Оваа година ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, го прославува десетиот јубилеен роденден на Дневениот центар за поддршка на сексуалните работници и нивните семејства, кој е дел од „Програмата сервиси – Поддршка на сексуалните работници“.
Центарот за сексуални работници е отворен со средства од Глобалниот фонд за борба против ХИВ/СИДА, маларија и туберкулоза. Овој центар е прв од таков тип во Македонија и е прилагоден на потребите на сексуалните работници. Центарот нуди повеќе сервиси под еден кров со цел да даде социо-економска поддршка на своите клиенти со севкупните капацитети кои ги поседува.
Потребата од организирање на сервистите на едно место и зајакнувањето на заедницата на сексуални работници се клучните чинители за формирање на центар и за започнување на една дружба помеѓу сексуалните работници од најразлични сцени и тим кој е ангажиран во центарот. Во самиот центар се разменуваат искуства и слободно се говори за својата работа без осуда, стигма и дискриминација. Тимот од ХОПС кој работи со сексуалните работници во самиот центар ги информира за остварување на своите права, каде што ќе се охрабрат јавно да ги бараат своите права, место каде што се гради активизмот кај сексуалните работници.
Развојот на ценаторт се темели на следењето на потребите на нашите клиенти и нивна вклученост во донесувањето на одлуки за воведување на нови активности. Изминатата година 2016, центарот имаше 1401 посета од страна на сексуалните работници и членови на нивните семејства или 111 различни сексуални работници добиле услуга. Поделени се 4462 кондоми, 919 лубриканти, испрале 373 машини, бољерот е уклучен 596 пати, 827 топли оброци се споделени и вкупно 177 сексуални работници учествувале на едукативни работилници.
Во текот на една работна недела сексуалните работници во центарот имаат можност да бидет дел од активностите кои се спроведуваат и тоа:
• социјален, правен, психолошки и педагошки сервис,
• едукативни работилници,
• работилници за разубавување,
• размена на опрема за инјектирање за сексуални работници кои употребуваат дроги,
• топол оброк, тушеви, користење на машини за перење,
• материјална помош (облека, обувки, хигиенски материјали и храна),
• користење на компјутер и интернет.
Во текот на годините заедно со сексуалните работници ги одбележуваме деновите кои се значајни за правата на сексуални работници како:
8ми март – „Меѓународниот ден на жената“, 26ти ноември – „Денот за борба против семејното насилство“, 1ви декември – „Светскиот ден против СИДА-та“, 10ти декември – „Меѓународен ден на Човекови Права“ и 17ти декември – „Меѓународниот ден за борба против насилството врз сексуалните работници“.
Постигнатите резултати, искрената поддршка, возвратената комуникација, подигање на свеста, заштитата на правата на сексуалните работници, намалувањето на дискриминацијата, едукацијата е она што нас како тим на ХОПС не мотивира да продолжиме со работата и да се бориме за нивните права.
Услуги за поддршка на сексуалните работници/чки и нивните семејства, може да добиете во:
Дневниот центар за поддршка на сексуални работници/чки, секој работен ден, од 13 до 18 часот, тел. број 02/2630-499.
Доколку не можете да дојдете во нашиотцентар, побарајте го Теренскиот тим:
- На Отворена сцена или пред Македонска телевизија, во вечерните часови секој понеделник, среда и петок;
- Во Шуто Оризари, во вторник навечер и во четврток околу пладне;
- Во Топаана, секој понеделник околу пладне.