Први декември оваа година ја одбележува 30 годишнината од Светскиот ден за борба портив Сидата. Се започнало во 1988 година кога Светската Здравствена Организација за прв пат ги истакнала напорите на светот за борба против ХИВ/СИДА. Овој ден покрај изразување на поддршка за оние кои што живеат со ХИВ, е исто така ден кога се сеќаваме на оние кои што ја изгубиле борбата со оваа болест.
Според Центрите за контрола на болести и превенција, во 2017 година околу 36,9 милиони луѓе живееле со ХИВ инфекцијата, а околу 940.000 лица загинале од болести поврзани со СИДА, а околу 1,8 милиони луѓе биле заразени со ХИВ. Се проценува дека околу 70% од луѓето со ХИВ го знаат нивниот статус, а за да се постигне целта од 90%, дополнителни 7,5 милиони луѓе треба да имаат пристап до услуги за ХИВ тестирање.
Не постои лек за ХИВ инфекција. И покрај тоа што антиретровирусната терапија ја трансформира ХИВ инфекцијата од фатална инфекција во хронична состојба која што може да биде контролирана, ХИВ инфекцијата и понатаму преставува глобална закана за здравјето на луѓето. Во Македонија антиретровирусната терапија е бесплатна за лицата кои што живеат со ХИВ/СИДА и е достапна на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје.
Оваа година на Меѓународната конференција за СИДА која што се одржа во Амстердам. беа објавени резултатите од една голема студија за пренесување на ХИВ, луѓето што живеат со ХИВ и кои што се на ефективен третман, не можат да го пренесат вирусот на нивните сексуални партнери.
Во земјава оваа година е пораснат бројот на заразени од ХИВ/СИДА. Во мај 2018 година регистрирани се пет новозаболени лица. Според податоците објавени од Институтот за јавно здравје на Република Македонија сите лица се од машки пол, на возраст од 20 до 49 години. Од почетокот на 2018 година во Македонија биле евидентирани вкупно 18 нови пациенти со ХИВ/СИДА.
Од 1987 година, кога за прв пат бил потврден првиот случај на ХИВ во земјава, заклучно со мај 2018 бројот на регистрирани со ХИВ/СИДА е 376 лица, од нив 188 се лица болни од СИДА додека останатите се ХИВ позитивни. Борбата со оваа болест ја изгубиле вкупно 84 лица.
Можеме да кажеме дека со текот на времето, како резултат на бројни студии и откритија поврзани со ХИВ/СИДА денес е постигната подобра контрола на оваа болест. Програмите за намалување на штети завземаат важно место во обликувањето на одговорот на епидемијата на ХИВ. Овие програми имаат спасено многу животи затоа е потребно да се нагласи нивната важност во одговорот на ХИВ.