Од денес до 25 февруари во Дојран се одржува 11-та Конференција на Македонското здружение на Токсиколози со меѓународно учество. На самата конференција учествува и извршниот директор на ХОПС, Христијан Јанкулоски кој ќе говори за „Важноста на програмите за намалување на штети во Македонија“.
Христијан учесниците на конференцијата ќе ги запознае со програмите за намалување на штети во Македонија, каде постојат 17 програми за намалување штети од употреба на дроги во речиси сите поголеми градови.
Во 1996 година, во Република Македонија е отворена првата програма за намалување штети (со размена на прибор за инјектирање) и ХИВ превенција меѓу луѓето кои користат дроги. Со поддршката на Глобалниот фонд, од 2004 година се отворија вкупно 17 вакви програми во 14 градови и тие се оценуваат како едни од најдобрите во Централна и во Источна Европа, како и во Централна Азија. Благодарение на овие програми, во последниве десет години, во Македонија се евидентирани само два нови случаи на ХИВ, заразени преку инјектирање дроги.
Постоењето на овие програми е од исклучителна важност за справување и намалување на последиците кои се појавуваат со употреба на дрога. Поточно, постоечките меѓународни студии покажуваат дека стапката на ХИВ во градовите каде постојат вакви програми, се намалува за 18,6% годишно, додека во спротивно се зголемува за 8,1% годишно. Во Македонија, во 2014 година утврдено е дека не постојат нови случаи на ХИВ меѓу лицата кои употребуваат дроги, додека бројот на инфицирани со хепатит Ц е намален за 5% во однос на 2009 година.
Активностите на овие програми се надополнуваат со веќе постојните програми за лекување на зависностите од дроги, преку примена на супституциска терапија, што резултира со зголемување на нивната ефикасност. Покрај придонесот кон подобрување на јавното здравје, постоењето на овие програми придонесува и во зацврстувањето на националната економија, како и одржување на целокупната општествена благосостојба. Според пресметките, трошокот за еден клиент во програмите за намалување штети изнесува приближно 155 евра годишно. Наспроти ова, за споредба, трошокот само за еден пациент заболен од хепатит Ц изнесува и до 13.194 евра само за лекови, во зависност од терапијата. Овој трошок повеќекратно се зголемува доколку вирусот предизвика цироза и канцер на црниот дроб.