Информативни и едукативни публикации

Можности за одржливо финансирање на програмите за намалување на штети од употреба на дроги од Буџетот на Република Македонија

Во Македонија постојат 16 програми за намалување на штети во 13 различни градови што овозможуваат здравствени, социјални, правни, психолошки, педагошки и други услуги за луѓето кои употребуват дроги. Од 1.11.2004 до 31.3.2008 година, овие програми се финансираат со средства од „Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија“, како дел од проектот „Градење на координиран одговор за ХИВ/СИДА“. Овој проект продолжува да се развива во две нови проекти. Првиот, под називот „Одржување на ниска ХИВ преваленца во РМ – Зајакнување на капацитети“ се спроведува од 17.4.2008 до 31.3.2013 година, а вториот, под називот „Одржување на ниска ХИВ преваленца во РМ – Одржлив развој“ се спроведува од 1.1.2012 до 31.12.2016 година. Со овие средства, како примарен примател, управува посебна единица во Министерството за здравство на Република Македонија.

Според договорот со „Глобалниот фонд“ финансирањето на овие активности, почнувајќи од 2017 година, треба да го преземе Владата на Република Македонија. Бидејќи здруженијата на граѓани вклучени во спроведувањето на Проектот сѐ уште немаат претстава дали и како Владата на РМ планира да го преземе финансирањето на овие активности, а рокот набргу истекува, сè повеќе се зголемува неизвесноста за понатамошен опстанок на активностите за ефикасна превенција, за третман, за грижа и за поддршка за ХИВ/СИДА во Македонија. Процената на трошоците на програмите за намалување на штети покажува дека оптималниот годишен буџет за одржување на програмите за намалување штети изнесува меѓу 27.391.500,74 денари и 34.853.928,62 денари, во зависност од моделот на финансирање (Деков 2015).

Поаѓајќи од тоа што опстанокот на програмите за намалување на штети е неизвесен, Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје презеде иницијатива за изнаоѓање начин за одржливост на програмите за намалување на штети. Дел од оваа иницијатива е и истражувањето за процена на можностите за одржливо финансирање на програмите за намалување на штети од буџетите на поединечните програми на Министерството за здравство на Република Македонија и на Министерството за труд и социјална политика на Република Македонија. Резултатите од процената и можностите за одржливо финансирање на програмите за намалување на штети се прикажани во извршното резиме што може да го преземете тука и во целиот текст од истражувањето што може да го преземете тука.

БИЛТЕН "Конференција – Достапност на третманот за хепатит Ц за корисници на дрога во РМ – добри практики и предизвици (14 – 16 март 2014 година, Охрид)"

Третманот на хепатит Ц инфекцијата е јавно здравствен проблем. Третманот на хепатит Ц инфекцијата е и човеково право.

Република Македонија повеќе години има искуство во третманот на оваа инфекција со моно, а сега и со двојна терапија. Иако таа е возможна, сепак, сè уште е ограничен пристапот за сите оние на кои им е потребна.

До 2012 година, само Фондот за здравствено осигурување преку Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, Клиниката за гастроентерохепатологија и некои инфективни одделенија при општите болници обезбедува средства за третманот за хепатит Ц.

Од 2012 година, па до крајот на 2016 година, трошоците за лекување на оваа инфекција кај 47 корисници на дроги ги поддржува и Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија.

Дали е ова доволно?

ХОПС организираше конференција со присуство на засегнати страни на тема „Достапност на третманот за хепатит Ц за корисници на дрога во РМ – добри практики и предизвици “ со цел подигнување на свесноста за потребата од широко достапен третман на оние на кои им е потребен и придобивките од инвестирањето во овој третман. Билтенот од конференцијата може да го преземете тука.

Третман на вирусен хепатит Ц во Македонија: Пристап до лекување за луѓе кои употребуваат/-ле дроги

Лекувањето на хепатит Ц во Македонија е скапо и поради тоа тешко достапно за луѓето мотивирани да се лекуваат од хепатит Ц кои некогаш мора да чекаат и подолго од една година за да бидат примени на лекување (Velik Stefanovska et al. 2013: 13).

И покрај тоа што ниедна категорија граѓани нема приоритет за лекување на ХЦВ (Velik Stefanovska et al. 2013: 13), луѓето кои инјектираат дроги и кои сочинуваат приближно 51,53% од вкупниот број луѓе позитивни на ХЦВ (Kiprijanovska et al. 2013: 18) во Македонија немаат достапност до лекување. За луѓето кои инјектираат дроги постои услов за прием на третман за ХЦВ, што подразбира да се лекуваат од зависности од дроги или да апстинираат од дроги. Наспроти препораките од меѓународните експерти за воведување сеопфатни третмани (Knerr and Merkinaite 2007: 45-46), ограничувањето на достапноста за лекување на ХЦВ кај луѓето кои инјектираат дроги е засновано на претпоставките за можна реинфекција, нивното дубиозно однесување, ограничените капацитети на медицинскиот третман. Поставените услови се оправдуваат со скапата фармакотерапија со што повторно сѐ се сведува на финансиските трошоци наместо да се посвети внимание на јавното здравје и на економската оправданост на финансирање на третманот со чија зголемена достапност се превенираат и здравствените и финансиските импликации што настануваат како последици на болеста.

Имајќи ги предвид ризиците од ХЦВ и потребите за итна превенција од понатамошно ширење на ХЦВ, и за лекување на луѓето позитивни на ХЦВ (Nelson et al. 2011: 2; Fassio 2010; Cook and Kanaef 2008: 13; Wendy and Merkinaite 2007: 24), овој документ овозможува краток преглед на можностите за лекување на ХЦВ кај луѓето во Македонија кои инјектираат/-ле дроги и нуди препораки за поуспешен третман на ХЦВ кај оваа категорија граѓани. Целиот извештај може да го преземете тука.

Водич за опијатно предозирање и за примена на налоксон

Според последниот Извештај на УНОДЦ (Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал) од 2014 година, во 2012 година проценето е дека имало 183.000 смртни случаи како последица на употреба на дроги.

Проценето е дека повеќе од 70.000 животи се загубени поради предозирање од дроги во Европа во првата декада од 21 век. Европската унија известува за 6.500 смртни случаи поради предозирање од дроги, што се потврдува во Извештајот на ЕМЦДДА (Европскиот мониторинг центар за дроги и зависност од дроги).

Во регионот на Источна Европа и на Централна Азија, во чиј регион спаѓа и Република Македонија, проценето е дека околу 3.274.000 лица инјектираат дроги. Најмалку две третини од корисниците известиле дека се случило да бидат предозирани, а 4 од 100 случаи завршиле фатално според истражувањето на Евроазиската мрежа за намалување на штети. Во многу земји од овој регион, корисниците се плашат да повикаат итна медицинска помош при случаи на предозирање од дроги.

Во Република Македонија не постои современ и ефикасен систем за евидентирање на случаите на опијатно предозирање и затоа не е можно да се оствари соодветно следење и да се направи анализа врз чија основа ќе се планираат идните интервенции.

Само во Скопје Службата за итна медицинска помош и домашна посета при Здравствениот дом Скопје и Клиниката за токсикологија во периодот од 2009 година до 2012 година имале 865 интервенции при случаи на опијатно предозирање.

Не постои широка достапност на лекови, како што е налоксонот што се користи во случаите на опијатно предозирање во Македонија. Налоксонот не е регистриран и се набавува со постапка за интервентен увоз. Налоксонот е достапен само во дел од здравствените институции.

Водичот за опијатно предозирање и за примената на налоксонот излегува како резултат на потребата за ефективно справување со опијатното предозирање и да се потенцира важноста од примената и од децентрализацијата на антидотот налоксон. Налоксон е наменет за медицински лица кои работат во службите за итна медицинска помош, ургентните одделенија при болниците и граѓанските здруженија што работат на полето за намалување на штети од употреба на дроги. Водичот за опијатно предозирање и за примена на налоксон може да го презмете тука.

Налоксонот спасува животи: Анализа на правната рамка за зголемување на достапноста на налоксонот при опијатно предозирање во Република Македонија

Правото на живот е неприкосновено право втемелено во највисокиот правен акт, Уставот на Република Македонија. Ова право е загарантирано и со меѓународните договори за заштита на човековите слободи и права со кои се наметнуваат обврски за државата без ограничување да го штити правото на живот. Република Македонија има обврска да се воздржи од дејствија што можат да го ограничат правото на живот, но исто така има обврска да дејствува афирмативно во насока на зачувување на животот на поединците. Правото на живот не е изолирано право во однос на останатите човекови права. Имено, правото на здравје е едно од правата што е тесно поврзано со непречено уживање на правото на живот. Опијатното предозирање претстaвува животозагрозувачка здравствена состојба што бара итна интервенција. Налоксонот пак е широко прифатен лек, ефикасен, со минимални штетни последици, што спасува животи во случаи на опијатно предозирање. Долги години наназад истражувањата укажуваат на ограничената достапност на налоксонот во Република Македонија, што доведува до чести случаи на смрт од предозираност. Во смисла на позитивната обврска на државата, потребно е да се усвои правна рамка што ќе овозможи континуирана достапност и лесна пристапност до налоксонот како блокатор на опиоиди при опијатно предозирање. Налоксонот е на Листата на основни лекови на Светската здравствена организација (СЗО). Основните лекови се оние што ги задоволуваат приоритетните потреби во здравствената грижа на популацијата. Тие се избрани како резултат на распространетоста на болестите што ги третираат, доказите за нивната ефикасност, безбедноста при употребата и компаративната финансиска исплатливост. Основните лекови треба да бидат достапни секогаш, во доволна количина, во доволна доза, со сигурен квалитет и цена што поединецот и заедницата можат да си ги дозволат. Целиот извештај може да го преземете тука.

Водич за третман и за грижа на децата кои употребуваат дроги

Употребата на дроги меѓу децата во Македонија е проблем кој е сè повидлив и кој бара сериозен пристап и многу брза реакција како на професионалците кои работат на ова поле така и на носителите на одлуки во воспоставувањето на промени во здравствениот и во системот на социјалната заштита. Она што е клучно во овој момент е надлежните министерства, пред сè, Министерството за здравство и Министерството за труд и социјална политика заеднички да работат на отворање програми за третман и за грижа на децата кои употребуваат дроги. Вакви програми во овој момент не постојат во Република Македонија.

Овој Водич е наменет, пред сè, за професионалците вклучени во третманот и кои се грижат за децата кои употребуваат дроги, но исто така има цел да даде насоки за креирање на политиките поврзани со третманот и со грижата на децата кои употребуваат дроги, па затоа него можат да го користат и носителите на одлуки.

Насоките дадени во Водичот се однесуваат на сите видови програми за третман и за грижа на децата кои употребуваат дроги, вклучувајќи ги и програмите за ресоцијализација и за рехабилитација. Најдобро е овие програми да бидат комплементарни и што повеќе услуги да се добијат на едно место. Исто така е потребно да се формира функционален систем за соработка и за препраќање. Водичот може да го преземете тука.

Застапување од/во заедницата за подобрување на квалитетот на програмите за лекување на зависности од дроги во Скопје

Овој документ го опишува процесот на застапување за подобрување на програмите за лекување зависности од дроги во Скопје, финансирани од државниот буџет, што Здружението ХОПС – Опции за здрав живот и Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ почнаа да го спроведуваат во 2012 година и продолжија со збогатени активности во 2013 година.

Тековното мониторирање на процесот на застапување овозможи појасен увид во дел од факторите што го засегаат застапувањето: 1. се идентификуваа дел од институционалните бариери што го отежнуваат застапувањето; 2. се стекна појасен увид за мотивираноста на заедницата за застапување на сопствените интереси; 3. се стекна појасен увид за влијанието на меѓучовечките односи врз застапувањето; 4. се изврши процена на ефикасноста на напорите за застапување, што помогна за корекција на постоечките и развивање нови пристапи во застапувањето за подобрување на квалитетот на програмите за лекување на зависности од дроги во Скопје.

Увидувањето на понапред наведените фактори ја оправда главната цел на мониторингот од/во заедницата чија намера беше да се оцени ефикасноста на напорите за застапување и да се развијат нови пристапи во застапувањето за подобрување на квалитетот на програмите за лекување зависности од дроги во Скопје. Целата публикација може да ја симнете тука.

 

ИЗЛЕГУВАЊЕ ОД ПЛАКАРОТ? Оцена и процена на застапувањето за подобрување на квалитетот на програмите за лекување зависности од дроги во Скопје

Во овој документ се изнесени оцените од активностите за мониторинг и застапување од/во заедницата за подобрување на квалитетот на програмите за лекување зависности од дроги во Скопје  кои се финансираат од државниот буџет. Оценувањето се однесува на периодот од почетокот на спроведувањето на мониторингот и застапувањето во декември 2011 година заклучно со јуни 2014 година. Активната вклученост на лицето кое ја спроведуваше евалуацијата во активностите за мониторинг и застапување претставува огромна предност, овозможува оценувањето да се прави низ призмата на поширокиот општествено-политички контекст со што се олеснува разбирањето на слабостите и се потенцира успешноста.

Имајќи го предвид постоечкиот општествено-политички контекст, активностите за застапување можат да се оценат како успешни. Според плановите беше формиран тим за застапување од кој се издвоија неколкумина помотивирани поединци подготвени да продолжат со застапување на правата и на интересите на луѓето кои се лекуваат во програмите за зависности во Скопје. Иако со променлива динамика и со чести падови на мотивацијата, овој тим спроведе повеќе активности за застапување насочени истовремено и кон подобрување на квалитетот на програмите за лекување зависности од дроги и кон анимирање на заедницата за поактивно самозастапување.

Иако во Македонија не постои поддржувачка околина за развој на „грас рут“ (grass root) активизам меѓу луѓето кои се лекуваат од зависности од дроги, мониторингот и застапувањето создадоа плодна основа за развој на граѓанската свест во оваа заедница и за поттикнување на активистичкиот дух. Почетната основа може и треба да се искористи за понатамошен развој на активистичкиот дух и за создавање критична маса која ќе може да предизвика поголеми промени за подобрување на квалитетот на програмите за лекување зависности од дроги.

Pages