Магазин "Дроги - Политики и практики"

Деветто издание на Дроги - Политики и практики

Објавен е деветиот број на списанието Дроги - Политики и практики. Овој број е посветен на програмите за намалување на штети од употреба на дроги.

Дојде и тој час. Програмите за намалување на штети од употреба на дроги се затвораат. Неверојатно е колку напор треба да се вложи за во Македонија да се привлече вниманието на оние кои се избрани и се платени да обезбедат услови за заштита на здравјето на граѓаните. Еве, сега се оправдуваме со политичката криза иако надлежните институции имаа повеќе од десет години да изнајдат и да воведат мерки за одржување и развој на програмите за намалување на штети.

Постојано чекаме некој друг да ни ги решава проблемите, а потоа се жалиме дека туѓинци ни се мешаат во внатрешната политика. Не е дека не постои начин. Не е дека нема пари. Само треба да се покаже поголема волја. Затоа ја користиме оваа можност да им обрнеме внимание на донесувачите на одлуки дека политиките во оваа држава не можат да зависат од нивното лично расположение и од нивните лични убедувања.

Ги потсетуваме донесувачите на одлуки дека се избрани и се платени за да одговорат на потребите и на барањата на граѓаните и дека здравјето и благосостојбата на граѓаните се поважни од зачувувањето на мандатот или од задоволувањето на нечии каприци. Штетите од затворањето на програмите за намалување на штети во Македонија ќе бидат огромни. Не поради тоа што многу луѓе ќе изгубат работа, туку затоа што многу луѓе ќе ја изгубат единствената здравствена, социјална и правна поддршка што ја добиваат во оваа држава. А последиците ќе ги почувствува целото општество. Решенија постојат – само некој треба да послуша.

Впрочем, во текот на изработката на ова издание на Дроги – Политики и практики, новиот министер за здравство Арбен Таравари најави дека Министерството за здравство целосно ќе ги поддржи програмите за намалување на штети. Дотогаш, а и понатаму, ние ќе продолжиме да ја нагласуваме потребата од спроведување долгорочни решенија во политиките и практиките за дроги во Македонија.

Целосното списание во ПДФ формат и ОНЛАЈН изданието.

Објавен е осмиот број на списанието Дроги - Политики и практики


 Овој број е посветен на „Женскиот глас за ефикасни програми за жените кои употребуваат дроги“. 


Да, колку и да ви звучи чудно, и жените употребуваат дроги. А и во минатото употребувале дроги. Барем онолку наназад колку што можеме да се навратиме со денешниве истражувања. Само што морале повеќе да се кријат поради доминантните вредности кои биле, а и сè уште се потолерантни за мажите. И додека употребата на дроги со децении е горлива тема, дискусијата за жените кои употребуваат дроги почна срамежливо да се воведува во јавноста пред дваесетина години. Но, дури во последниве неколку години повеќе луѓе се охрабрија отворено и гласно да проговорат за потребите на жените кои употребуваат дроги. Зошто? Затоа што родовите аспекти се и биолошки и културолошки определени. Затоа што жените кои употребуваат дроги се среќаваат со поразлични предизвици отколку мажите кои употребуваат дроги. И поради тоа имаат и поразлични потреби. „Разбирањето на родовите специфики на употребата на дроги е првиот чекор кој треба да се преземе од страна на носачите на одлуки со цел креирање ефективни одговори на проблематичната употреба на дроги кај жените.“ Затоа овој број на „Дроги – Политики и практики“ им го посветуваме на жените кои употребуваат дроги со надеж дека ќе придонесеме за воведување ефикасни политики и програми за нивна поддршка. 

Од Уредништвото

Целосното списание во ПДФ формат и ОНЛАЈН изданието.

Објавен е седмиот број на списанието Дроги - Политики и практики

Објавен е седмиот број на списанието Дроги - Политики и практики. Овој број е посветен на младите, дрогите и активистите.

Наспроти празноверието за смртоносноста на дрогите стојат луѓе кои потврдуваат дека не се дрогите тие што убиваат, туку стереотипите вткаени во актуелните политики за дроги, во образованието и во сите културни обрасци преку кои го спознаваме и со чија помош се позиционираме во овој свет. Овие луѓе се доволно храбри за да ги раскинат синџирите на општествената осуда и јавно да кажат дека употребувале и/или дека употребуваат дроги. Со својот настап тие покажуваат дека вистинското зло се крие во институционалната дискриминација и во општествената стигматизација спрема луѓето кои употребуваат дроги наместо во дрогите како што се обидуваат да ни прикажат креаторите на политиките.

Често се случува активистите за дроги да бидат санкционирани, па дури и прогонувани поради храброста јавно да проговорат за вистинските проблеми поврзани со дрогите, но и покрај тоа многумина остануваат истрајни во настојувањата за воведување хумани политики за дроги кои ќе придонесат за унапредување на социјалниот и на општествениот статус на луѓето кои употребуваат дроги, но и за унапредување на целокупната општествена благосостојба.


Затоа ова издание на Дроги - Политики и практики им е посветено на храбрите, но и на оние кои сè уште собираат храброст да застанат на браникот на сопствените права.

Целосното списание во ПДФ формат и ОНЛАЈН изданието.

Објавен е шестиот број на списанието Дроги - Политики и практики

​Шестиот број на Дроги – Политики и практики обрнува внимание на една исклучително чувствителна тема – млади кои употребуваат дроги. Здруженијата на граѓани веќе неколку години предупредуваат дека во Македонија има се повеќе деца и млади кои употребуваат дроги и ги повикуваат надлежните институции да воведат соодветни мерки за лекување и рехабилитација. За жал, игнорантскиот однос на институциите дополнително ги отежнува напорите, оставајќи ги здруженијата на граѓани осамени во борбата со законските ограничувања за хуман однос кон децата и младите кои употребуваат дроги.

Целосното издание во ПДФ формат можете да го преземете преку следната врска.

Објавен е петтиот број на списанието Дроги - Политики и практики

Во декември 2015 година излезе од печат петтиот број на списанието Дроги - Политики и практики, чија носечка тема е: „Зошто е битна едукацијата?“

Со ова издание на „Дроги – Политики и практики“ настојуваме да одржиме свесност кај себе за причините за постоење на ова списание и воедно да го образложиме нашиот став за образованието. Ние под образование не го подразбираме само оној процес на стекнување знаење во семејството и во училиштето. Ние под образование подразбираме целокупен процес на стекнување на знаење од сите достапни извори и на свесно процесуирање на добиените информации онака како што најмногу можат да им користат и на единките и на заедницата. Затоа се залагаме за постојано проширување на можностите за формално и неформално образование и на достапност до разновидни извори на релевантни информации. Затоа нам ни е важно образованието. Сметаме дека сестраното образование ќе придонесе за развивање на општествената свест и, меѓу другото, свесност за Списанието може да го симнете во pdf верзија на следниов линк.

Објавен е четвртиот број на списанието ДРОГИ – Политики и практики

Во август 2015 година беше објавен четвртиот број на списанието Дроги – Политики и практики. Главна тема на ова издание е „Одржливост на програмите за намалување на штети“, а се потрудивме сите написи, колку и да изгледаат како отстапување, да ги подржуваат написите кои се носители на главната тема.
Програмите за намалување на штети од употреба на дроги во Македонија се исправени пред огромен предизвик затоа што не е јасно како ќе опстануваат по прекратувањето на средствата од Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија. Понатамошното финансирање треба да го обезбеди Владата на Република Македонија, но сè уште нема никакви гаранции дали и под кои услови Владата ќе ја спроведе преземената обврска. Токму затоа ова издание ја отвора темата за одржливоста на програмите за намалување на штети од употреба на дроги во Македонија. Веруваме дека ќе успееме да го привлечеме вниманието на стручната, но и на целокупната јавност за неопходноста од постоењето на програмите за намалување на штети поради општа заштита на јавното здравје и унапредување на квалитетот на живеење. Списанието може да го симнете во pdf верзија на следниов линк.

 

Објавен е третиот број на "Дроги - Политики и практики"

Во април 2015 година излезе од печат третиот број на списанието Дроги – Политики и практики. Главна тема на ова издание е „Политики за намалување на штети“, а останатите написи ги подржуваат написите кои се носители на главната тема.

Иако политиките за намалување на штети речиси дваесет години се развиваат во Македонија ова е прв пат на оваа тема да ѝ се посветува централно место во едно списание. Почнувајќи од средината на 90-тите години на ХХ век прво во Скопје, а подоцна и во Струмица, Битола, Куманово, Штип, Гевгелија, Кавадарци, Охрид, Гостивар, Тетово, Прилеп, Велес и Кичево се отворија повеќе програми за намалување на штети. Денес Македонија може да се пофали со прилично сеопфатен пристап во развивањето на програмите за намалување на штети, но претстојат уште многу предизвици за обезбедување одржливост и стабилен развој на овие програми. Во ова издание на Дроги – Политики и практики се изнесени само дел од искуствата и предизвиците, но доволно како основа за отворање понатамошна дискусија.

Списанието може да го симнете и како pdf фалј на слениов линк.

 

Вториот број на "Дроги - Политики и практики" достапен и во онлајн издание

 Во јуни 2014 година Здружението ХОПС -- Опции за здрав живот Скопје и Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници" го објавија вториот број на списанието ДРОГИ -- ПОЛИТИКИ И ПРАКТИКИ.

Со носечката тема на вториот број, „Законодавство и дроги", се прави осврт на политиките за дрогите во Македонија и во други земји во светот. Aвторите застапени во овој број, во популарен стил, настојуваат да ги пренесат искуствата од различните нивоа на спроведувањето на политиките и практиките со кои се регулираат дрогите и употребата на дроги во Македонија и во светот.

Второто издание на магазинот е достапно во онлине верзија и може да се преземе како pdf документ на следниов линк.

Првиот број на "Дроги - Политики и практики"

 Во октомври 2013 година Здружението ХОПС -- Опции за здрав живот Скопје и Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници" го објавија првиот број на списанието ДРОГИ -- ПОЛИТИКИ И ПРАКТИКИ.

„Дроги -- Политики и практики" се стреми да понуди поинакви гледишта на политиките и практиките за дрогите и употребата на дрогите, да образува поширока публика, да обезбеди поголема видливост на корисниците на дроги и да поттикне интердисциплинарен дијалог за изнаоѓање соодветни и хумани решенија за наведените општествени предизвици.

Целта на темата на првиот број, „Третман на зависности од дроги", е да се развие дијалог за улогата на пациентите во лекувањето на зависностите од дроги и да се нагласи потребата за интердисциплинарен пристап во третманот на зависностите од дроги.

Списанието може да го преземете на македонски на следниов линк и да го погледнете промотивното видеото во продукција на Социјален маркетинг - ХОПС во соработка со Screaming Snails Production.