PRIDE PHOTO AWARD - Изложба на победнички фотографии за 2016

Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ нѐ кани на отворањето на изложбата на победничките фотографии на Pride Photo Award за 2016, на 05.12, вторник, во 20:00ч во Мала Станица.

Во склоп на изложбата, на 13.12, среда, во Мала станица од 11:00ч, ќе биде одржана и панел дискусија на тема "Препознавање и признавање на сексуалната и родовата различност", на која како гости говорници ќе бидат претставници од Советот на Европа и TRANSGENDER-Europe. 

Pride Photo Award е меѓународен годишен фотографски конкурс со фокус на сексуалниот диверзитет и родовиот идентитет. Секоја година фотографи ширум светот ги споделуваат своите најкреативни, најпредизвикувачки и нестереотипни погледи на родот и сексуалноста. Меѓународно експертско жири ги селектира најдобрите дела по што се организира светска изложба. 

Од добиените 3.600 пријави поднесени од 398 фотографи од 70 различни националности, на изложбата ќе се сподели селекција од победничките фотографии од едицијата од 2016 година. Изложбата веќе била поставена во Амстердам, Болоња, Џакарта, Ханој и Сан Франциско. 

Pride Photo Award има за цел да допринесе кон поправичен и инклузивен свет преку видливост на сексуалниот и родов диверзитет и создавање свесност за „другиот“.  Во време кога личните ставови се под силно влијание на визуелната информација, фотографијата нуди моќна и современа алатка за општествени промени. Сликите поседуваат уникатна моќ да едуцираат и информираат бидејќи ги надминуваат јазичните бариери и културните разлики. Преку доделување награди и изложување на фотографии во чиј фокус се прикажани приказни отаде очигледното, Наградата за прајд фотографија го разоткрива она што се обидуваат да го затскријат малигните моќи и медиуми. Преку стремежот да се прикаже свет отаде конформистичките хетеронормативни толкувања на сексуалноста и поедноставените бинарни концепти за родот, Наградата за прајд фотографија разоткрива свет ослободен од стереотипите и предрасудите. 

Фондацијата е со седиште во Амстердам, основана во 2010 година по иницијатива на организацијата COC Amsterdam, IHLIA (Меѓународен центар за хомо/лезбиски информации и архива) и Homo Monument Foundation, со поддршка и совет од фотографскиот музеј Фоам и Фондацијата World Press Photo. 

Изложбата е во организација на Холандските амбасади во Тирана, Приштина и Скопје, во партнерство со Коалицијата СЗПМЗ, и со финансиска поддршка од Град Амстердам, и фондациите Ахмеа, Фондс 21, АФК и Трутфондс. 

Извор: Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“