Програмски извештај / Билтен

Програма за работа 2012-2016

Визија на ХОПС: Oпштество во кое на сите луѓе подеднакво им се почитуваат човековите права и слободи и уживаат социјална, здравствена и економска благосостојба.

Мисија на ХОПС: Промоција, почитување и заштита на човековите права и слободи заради унапредување на здавјето и социоекономскиот статус на сите луѓе, а особено на корисниците на дроги, сексуалните работници и други маргинализирани заедници базирано на принципите за намалување на штети, преку еднаков пристап до сервиси и услуги, зајакнување на заедницата, подигнување на капацитети, истражувања, анализи и застапување.

 

Програмски извештај на ХОПС за 2012 г.

ХОПС – Опции за здрав живот Скопје продолжи да расте и оваа година во проширување на делокругот на своите активности и во зголемување на искуството, ефикасноста и посветеноста за исполнување на својата визија.

Во 2012 година се навршија 15 години од воспоставувањето на првата програма за намалување штети во Република Македонија од страна на ХОПС, како една од првите три отворени програми во тоа време во цела југоисточна Европа.

За нашата организација 2012-та беше една од клучните години од формирањето на ХОПС во 1999 година. Почна да се имплементира новата стратегија на ХОПС и се воспостави новата структура што треба да даде поефикасна имплементација на активностите што ги реализираме за промоција и заштита на човековите права и давањето услуги на маргинализираните заедници во Македонија, со посебен фокус на корисниците на дроги и сексуалните работници.

Оваа година продолживме со имплементација на клучните активности од проектот за „Одржување на ниска ХИВ- преваленција во Република Македонија“ и „ДОТС-интервенциите во Македонија“ во партнерство со други здруженија и со Министерството за здравство преку грантот на Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија, ја продолживме долгогодишната соработка со Фондацијата Отворено општество – Македонија и ја продлабочивме, проширивме и зајакнавме соработката со Градот Скопје за поддршка на програмите за намалување штети и со Дневниот центар за ресоцијализација и рехабилитација на лица зависни од дроги и членови на нивните семејства.

Се чувствувам почестен да го водам динамичниот тим на ХОПС и искрено им благодарам на нивните напори за подобрување на здравствениот и социјалниот статус на заедниците на кои им служиме.

Исто така, благодарен сум им на сите што нè поддржаа во претходниот период, што веруваат и што нè поддржуваат во остварувањето на нашата мисија.

Христијан Јанкулоски,

Извршен директор на ХОПС