Едукативни и информативни публикации

Едуцирањето на ранливите групи за туберкулоза дава резултати

Почнувајќи од 2006 година, Глобалниот фонд поддржува низа активности за унапредување на контролата на туберкулоза во Македонија. Помеѓу нив се и едукациите на ранливите групи кои во поголем обем од претходните години се спроведуваат од 2011 година и се наменети за луѓето кои употребуваат дроги, оние кои се лекуваат од зависности, сексуалните работници/чки, осудениците, Ромите, бегалците, внатрешно раселените лица, барателите на азил и луѓето кои живеат со ХИВ.

Оттогаш 34 здруженија на граѓани и јавни институции координирани од ХОПС - Опции за здрав живот Скопје, имаат спроведено 2225 едукативни работилници преку кои 14814 припадници на групите со најголем ризик добиле важни информации за превенцијата, рано препознавање и потребата за навремено и соодветно лекување на туберкулозата.

На почетокот од 2016 година беше спроведено истражување со цел да се проценат ефектите од овие едукативните работилници. Истражувањето опфати 580 испитаници од 14 населени места низ државата.  Истражувањето покажа дека постои видно подобрување на нивоата на знаења, на ставови и на практики поврзани со туберкулоза меѓу населението со најголем ризик, споредено со состојбата во 2010 година.  Воедно истражувањето покажа дека испитаниците кои биле едуцирани речиси по правило имаат повеќе точни информации за туберкулоза (начини на пренос, симптоми, превенција и лекување). Нивните ставови укажуваат на поголема грижа за сопственото здравје, за туѓото здравје и за туѓата добросостојба (што се демонстрира преку доверба во стандардните методи за справување со ова заболување и солидарост кон заболените), а истовремено тие почесто (барем декларативно) практикуваат навики кои штитат од пренос на туберкулоза.

Поради покажаната ефикасност, овие мерки треба да се одржат и да се унапредуваат по завршувањето на грантот од Глобалниот фонд. Потребно е и унапредување на капацитетите за здравствена промоција поврзана со туберкулоза во образовниот и во здравствениот систем, како и елиминирање на дискриминацијата кон ранливите групи. Програмите за превенција (вклучително и справување со социоекономските ризици со кои се соочуваат ранливите групи), рана детекција и соодветен третман на туберкулозата побаруваат стратешки пристап базиран на докази, меѓусекторска соработка и адекватно финансирање од страна на надлежните национални и локални институции.

Резимето од извештајот е достапно тука, а целото истражување може да ги најдете тука

Анализа на активностите и на буџетите на програмите за поддршка на сексуалните работници во Македонија

Програмите за поддршка на сексуалните работници во Македонија започнуваат да функционираат од 2000 година како пилот проект на ХОПС за превенција на ХИВ меѓу сексуалните работници. За неколку години проектот преминува во цела програма со сеопфатни услуги за сексуалните работници и нивните семејства. Паралелно со развојот на програмата се преземаат активности за зајакнување на заедницата на сексуални работници со цел да започнат да функционираат како самостојна организација, што и се оствари во 2010 година со формирањето на „СТАР СТАР“. Почнувајќи од 2008 година се развиваат програми и во други градови со што денес функционираат 7 програми во 9 градови во Македонија. Тоа се следниве градови: Скопје, Тетово, Гостивар, Охрид, Битола, Струмица, Гевгелија, Струга, Кичево.

Во моментов сите програми работат со поддршка на Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија и се целосно вклучени во Националната стратегија за ХИВ почнувајќи од првата стратегија во 2003 година, па до актуелната стратегија 2012–2016.

Целата анализа може да ја прочитате ТУКА.

ВО ПОТРАГА ПО РЕШЕНИЈА

Анализата ги разгледува можностите за активно вклучување на единиците на локалната самоуправа, конкретно на Градот Скопје и општините Куманово, Тетово и Гостивар, при планирањето и спроведувањето на активности за заштита на локалното население од ХИВ/СИДА. Географската местоположба на Скопје, Куманово, Тетово и Гостивар овозможува исклучително поволни услови за заемна соработка со пограничните единици на локалната самоуправа од Косово. На тој начин ќе се овозможи поефикасна превенција на ХИВ/СИДА меѓу населението од пограничните области на двете држави, но и квалитетна размена на знаења и искуства меѓу надлежните и засегнатите институции и организации кои дејствуваат на териториите на Скопје, Куманово, Тетово и Гостивар, Приштина, Гњилане, Призрен и Качаник. Овој Извештај е резултат на истражувањето што се спроведе во рамките на проектот „Превенција на ХИВ и употреба на дроги помеѓу граѓаните од пограничните области“, кој се спроведува во соработка меѓу Македонија и Косово. Носители на проектот се Здружението „ХОПС – Опции за здрав живот Скопје“ од Република Македонија и „Лавиринт“ од Приштина, Косово.
 

Локална стратегија за заштита од ХИВ на Општина Гостивар

Основната мисија на Локалната стратегија за заштита од ХИВ на Општина Гостивар  е унапредување на здравјето и заштита на локалното население од ХИВ преку формално и неформално образование, подигање на свеста, превенција, рано откривање и навремена грижа и поддршка

Локална стратегија за заштита од ХИВ на Општина Тетово

Основна мисија на Локалната стратегија за заштита од ХИВ на Општина Тетово е унапредување на здравјето и заштита на локалното население од ХИВ преку формално и неформално образование, подигање на свеста, превенција, рано откривање и навремена грижа и поддршка

Локална стратегија за заштита од ХИВ на Општина Куманово

Основната мисија на Локалната стратегија за заштита од ХИВ на Општина Куманово е унапредување на здравјето и заштита на локалното население од ХИВ преку формално и неформално образование, подигање на свеста, превенција, рано откривање и навремена грижа и поддршка.

Локалнa стратегиja за заштита од ХИВ на Град Скопје

Основната мисија на Локалнaта стратегија за заштита од ХИВ на Град Скопје е унапредување на здравјето и заштита на локалното население од ХИВ преку формално и неформално образование, подигање на свеста, превенција, рано откривање и навремена грижа и поддршка. Во следниот период, Градот Скопје поголемо внимание ќе посвети на зголемување на информираноста за ХИВ на жителите од регионот, со акцент на младите, стручните кадри, волонтерите и на другите граѓани за да се допре до што поголема група. Сето тоа преку специфични обуки, кампањи и преку јавните гласила, но и со координација и унапредување на соработката меѓу здруженијата и институциите што се занимаваат со заштита од ХИВ“.
 

Прирачник за неформално образование за превенција на ХИВ

Целта на Прирачникот за неформално образование за превенција на ХИВ е да обезбеди информации од практичен аспект на едукаторите за пренесувањето на ХИВ кај заедниците под најголем ризик. Прирачникот е наменет за едукација на идни експерти/студенти од областите социјална работа, медицина, полиција и безбедност, психологија, право итн., како и стручниот кадар кој е во директна врска со крајните корисници - лицата под најголем ризик.  Овој Прирачник е изготвен за потребите на Летната школа за превенција на ХИВ што се одржа во рамките на Проектот „Превенција на ХИВ и употреба на дроги помеѓу граѓаните од пограничните области“ кој се спроведува во соработка меѓу Република Македонија и Република Косово. Носители на Проектот се Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје од Република Македонија и НГО Лавиринт од Приштина, Република Косово.
 

Конопот за медицинска употреба во Македонија - здравје или бизнис?

Со измените на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции од февруари 2016 година, Македонија стана 14-та земја во Европа и 3-та во регионот што го легализира конопот за медицинска употреба. Но, долгоочекуваниот Закон не ја исполни целта за која е наменет бидејќи легално достапните форми на коноп не ги отсликуваат потребите за лекување различни болести, продажните цени се премногу високи, лекарите-специјалисти само спорадично и со скептицизам препишуваат препарати од коноп, а пациентите продолжуваат да ги набавуваат лековите од црниот пазар.

Овој документ утврдува пропустите во актуелното законско решение што резултираат со негова несоодветна примена. Освен тоа, документот ги сумира искуствата и ставовите на клучните засегнати страни и прави преглед на моделите за регулација на медицински коноп во Израел, Канада и во Шпанија, врз чија основа предлага алтернативни решенија за унапредување на пристапот до овие лекови за пациентите во Македонија. Во таа насока, неопходно е изготвување ново законско решение што ќе овозможи легален пристап до лекови од коноп во различни форми и со концентрации соодветни за третман на многу повеќе здравствени состојби од сега дозволените, но и со цени што ќе бидат во рамките на финансиските можности на граѓаните. Ова подразбира и укинување на строгите услови за одгледување коноп, додавање дел од лековите на позитивната листа, како и креирање простор за пациентите, или од нив назначени лица, да можат сами да ги подготвуваат препаратите од коноп за сопствена употреба.

Резимето од овој документ за јавни политики е достапно на МАКЕДОНСКИ и на АЛБАНСКИ јазик, додека целосната анализа може да ја прочитате ТУКА.

Иднината на програмите за намалување на штети од употреба на дроги во Македонија. Анализа на активностите и на буџетите на програмите за намалување на штети

Програмите за намалување на штети од употреба на дроги во Македонија датираат од 1996 година кога Асоцијацијата за социокултурни активности МАСКА ја отвори првата Програма за размена на прибор за инјектирање, што следната година ја продолжи ХОПС – Опции за здрав живот Скопје. Оттогаш до денес во Македонија се развиени вкупно 16 програми за намалување на штети, од кои четири се во Скопје и по една програма во други 13 градови. Програмите за намалување на штети од употреба на дроги во Македонија се карактеризираат со нивната комплементарност, односно тие нудат повеќе услуги на едно место – стерилен прибор за инјектирање, кондоми, услуги од медицинско лице, социјален работник, теренска работа, тестирање за ХИВ и за хепатит Ц, а во 6 градови и бесплатна правна помош. Токму поради оваa карактеристика овие програми се препознаени како добра пракса не само во регионот туку и пошироко, и голем број на студиски посети се реализирани во Македонија каде што учесници од разни земји ги посетиле програмите на ХОПС во Скопје и стекнувале знаење за тоа како да се развива успешна програма за намалување на штети од употреба на дроги.

Освен Град Скопје, што учествува во кофинансирање на еден центар за намалување на штети (финансирање на 2 ангажирани лица – координатор и социјален работник, како и трошоци за кирија и за спалување на медицинскиот отпад), сите други програми и активности се финансирани од Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија, чија поддршка завршува во декември 2016 година. Во овој момент, континуитетот на овие програми е неизвесен поради необезбедената финансиска поддршка по завршувањето на проектот поддржан од Глобалниот фонд. Затоа оваа Студија има цел да даде придонес во изнаоѓањето на начини за континуирано финансирање на програмите за намалување на штети и нивна одржливост преку предлагање на два модела за нивно продолжување – минимален модел со минимален број на услуги и минимални финансиски средства и оптимален модел со оптимален број на услуги и во согласност со нив оптимални финансиски средства. Извршното резиме со резултатите од студијата може да го преземете тука, а целосниот текст од студијата тука.

Pages