерките за заштита од ширење на КОВИД-19 вирусот.
Меѓународниот ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници за прв пат беше одбележан во 2003 година, како спомен и бдеење за жртвите на убиецот од Грин Ривер во Сиетл, Вашингтон. Оттогаш, со одбележување на овој ден им се овозможува на сексуалните работници ширум светот да се здружуваат и со заеднички сили да се борат против дискриминацијата и насилството.
Овогодинешната кампања “НИЕ” по повод обележувањето на 17-ти декември – Меѓународниот ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници, е поддржана од Фондација Отворено општество – Македонија и SWAN – Sex Workers’ Rights Advocacy Network.