Прес конференција на Платформата за одржливост на сервисите за превенција и поддршка за ХИВ

​Вчера, претставници на платформата од 16 здруженија коишто секојдневно работат на превенција, грижа и поддршка за ХИВ помеѓу ранливи групи граѓани, организираа прес конференција за да го изнесат својот став во врска со новите случаи на ХИВ, начинот на известување на јавноста и пренесувањето на пораките за пренос и превенција на ХИВ.
 
На прес конференцијата упатија апел до сите дека сензационалстичкиот начин на известување за местото на живеење, возраста, образовната средина, сексуалното однесување и сл. не само што можат да доведат до индиректрно разоткривање на нечиј идентитет, туку и сериозно ги обесхрабруваат луѓето да се тестираат за ХИВ; а оние што веќе се тестирале и се ХИВ-позитивни, ги одвраќаат од тоа да побараат здравствена грижа и да пристапат кон лекување. 

 

Прва национална конференција за политики за дроги

Почитувани,
 
Денес, 30ти септември, во организација на ХОПС – Опции за здрав живот Скопје ,ќе се оддржи Првата национална конференција за дроги.
 
Покрај домашни експерти, пратеници, претставници на политички партии, како говорници на конференцијата се и Јиндрих Воборил, Национален координатор за дроги на Република Чешка, Јака Битенц од Словенечкиот социјален клуб за канабис, Иван Варентцов од Фондацијата Андреј Рилков од Русија. 
 
Со оваа конференција сакаме да креираме простор за рефлексија, дебата и анализа на постоечката политика за дроги во нашата земја и влијанието која таа го има врз здравствениот систем, социјалната политика, економијата, безбедноста, но пред се врз животите на нашите граѓани. Затоа што само онаа политика која постојано се преиспитува и дополнува согласно добрите практики  може да биде успешна. 
 

Ве покануваме на дебата и промоција на новиот број на „Дроги – Политики и практики“

На 30ти септември (вторник), во 19:30 часот, во просториите на Автономниот Културно Социјален Центар, ќе се организира дебата на која ќе биде отворено прашањето за соодветна законска регулација на употребата на дроги. 
 
На дебатата ќе зборуваат: Мариглен Демири (Солидарност), Влатко Деков (ХОПС), Филип Достовски (Зелена алтернатива) и
Јака Битенц (Словенечки социјален клуб за канабис). Модератор на дебатата: Ирена Цветковиќ (Коалицијата СЗПМЗ). 
 
Истовремено, во рамките на отворената дебата ќе биде промовирано новото издание на списанието „Дроги – Политики и практики“, чијашто носечка тема е „Дроги и законодавство“, овојпат достапно и во електронска, онлајн верзија.
 
Во продолжение ви презентираме дел од воведниот текст на Влатко Деков, кој укажува дека казнените мерки самостојно, без оглед колку се тие строги, не ја постигнуваат целта за намалување на употребата на дроги. Уште полошо, во многу случаи оние закони што ја криминализираат употребата доведуваат до негативни последици како што се: стигматизација на корисниците, нарушување на човековите права, отежнат пристап до третман и ресоцијализација итн.

Нова публикација за хепатит Ц и употреба на дроги

 ​Иницијативата за хепатит Ц на Корелејшен мрежата (Correlation Network), со гордост ви ја претставува публикацијата "Вирусен хепатит и употребата на дроги во Европа" - како додаток на "Списанието за инфективни болести" на БМЦ. 

Публикацијата содржи статии и дискусија, кои демонстрираат висок застапувачки потенцијал на постоечките истражувања за хепатит Ц - што на интелигентен начин се стремат да ги трансформираат постоечките политики на јавно здравје во Европа и презентира ставови/коментари за важни прашања од областа, притоа давајќи увид во досегашните искуства.

Во продолжение ви ги презентираме насловите на статиите со линк до целосните текстови на англиски јазик. 

Прва Европска конференција за хепатит Ц и употреба на дроги

 
Осетното зголемување на товарот на ХЦВ во Европа одвај се рефлектира во свесноста за проблемот и вниманието што се посветува на ова прашање. Сепак, наскоро се очекуваат промени во однос на ваквата ситуација. Веќе се воведуваат високо ефективни нови третмани и се поголемо е разбирањето дека проблемот постои и дека итно се потребни инклузивни политики што ќе обезбедат лесен пристап до тестирање и лекување.   

Универзален пристап за лекување на хепaтит Ц, вклучително со пристап и за активните корисници на дрога

Во Република Македонија, според досегашните спроведени биобихејвиорални истражувања помеѓу корисниците на дроги, околу 75% од тестираните активни корисници на дроги кои инјектираат се носители на вирусот на хепатит Ц. И покрај оваквите сознанија, активните корисници на дрога немаат пристап до терапија за хепатит Ц, односно како услов за лекување се бара корисниците на дроги најмалку 12 месеци да апстинираат од употреба на дроги и/или да се вклучени во некои од програмите за лекување на зависности од дроги. Како главна причина за овој услов, здравствените работници го наведуваат ризикот од можна повторна инфекција и залудно потрошени средства за лекување.
 
Ова прашање предизвика жестока дискусија и спротивставени ставови на учесниците на вториот ден од конференцијата „Достапност на третманот за хепатит Ц за корисници на дроги во Република Македонија – добри практики и предизвици“ (Охрид - март, 2014). За повеќе информации, погледнете го видеото.

Повик против казнувањето на поседувањето и употребата на дроги

На 9 септември 2014 година во Њујорк Глобалната комисија за политики за дроги го промовираше новиот извештај „Преземање контрола: Патишта кон функционални политики за дроги“.
 
Членовите на Глобалната комисија за политики за дроги преку извештајот повикуваат на прекратување на политиките за прекршочен и кривичен прогон на луѓето кои употребуваат дроги, односно кои поседуваат дроги за лична употреба, и ги повторуваат барањата за декриминализација на дрогите, препораките за алтернативите затворските казни, притоа нагласувајќи го значењето на јавното здравје.
 

Хепатит - Размисли повторно!

На 28ми август, милиони луѓе ширум светот зедоа учество во кампањата на овогодишниот Светски ден на хепатит којашто се оддржа под мотото „Хепатит: Расмислете повторно”, со цел да ја подигнат свесноста за вирусниот хепатит и да повикаат на брзо делување од страна на владите и одговорните институции за подобрување на пристапот до лекување и програмите за превенција на хепатит Ц.
 
​Како дел од оваа кампања, погледнете го видеото од првиот ден на конференцијата што ХОПС - Опции за здрав живот Скопје ја организираше во периодот од 14ти до 16ти март оваа година, на тема „Достапност на третманот за хепатит Ц за корисници на дроги во Република Македонија – добри практики и предизвици“.
 

Хепатитот Ц е сериозен јавно здравствен проблем!

​Иако товарот од болеста предизвикана од вирусите на хепатит расте, проблемот останува игнориран во пошироки рамки или непознат за повеќето од креаторите на политиките, здравствените работници и јавноста. 

Вирусот на хепатит Ц продолжува да погодува стотици луѓе во светот и се смета за сериозен јавно здравствен проблем! 

Според Светската здравствена организација, околу 150 милиони во светот живеат со  хронична инфекција на вирусот на хепатит Ц, а секоја година во светот умираат повеќе од 350 000 луѓе заради болеста предизвикана од овој вирус.

Поради начинот на пренесување, најпогодени се луѓето кои инјектираат дроги. Затоа, обезбедувањето терапија за нив треба да биде императив, како за владите, така и за здравствените професионалци.
 
ПРИСТАП ДО ЛЕКУВАЊЕ ЗА СИТЕ НА КОИ ТОА ИМ Е ПОТРЕБНО!
 

Pages